Достапни линкови

„Филмски град“ на Анѓелков – микс на книжевното и филмското писмо


„Филмски град“ Игор Анѓелков 2
„Филмски град“ Игор Анѓелков 2

Деновиве, како 13 издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа од Скопје, излезе од печат книгата „Филмски град“ на новинарот, филмски критичар и писател Игор Анѓелков. Станува збор за негова втора објава, по „Филм.мкд“ од 2015 година, која ја третира Седмата уметност и за „сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“.

По нешто повеќе од две години од појавата на „Филм.мкд“, книгата за која ја доби и Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, новинарот, филмски критичар и писател Игор Анѓелков еве го со втората објава која ја третира Седмата уметност. „Филмски град“ се појави како 13 издание во есеистичката едиција „Или-Или“ на истоимената издавачка куќа и во неа авторот не само што продолжува да ги следи случувањата во македонската кинематографија низ серија осврти кон филмовите снимени во последниве неколку години, туку го раширува концептот.

„Предизвик беше да се направи неформално продолжение и токму затоа решив она што го започнав како приказна во „Филм.мкд“ да го продолжам барем во првите две поглавја на „Филмски град“. Во првото поглавје ги третирам рецензентски сите оние филмови што излегоа од 2015 година наваму а не влегоа во првата книга. Со тоа всушност ја покривам комплетната македонска кинематографија долгометражен филм во 21 век, а потоа имам една малечка посвета на прерано починатата авторка Билјана Гарванлиева, еден убав разговор чисто да остане како документ“, вели Ангелков.

Појаснува дека во следните осум поглавја имал намера книгата да ја отвори за некои поинакви води и пишувал и за балканскиот, европскиот и светскиот филм. Згора на тоа вели дека во вториот дел од книгата се решил низ есеистички текстови да ги обработи и тематските филмови и класиците, за на крајот да понуди и шест текстови во кои комплетно и на свој начин се занимавал со филмските жанрови, како мала енциклопедија наменета за сите читатели и возрасти.

„Имам обработено шест филмски жанрови со најрепрезентативните претставници, режисери и филмови на кои помладата публика треба да обрати внимание и ми се чини дека книгава испадна еден есенцијален еклектичен производ кадешто филмот се третира на различни начини, меѓутоа во фокусот е дефинитивно седмата уметност“, вели тој.

Инаку, писателката Оливера Ќорвезироска, печатењето на „Филмски град“, ќе го проследи со свое видување во кое, меѓу другото, пишува:

„Игор Анѓелков е еден од ретките поинакви проследувачи на филмот кај нас, со осврти во кои вградувајќи ги сето свое знаење и љубов кон Седмата уметност, речиси секогаш вклучува и еден вид книжевен дискурс збогатен со парчиња од интимното животно искуство. Токму во ваквиот микс на книжевното и филмското писмо, Анѓелков си го изгради својот препознатлив творечки ракопис со сѐ појасно и повидливо место на нашата културна сцена. Двете нишки во неговото писмо не си одземаат ништо едната на другата, напротив, постојано си додаваат, затоа што никогаш немаат натпреварувачки однос. Примарниот интерес секогаш е јасен и прецизен, а поддршката од секундарниот е само продлабочување на аспектот, препознатлив личен авторски белег. Нивните позиции се менуваат од наслов во наслов на Анѓелков, во зависност од тоа дали издава публицистичка, есеистичка, критичка книга или белетристичка (раскази, романи). Хибридниот интерес на Анѓелков спонтано се движел и кон хибридизација на стилот, делумно и на жанрот на негово писмо. Затоа сето ова изгледа толку автентично. Кога писателот сака филм, а филмаџијата книжевност, настануваат книги како „Филмски град“ – сериозна филмска студија со фина книжевна сенка на стручните, компетентни реченици“.

​Кон овие нејзини зборови и малку фактографија. Роден 1974 година, Игор Анѓелков дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиумско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година преку рецензии во различни дневни, неделни и месечни весници, како автор на филмската радио-емисија „REDRUM“ на Канал 103, а веројатно е најпрепознатлив по филмскиот магазин „Филмополис“ на ТВ Телма, кој во етерот се емитуваше единаесет години (2003-2014).

Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“, „Филозофски филмски фестивал“, а од оваа година е селектор на филмовите во официјалната програма на филмскиот фестивал „Киненова“.

Освен „Филмски град“ и „Филм.мкд“, Анѓелков е автор и на прозните книги, збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).

И, кога сето ова е познато, прашан за тоа каде ќе биде следниот негов исчекор Игор знае да каже дека „иако останува доследен проследувач на филмската уметност, негова следна фасцинација веројатно би била прозата и нов роман“.

„Во моите текстови се испреплетуваат книжевноста и класичната филмска рецензија и гледам дека тој израз, барем на социјалните мрежи кадешто најбрзо и најдоследно можеш да ја видиш веднаш реакцијата на твоите „пријатели“ или можеби „непријатели“, им одговара на луѓето, сакаат да го читаат, им значи како некакво освежување, така што навистина и не знам како ќе се развива мојот ракопис. Веројатно како стареам и добивам на искуство сето тоа би било поинтересно, пошарено и поеклектично“, смета Анѓелков.

Кон сево ова само уште и информацијата дека дизајнот на корицата на „Филмски град“ е на Бојан Ивановиќ од „Бригада.мк“, а излегувањето на книгата е финансиски поддржано од Министерството за култура.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG