На писателот Петар Андоновски во нецели три години му се повторува една те иста бирократска приказна. Тој најнапред во 2013 година со својот дебитантски роман „Очи со боја на чевли“ беше вистинско книжевно изненадување. Делото беше пречекано со многу позитивни реакции и од литературната критика и посебно од читателите, а во исклучително силна конкуренција влезе и во финалниот избор за „Роман на годината“ на Утрински весник.
Ова е еден чин на заеднички пркос, да кажам позитивен инает. Се радувам што се обединивме околу нешто убаво, а тоа убаво е што имаме нова книга, одличен роман којшто ќе им биде достапен по една навистина симболична цена на сите читатели.Ненад Стевовиќ, книгоиздателство ИЛИ – ИЛИ.
Но, наспроти ваквото сознание, треба да се знае дека романот претходно не беше поддржан од Министерството за култура, па затоа самостојно го публикуваше издавачката куќа „Кликер книги“.
Не многу потоа, сторијата за жал се повтори и со следбеникот „Телото во кое треба да се живее“. Од ИЛИ-ИЛИ велат дека по успехот со првичната прозна објава очекувале новата да ја добие потребната поддршка од ресорното Министерството. Но, тоа сепак не се случи, та дури и по вложениот приговор авторот и издавачот повторно добиле негативен одговор.
Откако ја слушнав веста, првичната реакција ми беше многу гневна. Полна лутина, но ниту една комисија нема и не може да ми ја уништи желбата за пишување. Јас и понатаму продолжувам со пишување и со конкурирање во Министерството за култура, а тие и понатаму нека продолжат да не ги финансираат моите творби. И без нивната подршка моите книги сепак си го наоѓаат патот до читателите.Петар Андоновски, писател.
Се разбира причините не им се познати („Сигурни сме дека проблемот не е во Комисијата за издаваштво, туку во некои задолжени за штиклирање и пречкртување во самото Министерство за култура“), но наместо да се предадат и да кренат раце од објавата, решиле да го остават „Министерството да не си ја работи својата работа“, а тие на свој начин да го стокмат новиот роман на Андоновски и наново да допрат до читателите. И еве го „Телото во кое треба да се живее“ во продажба по цената на печатење - само 50 денари.
Појаснувањето потем ги носи следните факти - авторот Петар Андоновски се откажал од хонорар, ИЛИ-ИЛИ од „добивката“, а своите услуги бесплатно ги понудиле Оливера Ќорвезироска која ја направила лектурата, Маја Бојаџиевска – авторката на поговорот за книгата, Марија Смилевска, чија илустрација е на обвивката, Бојан Ивановиќ од Бригада.мк кој го стокмил дизајнот на кориците, како и Снежана Младеновска Анѓелков, задолжена за графичката обработка.
Згора на тоа, со цел романот да биде достапен до пошироката публика, тие заедно одлучиле 50 примероци од книгата да и подарат на НУБ „Св. Климент Охридски“ за да ја дистрибуира до библиотеките низ Македонија.
„Оваа книга денес излезе од печат. Ќе се продава за само 50 денари. Такво нешто досега не се случило во нашава земја. По тонот на мојот глас можеби можете да слушнете, да препознаете, дека тука нема гнев. Ова е еден чин на заеднички пркос, да кажам позитивен инает. Се радувам што се обединивме околу нешто убаво, а тоа убаво е што имаме нова книга, одличен роман којшто ќе им биде достапен по една навистина симболична цена на сите читатели“, вели Ненад Стевовиќ од книгоиздателството ИЛИ – ИЛИ.
Авторот Андоновски знае да каже дека е навистина изненаден што по втор пат неговите книги не ја добиваат подршката од Министерството за култура, но потенцира дека „ниту една Комисија нема да му ја уништи желбата и потребата за пишување“.
„Откако ја слушнав веста, првичната реакција ми беше многу гневна. Полна лутина, но ниту една комисија нема и не може да ми ја уништи желбата за пишување. Јас и понатаму продолжувам со пишување и со конкурирање во Министерството за култура, а тие и понатаму нека продолжат да не ги финансираат моите творби. И без нивната подршка моите книги сепак си го наоѓаат патот до читателите“, вели тој.
И колку за потсетување, роден 1987 во Куманово, Петар Андоновски е автор на три книги. Во 2008 година ја објави поетската збирка „Ментален простор“, а потем излегоа и двата негови романи „Очи со боја на чевли“ (2013) и актуелниот „Телото во кое треба да се живее“.
За него, Маја Бојаџиева, во подолгата рецензија, пишува дека тоа е дело кое, на извесен начин, ја продолжува тематската преокупација на авторот од првата книга.
„Ако во ’Очи со боја на чевли‘ Андоновски успеа да се издвои со начинот на претставување на едно постоење во светот кој за авторот е, очигледно, лишен од некоја суштина (освен онаа на надзорот и контролата), постоење кое е сведено на нешто едвај повеќе од голиот живот (базично психологизиран во опсесиите и стравовите, копнежите и изневерувањата, траумите и отпорот на двата лика), авторот сега повторно прави краток роман со прегнантна нарација, повторно ни ја нуди сликата на празниот, но дотолку повеќе, тегобен свет во који ликовите се соочуваат со фантомите на својот гол живот“, пишува Бојаџиева.
Згора на тоа, таа потенцира дека романот има осумнаесет кратки поглавја во кои постапно, но без дистанца, со непосреден и едноставен, но, во суштина моќен јазик, се портретира, навидум, психолошкиот профил на Бригита, но, се разбира, зад убедливата психологизација на тегобноста, траумата, бесмисленоста на нејзиниот живот, Андоновски успева да ги вметне своите автентични идеолошки пораки.
„Оттука, кога би се рекло дека овој млад автор со раритетна уметничка интуиција создава убедлив лик на фрустрирана жена на крајот од средната доба, со тоа само би се пренебрегнала вистинската димензија на оваа проза која лежи во моќната идеолошка и во крајна линија, политичка порака на Андоновски“, пишува Бојаџиева.
Инаку, за „Телото во кое треба да се живее“ авторот и издавачот засега не планираат класична промоција, туку само средба со читателите којашто треба да се обистини овој петок во книжарницата ИЛИ-ИЛИ.