По збирката раскази „Кротки приказни“ од 2006 година и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фотосинтеза“ (2013), еве го новинарот, филмски критичар и писател Игор Анѓелков со нова објава. Нималу зачудно, ако се знае неговото битисање во медиумите, во култните Канал 103, Радио Равел, посебно Телевизија Телма ( во периодот од 2003 до 2014 беше автор и водител на хрониката „Филмополис“) и во дневниот печат, тој овојпат на виделина, како десетта објава во есеистичката едиција на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, ја извади „Филм.МКД“, книгата која несомнено претставува самосвоен преглед на македонскиот филм во новиот милениум и со самото тоа е уште еден од ретките обиди да се надополни недостатокот од овој тип публикации кај нас.
Така природно се наметна таа да се вика „Филм.МКД“ бидејќи мислам дека има многу малку филмолошка литература за македонскиот филм, изданијата се бројат на прсти, и ми се чини дека оваа моја книга е фин придонес кон сето она што се случува во македонската кинематографија особено во овој 21 век.Игор Анѓелков, новинар, филмски критичар и писател.
„Филмополис“ одеше во етерот како единствена емисија за филм 11 години и, за жал. По нејзиното укинување едноставно се наметна идејата сето тоа што го работев во претходната декада и кусур да го ставам во еден друг медиум – во книга, бидејќи сметам дека книгата е онаа која останува за следните генерации иако не смее да се заборави дека електронските медиуми денеска го имаат приматот и си ја вршат својата функција. Меѓутоа и додека ја работев емисијата цело време имав на ум дека еден ден од сиот овој материјал ќе излезе книга. Така природно се наметна таа да се вика „Филм.МКД“ бидејќи мислам дека има многу малку филмолошка литература за македонскиот филм, изданијата се бројат на прсти, и ми се чини дека оваа моја книга е фин придонес кон сето она што се случува во македонската кинематографија особено во овој 21 век“, вели Анѓелков.
Појаснува дека згора на тоа има и многу интервјуа со гости учесници на фестивалите кај нас и дека можел да развие друг концепт за книгата, меѓутоа конечно сепак сметал оти ако се фокусира на македонскиот филм е она суштинското кое што треба да се направи во овој момент.
М-р Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Агенцијата за филм, во поговорот за книгата пишува дека „конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек на филмот токму во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува домашниот филм низ сведоштвата на директните протагонисти во приказната, а од друга истото претставува документ – тестамент во кое филмската уметност кај нас создаде творби кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и не навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин“.
Имајќи го ова во предвид Анѓелков истакнува дека македонскиот филм во периодот од 1944 до 1991, до осамостојувањето на земјата, создал 50-тина дела на кои домашната публика понекогаш чекала и по неколку години. Вели дека на почетокот од 21 век, за среќа, кај нас се снимаат многу филмови – по два-три годишно, и дека тоа може само да не радува бидејќи многу од режисерите од постарата, средната, па и новата генерација имаат во себе приказни кои треба да ги раскажат и дека овие 25 транзициски години акумулираа многу стории кои неминовно заслужуваат да се најдат на големото платно.
„Токму тоа беше предизвик за мене да се соочам со нашите филмаџии, со кинематограферите, со филмската екипа и со актерите, да го извлечам од нив она што го носат како чувство кога го креираат и кога играат во еден филм и треба да ја претстават приказната на големото платно. Сето тоа како емоција е пренесено во „Филм. МКД“ и се надевам дека ќе наиде на интерес кај читателите. Особено ме радува тоа што успеав на некој начин крајот од книгата да го оставам како отворен прозорец кон иднината за развој на македонската кинематографија , бидејќи иако трите нови македонски филмови се снимаа оваа година и сеуште не ја доживеаја својата премиера сепак јас направив интервјуа со младите филмаџии кои ги снимија своите први филмови Ѓорче Ставрески, Даријан Пејовски и Вардан Тозија и на некој начин, како премин во можеби некоја моја следна книга, да претставам што се случувало во македонската кинематографија во новиот милениум, но што ќе се случува и понатаму во следните години.“
Со овие зборови тој потврдува дека приказната е сеуште отворена без разлика што филмско-телевизискиот магазин „Филмополис“ е во меѓупростор и тој како автор чека едноставно да се наредат коцките.
„Јас и понатаму го проследувам македонскиот филм. Социјалните мрежи се тука, достапни се во секој момент да се искоментира филм, да се пренесе преку филмска рецензија сето она што го имам, го носам и го согледувам во себе такашто ми се чини дека оваа приказна природно си продолжува и понатаму ќе видиме, во зависност од тоа како ќе се наредат коцките, во кој медиум тоа ќе продолжи да се тркала.“
Роден 1974 година, Игор Анѓелков дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на тема „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на книжевноста, музиката и особено филмот, а долго време беше водител во скопските радија Канал 103 и Радио Равел. Повеќе од една декада е уредник на популарната едиција "ПРОаЗА" во книгоиздателството ИЛИ-ИЛИ, а исто толку години беше автор на филмскиот магазин "Филмополис" што се емитуваше на телевизија Телма.
Бил член на жири комисиите на домашните филмски фестивали „Македокс“, „Осфаф“ и „Ехо“...а „Филм.МКД“ е прва негова теориска објава.