Денес, кога сè е реално шоу, и вестите од воените жаришта, и смртта, и свирепите и „обични“ убиства, и трагичните по обем незапамтени преселби и илјадниците милји повторно поставена бодликава жица, и семејството, и најдлабоката интима...го креваме кроткиот, тивок Синедејс – спротивност на реалните шоуа, парадата, фанфарите, китењата, полуписмените старлети, политикантските и медиумски барбики – окупатори на сиот јавен простор. Смогнете сили и елајте на Синедејс, истапете од погореповиканите! Денес, велат за „слободниот“ свет, битисувајќи критичен, интелектуален, бунтовен и жив, е опасно, и демоде! Бидете демоде!
Голем е мигот за мене што по долги години успеваме да го отвориме фестивалот со македонскиот филм - „Три дена во септември“ на Дарјан Пејовски, кој е во Официјална конкуренција за награди.Златко Стефковски, директор на МКЦ.
Ова ќе го забележи во своето послание Златко Стефковски, директор на МКЦ, во пресрет на 14-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Годинава, како што пишува тој, „Хотел Синедејс“, од 12 до 21 ноември, обезбедува двонеделен полн пансион и со својот персонал и редовните гости, со внимателно одбраното филмско мени и громогласната музичка понуда, едноставно нуди борба против стигмата за т.н здодевен европски филм.
Ова подразбира дека ќе бидат прикажани повеќе од стотина филмови селектирани во неколку категории, Официјална, СинеБалкан, Гала, Музички документарци, Летонски и Македонски кратки филмови.
Во Гала програмата, како што велат организаторите, ќе се најдат најнаградуваните и најпознатите режисери во годинава која полека заоѓа. Тука се Томас Винтерберг со „Далеку од безумната толпа“, Сузан Биер со „Втора шанса“, Паоло Сорентино со „Младост“, Матео Гароне со „Приказна над приказните“, Александар Сокуров со „Франкофонија“, Никита Михалков со „Сончаница“, Вим Вендерс со „Сè ќе биде во ред“, Нани Морети и „Мојата мајка“, Гаcпар Ное и контроверзниот „Љубов“, како и редовниот „гостин“ на „Хотел Синедејс“ - Вуди Ален со неговото последно дело „Ирационален човек“.
И кога сме веќе тука, не смее да се заборави дека, во овој сериозен хотел се очекуваат и сериозни гости – годинешниот кански победник „Дипан“ на култниот Жак Одијар и разбирливо главните актери од филмот.
Во Официјалната програма и програмата СинеБалкан, како и во изминативе години, ќе бидат прикажани филмови на млади режисери за кои слободно може да се рече дека се дел од иднината на европската кинематографија. Така во првата селекција ќе ги видиме „Помеѓу 10 и 12“ на Петер Хугендорн, белгискиот „Далеку одовде“ на Хуго Бушет, полскиот „Хемотерапија“ на Бартек Прокопович, чешко-словачката копродукција „Коза“ на Иван Остроховски...а во СинеБалкан - „Таткото“ на Висар Морина, бугарскиот „Жед“ н Светла Торсокова, „Загреб Капучино“ на Вања Свиличиќ кој беше прикажан на Пулскиот фестивал и други.
Она, што во случајов е исклучително важно е што за првпат, по многу години, манифестацијата ќе започне со македонски филм - „Три дена во септември“ на режисерот Дарјан Пејовски, кој пак својата светска премиера ја имаше на почетокот од септември годинава на Филмскиот фестивал во Монтреал, Канада.
„Голем е мигот за мене што по долги години успеваме да го отвориме фестивалот со македонскиот филм - „Три дена во септември“ на Дарјан Пејовски, кој е во Официјална конкуренција за награди“,ќе рече Стефковски.
И, уште нешто. Како новитет „Хотел Синедејс“ ја воведува практиката за доделување на парични награди за најдобрите филмови ( 5.000 евра) во Официјалната селекција и Сине Балкан, со што како што велат организаторите, Фестивалот ќе биде „позициониран во навистина сериозните во европски рамки“.
За плениците на современиот урбан звук 14-от Синедејс подготви и богата понуда на музички документарци и дузина сценски перформанси.
Во неа се филмскиот мегахит за прерано починатата Еми Вајнхаус, кој веќе ги полни кино салите ширум светот, „Страста и звукот во Западен Берлин 1979-1989“ – филм, кој музички ја опишува последната декада во овој град пред конечното паѓање на ѕидот, последниот документарен филм посветен на култните МОРФИН - „Патување од соништа“, во кој за басистот и починатиот лидер Марк Сендмен и деновите на слава говорат преостанатите двајца членови – Дана Кули и Џероум Дипри.
„Куриозитет е филмот „Кучешко срце“, концептуално дело на големата Лори Ендерсон кое ќе го прикажеме веднаш по премиерата на фестивалот во Венеција во септември. Тука е и светска премиера на филмот за македонската хип хоп сцена насловен „Сложувалка“, а потоа следуваат филмовите „Денови на салатата“, филм за панк сцената во осумдесеттите години во Вашингтон, филмот „Копирањето како применета уметност“ за една од најголемите субверзивни „акции“ на словенечкиот арт-колектив NSK од Словенија, кои во 1987 предизвикале мега скандал со дизајнот за постерот по повод 25-ти мај - Денот на младоста“, вели Владица Младеновски - Грга, музички уредник на фестивалот.
Оваа селекција ќе биде следена со соодветна звучна обоеност, па така освен домашните херои и ЛЕТЕЧКИ ПЕКИНЕЗЕРИ, на подиумот се очекуваат британскиот тек хаус диџеј Тери Френсис, легендарниот хип-хоп артист Премиер, а за љубителите на инди-рок музиката ќе рокаат монтреалскиот дистописки арт-панк колектив СААНС и ЏЕРУЗАЛЕМ ИН МАЈ ХАРТ.
Во дослух, пак, со заложбата да се биде „критичен, бунтовен и жив“ на Синедејс ќе се случи и Меѓународна панел дискусија на темата: Миграции, со професори по социологија, политички науки и филм од регионот и Европа. На неа ќе се дискутира за актуелните прашања поврзани со напливот на емигранти од блискиот Исток.
„Темата не е филмска, но е актуелна, а Синедејс како ангажиран фестивал треба да поставува прашања“, вели Маргарита Арсова, координатор на фестивалот.
Во рамките на оваа, активна страна на манифестацијата ќе се одржи и работилница за развој на сценарија, од наградуваниот консултант и сценарист Роелоф Јан Минебо, како и предавање од проф. Вилијам Браун (Универзитет Рохемптон, Лондон) за умешноста на снимање на филм без буџет.
Покрај нив, планирана е и дебата посветена на ориенталната музика во филмот од проф. Берак Таранч (Универзитет Докуз Ејлул , Турција), како и предавање на проф. Сали Салији на вечната тема – филмската уметност и консумеристичкото општество.
И, кон ова само информацијата дека и годинава е отворен конкурсот за филмска критика на кој може да учествуваат сите гости - заинтересирани до 35 годишна возраст. Текстотите не треба да се подолги од една страница, а секој од пријавените може да испрати не повеќе од три рецензии за филмовите од репертоарот на официјалната селекција и СинеБалкан. Сите заинтересирани може да се пријавуват на contact@cinedays.mk најдоцна до 11 ноември, а потоа доаѓа следната фаза гледање филмови и пишување рецензии.
А, во пресрет на почетокот на „Хотел Синедејс“ гостите треба да знаат дека цената на билетите е по 150 денари за проекциите во киното Милениум, 100 денари за програмата во киното Фросина, а проекциите во Џебното кино се бесплатни. За средношколците и студентите е предвиден попуст од 50 отсто за секој билет.