Достапни линкови

Аница Добра - Слободата е она што самите ќе си го земеме


Уметноста не би смеела да има граници, знае да каже српската актерка Аница Добра во пресрет на примањето на наградата за особен придонес во светската филмска уметност што ѝ ја додели Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, што од 3 до 12 октомври се одржува во Скопје.

Не постои подобар начин да дојдам повторно во Скопје од овој и оваа чест што ми е укажана од страна на фестивалот „Киненова“. Не само актерот туку и секој човек секогаш се сомнева во себе, така да името на оваа награда е едновремено и дискутабилно и добро ско човек сака да се почувствува како крал за еден. Се работи за тоа дека животот оди понатаму и мора да оди понатаму и ние едноставно мора да се соочуваме со сите предизвици што тој ги носи, па затоа јас на оваа награда повеќе гледам како на една ода не за мене туку за филмот како таков и за сите луѓе што се занимаваат со него. Независно дали сме тоа ние што го креираме или оние кои го прикажуваат.

Вака српската актерка и балканска дива Аница Добра ќе го започне своето кажување во пресрет на примањето на наградата за особен придонес во светската филмска уметност што и ја додели Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „Киненова“, што од 3 до 12 октомври се одржува во Скопје.

„Сметам дека денес на филмската уметност повеќе од било кога ѝ е времето да се соочи со актуелните проблеми и преку филмот да ги прикаже и да и ги приближи на публиката. Во таа смисла оваа награда за мене има голема тежина и навистина ми е голема чест што овие неколку дена ќе ви бидам гостинка. Се чувствувам како да сум меѓу пријател, како да сум дошла дома и едвај чекам повторно да ги пробам македонскиот ајвар, пинџур и сето она што оваа земја може да го даде“, вели Добра.

И, чисто како потсетување. Кога ќе го спомнете нејзиното име пред вас излегуваат имињата на неколку неколку класични филмски остварувања: „Покондирена тиква“, „Веќе видено“, „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“…

Аница Добра дебитираше во краткометражниот филм „Пера Панкер“, за филмот „Веќе видено“ во 1987 година на фестивалот во Пула доби награда, подоцна во „Балкан експрес“ уште еднаш ја потврди својата актерска супериорност, а во меѓувреме настапуваше во белградските Атеље 212 и во театарот „Звездара“. Кон ова само уште информацијата дека не мал е бројот на делата што оваа српска филмска и театарска актерка во изминативе повеќе од три децении ги има снимено во Германија.

Потсетувајќи се на минатото, на делата како „Црниот бомбардер“ и посебно на „Како пропадна рокенролот“, Добра знае да каже дека „рокенролот не е пропаднат“. Вели дека токму филмот снимен во 1989 година „само го предвидел времето кое потем надоаѓа“.

„Тој филм му се потсмева на турбо фолкот. Му се потсмева на сето она што турбо фолкот го носи со себе и во тоа време додека го снимавме делуваше премногу филмски. Целото сценарио. И знаевме да кажеме „е ова е претерано, и ова е претерано“ и потоа животот едноставно не демантираше и ни покажа дека тоа е само увод во нешто што е многу полошо и многу подлабоко отколку што ние во филмот можевме да претпоставиме“, истакнува актерката.

Таа и со дополна дека навистина и е мило што и денес, по толку време, може да раскажува за „Како пропадна рокенролот“. Вели дека филмот е резултат на една студентска вежба, на дипломската работа на тројца студенти на белградската академија и дека нивната амбиција била само „дај Боже само некој, кој било да го види филмот“.

„Голема работа е кога млад глумец има можност, среќа и привилегија со своите млади колеги да влезе некако лесно во оваа работа. И потем да се опушти. Рокенролот не е само музички правец, туку и нешто многу повеќе од тоа. Рокенролот е показ за тоа дека животот секогаш оди понатаму и дека ние наново можеме да бидеме бунтовни во времето што доаѓа. Да ги посочуваме проблемите што тој живот ги носи и евентуално да ги решаваме преку филмот или на било кој друг креативен начин“, вели таа.

Прашана, пак, за тоа колку во споредба со тие времиња човекот, уметникот е слободен денес и посебно овде на Балканот, колку гласот може да му биде силен во однос на сето она што нам ни се случува сега, Аница Добра со одговор дека „слободата не е нешто што некој ти го дава, туку дека тоа е нешто што самите мора да си го земеме“.

Слободата не е нешто што некој ќе ти го даде. Слободата е она што самите ќе си го земеме. Тоа е нашето право што треба да го освоиме во било какви услови да живееме. Јас сум моментално во некоја животна фаза да не мислам дека сум закопана и дека сум во мрак. Сметам дека сум насадена и затоа сум во темнина и прашање на време е кога таа билка ќе никне над површината и ќе се размавне. Ќе почне да го живее сопствениот живот. Ние не сме она што сакаме да бидеме, туку она што мислиме за себе дека сме. И затоа сметам дека креативноста и филмот се поважни од било кога. И затоа би сакала некои државни структури и оние што даваат пари да го разберат тоа затоа што уметниците имаат една перспектива во погледот на нештата што на сите нам ни овозможува да размениме мислење што е некој, а што сме ние. Ние слободата ја имаме во себе. Немаше некои големи цензури во 1980-те и во 1990-те години и затоа сме овде. Постоиме. Затоа едноставно останува на нашиот креативен начин, а за добро на сите, да ја најдеме таа нишка која ќе ни овозможи да кажеме дека дишеме добро и дека сме слободни“, смета Добра.

Актерката и со експликација дека „ако постои битка, тогаш тука нема ниту победник ниту губитник“.

„Ако е битка помеѓу едни и други тогаш сите се привремени добитници и привремени губитници. Сè е привремено. Вистинската работа е кога ангажманот е како што треба и кога сите сме добитници. Кога она што е наша креација ќе допре до публиката“, тврди Аница.

Добра и со појаснување дека во нејзините години таа не може да си дозволи и посебно овде да очекува да добива само главни улоги. Дека протагонисти во дадениве услови се по некое непишано правило младите. Тие се оние кои ја крепат идејата и ја носат публиката во кината. Дека е многу убаво да живееш со своите години и да почнеш навреме да добиваш улоги на мајки, тетки, баби...

Треба да се биде отворен и да се соработува со младите луѓе затоа што тие се многу посупериорни отколку што своевремено сме биле ние. Посебно во времево кое и не е толку благодарно за уметност. Еве јас сеуште работам студентски филмови. Штотуку го завршив магистерскиот филм на Драган Николиќ кој тој го работеше по текстот „Павилјон“ на Милена Марковиќ. Тоа некако ме враќа на корените. Студентите можеби понекогаш неможат точно да се изразат што сакаат конкретно, но пукаат од идеи и мојата привилегија јас да чекорам, да горам со таа идеја“, вели актерката.

Таа знае да каже и тоа дека „живееме во време кога релативно малку се снимаат филмови, па затоа нејзиното прибежиште е театарот кадешто според годините што ги има може да очекува дека ќе добие улога со која подобро би можела да се изрази“.

Го сакам тој азил што го имам во театарот затоа што таму играм улоги кои мене лично ми се блиску до срцето. Многу ми се важни и претставуваат одличен тренинг за било што евентуално ќе дојде подоцна.

На забелешката дали можеби смета дека нејзината кариера можела да се одвива поинаку отколку да работи на два фронта – во родната Србија и во Германија, па дури и можеби професионално да се бави со пеење, Аница најнапред ќе каже дека иако немала амбиции откако некои продуценти го виделе „Веќе видено“ на Филмскиот фестивал во Пула, и не знаејќи дека говори германски, решиле да ја поканат да биде една од актерките која ќе се појави германско-југословенската копродукција што ја подготвувале. Копродукцијата пропаднала и таа ја одиграла својата прва улога во германски филм, а сето понатаму било само „синџир реакција“.

Стомакот отсекогаш ми зборуваше дека не треба да бидам само на еден простор – таму или овде. Дека тоа воопшто и не постои. Мене базата отсекогаш ми беше во Белград, но едно време многу повеќе снимав во Германија отколку во Србија. Патував таму – ваму и заклучив дека светот навистина е мал и дека тоа има свои предности, но и мани. Еве во Скопје само што дојдов од Долна Баварија, од Германија каде штотуку го завршив новиот филм. Не е лесно да се биде и овде и онде, да се снима ваму и таму, да се гостува со театарот каде што треба, но тоа е дел од живото и јас сето тоа така го прифаќам. Среќна сум што имам можности да патувам и така да го живеам својот професионален живот“, вели таа.

И, конечно на прашањето каков е нејзиниот став околу ангажираноста во уметноста, на филмот Аница Добра со став дека сè се менува. Дека она што било некогаш не може да биде денес. И дека тоа е добро оти суштината на животот е во промените. Какви и да биле. Подобри или полоши. Дека и едните и другите се всушност стрес. Дека и за едните или за другите е потребно иста енергија. Исто толку вложувања. Само дека зависи по кој пат човек сака да тргне. Појаснува дека имала чест да игра во филмовите не т.н. „прашка школа“ кои биле критични спрема општеството секогаш зачинети со некоја мала доза на хумор. Дека тоа бил начинот и естетиката на тие 1980-ти, 1990-ти години за пресметка со тогашната стварност.

„Денес живееме во време кое е многу брзо. Денешните промени тешко можат да се следат. Дури прашање е колку филмот може да биде актуелен во споредба со еден обичен телевизиски дневник кој знае да ни сервира толку многу шокантни вести и да не држи под тензија. Прашањето е како филмот може да се носи со секојдневието кое е толку брзо и неочекувано. Мислам дека допрва ќе дојде време кога дневно ќе доживуваме шокови со кои тешко дека ќе можеме да се носиме. Затоа единствена надеж ни се младите луѓе. Тие ќе го најдат својот пат бидејќи се живи. Тие се родени во тоа време. Ние, со обзир на годините што ги имаме, само се прилагодуваме. Од друга страна, денес идејата е највредната работа. Не се парите. Да се најде добра идеја е вистинското нешто. Идејата е она што ќе го продаде проектот каков и да е“, вели Добра.

Згора не можам да кажам дека некогаш немаше цензура. Имаше. Кругот се затвори и сега повторно започнува новиот во кој се наоѓаме во време кога се поставува прашањето дали уметникот смее и може да се изрази и до која мерка може тоа да го прави. Дојдовме и до цензурата и до автоцензурата која е многу полоша од самата цензура. Тоа е прашање на личната одговорност на секој од нас, поединечно. Колку и дали ќе учествува во тоа. И дали постои начин да се одбрани од таквите тенденции. Уметноста не би смеела да има граници. Некогаш границата бил продуцентот. Денес тоа е нешто многу повеќе, подлабоко и помрачно. Конечно, до каде ќе стигнеме зависи исклучиво од нас“, вели Аница Добра.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG