Достапни линкови

„Кружно патување на Марето“ - победник и на фестивалот „Вилмош Зигмонд“


Жарко Иванов, режисер
Жарко Иванов, режисер

„Кружно патување на Марето“, краткиот анимиран филм на режисерот Жарко Иванов, ја освои наградата за најдобар анимиран филм на штотуку завршениот прв филмски фестивал „Вилмош Зигмонд“. Манифестацијата во чест на неодамна починатиот унгарски кинематографер, инаку добитник на Оскар за класикот на Спилберг „Блиски средби од трет вид“ и на Бафта за „Ловец на елени“ од Чимино, се одржа од 10 до 13 мај во неговиот роден град Сегедин, а на македонското остварување ова му е шесто големо признание од повеќето од 50 учества на реномираните филмски фестивали.

„Кружно патување на Марето“, вториот дел од трилогијата на Жарко Иванов, по освоената „сребрена тула“ на „Анимакс“ во Скопје, изборот на најдобар анимиран филм на кинематографиите на Централна и Источна Европа во Кина, наградата „златен проектор“ на „Астерфест“ во Струмица, специјалното признание од Натпреварот за краток филм во Сан Диего, Калифорнија и наградата за најдобар анимиран филм на домашниот фестивал „Киненова“, се закити со уште убаво одличје. Прогласен е за најдобар анимиран филм на штотуку завршениот прв филмски фестивал „Вилмош Зигмонд“. Манифестацијата е востановена во чест на неодамна починатиот унгарски кинематографер, инаку добитник на Оскар за класикот на Стивен Спилберг „Блиски средби од трет вид“ и на Бафта за „Ловец на елени“ од Мајкл Чимино, и се одржа од 10 до 13 мај во неговиот роден град Сегедин.

Но, она што е значајно за неговите творци и воопшто за македонската кинематографија, е што во жирито кое ја доделило наградата биле светски познати филмски професионалци и теоретичари, зигмондови пријатели и соработници како Најџел Волтер, поранешен претседател на Имаго и потпретседател на Британското друштво на кинематографери, Пиер Филмон – член на жирито на фестивалот во Кан оваа 2017 година и автор на документарецот „Блиски средби со Вилмош Зигмонд“ и Сабор Габор, директор на фотографија во вилмошовиот филм „Долгата сенка“.

„Она што ме изненадува е дека една многу локална приказна беше призната од светските фестивали. Значи имаме една приказна за една краварка и имаме приказна за браќата Манаки, нешто што е многу наше, локално. И од таму запрепастеноста дека за сето тоа има толку голем интерес по светот. На одредени фестивали теоретичари за филм знаеја многу за делото на Јанаки и Милтон Манаки, значи имаа познавања за локалната историја на филмот и секако воопшто за Македонија“, вели режисерот Иванов.

Тој дополнува дека на „Кружното парување на Марето“ ова му е трета година како се прикажува на фестивалите по светот, дека досега со него биле дури на 50 реномирани филмски манифестации и таа бројка не е исцрпена, но дека полека би било редно „него да го пензионираат“. Имено, веќе е извесно оти екипата во која покрај Жарко Иванов се и соработникот на сценариото – писателот Александар Прокопиев, директорот на анимација Крсте Господиновски, монтажерот Гоце Цветановски и авторот на музиката Оливер Јосифовски, го привршува и новиот филм „Кружното патување на монахот“. За него режисерот знае да каже дека исто така е локална, по малку и контраверзна приказна за еден монах кој слика фрески на брегот на Охридското Езеро. Сепак, тој не се сомнева дека ќе понудат сторија којашто е наша, но и универзална. Светска.

„Јас сум убеден дека ние имаме многу приказни за раскажување. Имаме многу што да раскажеме и мораме нашето да го кажеме. Не можеме на Американците да им го раскажеме нивното, мораме да ги натераме да го видат и чујат нашето. Имаме приказни, ќе ги работиме и ќе ги раскажеме. Македонскиот филм веќе го има на светската мапа на анимиран филм“, смета Иванов.

Кон ова само уште информацијата дека „Кружно патување на Марето“, во периодот што следува, ќе биде и во официјалната конкуренција на филмскиот фестивал „Сантиаго дел Естеро“ во Аргентина, потем и на Кино „Азола“ во Словенија, на филмскиот фестивал СЕЕ во Париз, Франција и конечно во Берлин, Германија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG