Од три македонски филма во конкуренција на штотуку завршеното петто јубилејно издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, два поминаа одлично кај интернационалното жири во кое беа Марчин Лучај од Полска, Берин Тузлиќ од Босна и Херцеговина и нашиот Иван Ивановски.
Наградата ми е драга затоа што ова е само второ прикажување на „Кружното патување на Марето“ и тоа на специјализиран фестивал за анимација. Првата проекција беше на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ затоа што темата што ја третира филмот е за овие двајца славни кинематографери.Жарко Иванов.
Жарко Иванов за својот „Кружното патување на Марето“ ја доби втората награда или сребрената тула, а на „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш му беше доделено специјално признание.
„Наградата ми е драга затоа што ова е само второ прикажување на „Кружното патување на Марето“ и тоа на специјализиран фестивал за анимација. Првата проекција беше на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ затоа што темата што ја третира филмот е за овие двајца славни кинематографери и е еден спој на цртеж со видео, практично со филм, со филмските материјали снимени од браќата Манаки“, вели Жарко Иванов.
Владимир Лукаш, пак, истакнува дека многу го радува што расте интересот за анимацијата во Македонија, како кај авторите што сакаат да се занимаваат со тоа, така и кај публиката која беше најмногубројна на проекциите во петгодишната историја на ова културно случување.
„Годинашниот Фестивал беше посебен и поради тоа што имаше претставувања на три македонски анимирани филма. На Гоце Цветановски, на Жарко Иванов и мојот филм - „Девојката што паѓа“. Го работевме заедно со Жарко година и половина по сценарио на Иван Шопов. Филмот е работен во кат-аут техника која е една од најстарите техники на анимација. Работен е на мултиплан сет, на повеќе стаклени површини со хартиени карактери. Инаку, ваквиот успех нашите аниматори на „Анимакс Скопје Фест“ ме тера да помислам дека ни се случува „пролет на македонската анимација“, а за моето дело сметам дека токму сега почнува животот на „Девојката што паѓа“, вели тој.
Со слична размисла е и уметникот и аниматор Иван Ивановски, кој годинава беше во улога на член на интернационалното жири.
„Македонската анимација по квалитет веќе може да се носи со светската. Карактеристично за македонските филмови е што имаат артистички пристап. Едниот е направен со ротоскопија, со рачно направени цртежи, другиот исто во техника колаж која што ги потенцира уметничките квалитети на авторот. Имавме уште еден македонски филм, филмот на Гоце Цветановски - „Човекот што не сакаше да умре“ кој исто така остави добар впечаток кај публиката. Мислам дека нашата анимација навистина треба да се гордее со овој успех на Фестивалот. Три филмови продуцирани на едно високо естетско ниво навистина не е малку за една мала земја како што е Македонија“, вели тој.
Во контекст на ова, Жарко Иванов знае да каже дека анимацијата кај нас по долга пауза „полека повторно зема замав“ и дека повеќемина автори кои што соработуваат меѓу себе се ангажирани на неколку проекти. Тој дополнува дека со Лукаш од неодамна го подготвуваат новиот проект и истакнува дека тој со „Кружното патување на монахот“ кој е во фаза на постпродукција, и за кој се надева дека ќе биде готов некаде за година и половина, всушност ја завршува својата трилогија што ја чинат и „Кружното патување на сенката“ и сега наградениот „Кружното патување на Марето“.
Инаку, извесно е дека дури сега почнува животот на овие анимирани дела, па така не чуди кога авторот забележува дека во светот има многу фестивали за анимација и уште повеќе за филм кои што третираат анимација, па така ним им останува да ги следат конкурсите и да се обидат таму да ги пласираат своите филмски остварувања.