Достапни линкови

Анимакс Скопје фест - Пет години во движење


Педесетина филмови, од кои седум наменети на најмладите, ќе бидат прикажани на петтото јубилејно издание на Меѓународниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“, што од 5 до 8 ноември, во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и во Кинотека на Македонија. Фестивалот чија цел е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и за деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот овојпат ќе се одвива под мотото „Пет години во движење“.

Четириесет и четири филмови за возрасни и осум за деца, одбрани од досега рекордно пријавените 427 анимации од 56 земји во светот, меѓу кои најголем број од Франција, Хрватска, Шпанија, Германија, Полска, Италија, Бразил, ќе бидат прикажани во официјална конкуренција на петтиот Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“.

Судејќи по присуството на публиката и по бројката на филмови пријавени на Фестивалот мислиме дека „Анимакс“ си станува неопходен момент за сите оние што се занимаваат со анимација кај нас, а исто така сметаме дека сме добро позиционирани и на светската мапа на фестивали од овој тип.
Кузман Кузмановски, прв човек на продуцентската куќа „Аурипигмент“.

Манифестацијата чија цел е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и за деца кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот, годинава ќе се одвива под мотото „Пет години во движење“ и ќе се одржи во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар и во Кинотека на Македонија.

„Судејќи по присуството на публиката и по бројката на филмови пријавени на Фестивалот мислиме дека „Анимакс“ си станува неопходен момент за сите оние што се занимаваат со анимација кај нас, а исто така сметаме дека сме добро позиционирани и на светската мапа на фестивали од овој тип“, вели Кузман Кузмановски, првиот човек на продуцентската куќа „Аурипигмент“, организаторите на ова случување.

Тој појаснува дека во прилог на неговите зборови оди фактот што на 8-ми ноември, во 19.30 часот, во кино „Фросина“, е планирано да се случи светската премиера на перформансот „Легло за тебе“ од познатата шпанска авторка Диди Родан.

„На последниот фестивалски ден Родан ќе изведе перформанс со својата техника на анимирање со песок – емотивно визуелно доживување придружено со аудио перформанс надополнет со изведба на шпанска поезија од страна на Венецуелката Нидиа Морос. Позната под прекарите „волшебни раце“ и „песочна волшебничка“, таа е прва и единствена уметница која работи со оваа техника со песок во Шпанија, а македонската публика ќе има убава и ретка можност да ужива во овој уникатен перформанс“, вели тој.

Според Благоја Куновски-Доре, селектор на официјалната програма, основни нејзини карактеристики годинава се разновидноста на жанровите, богатството на изразениот потенцијален на секој автор и фактот што доминира токму дигиталната и компјутерската анимација.

Како и на изминатите четири изданија и во случајов филмовите во конкуренција ќе се натпреваруваат за една од трите награди - Златна, Сребрена и Бронзена тула, а за нив ќе одлучува интернационална жири-комисија во состав Марчин Лучај, програмер на Варшавскиот филмски фестивал, Берин Тузлиќ, аниматор од Босна и македонскиот уметник и автор на анимации Иван Ивановски.

Наедно ќе биде доделена и Златна тула за најдобар детски анимиран филм, а победникот ќе биде одбран од децата посетители на четирите фестивалски денови.

Интересно е и тоа што за прв пат на „Анимакс Скопје Фест“ во ревијалниот дел од програмата ќе бидат прикажани два долгометражни анимирани фимови, со што организаторите прават обид да си отворат поле за нова натпреварувачка категорија која со себе ќе ја носи и наградата за најдобар долгометражен анимиран филм. Овие планови тие очекуваат да ги отелотворат на следното издание на манифестацијата со што, како што велат, „приказната за нивниот фестивал на анимиран филм би била комплетирана“.

Од друга страна, за време на „Анимакс 2015“ ќе бидат одржани и четири работилници. Аниматорите Жарко Иванов и Владимир Лукаш ќе одржат работилница за кат аут анимација на која ќе ја претстават својата технологија на анимирање, како надополнување на перформансот на Диди Родан ќе се одржи и работилница со песок за деца чиј наслов е „Лисјата паѓаат, љубов се раѓа“ координирана од авторите од Школата за анимиран филм (ШАФ) од Врање, соседна Србија, нашиот Илчо Симовски ќе им се посвети на децата од 6 до 12-годишна возраст говорејќи за тоа „Како до суперхерој“, а гостинот од Полска - Марчин Лучај, ќе има свое предавање на отворената дискусија со македонските творци, на која е планирано да се дебатира за соодносот помеѓу авторите на филмовите и филмските фестивали.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG