Достапни линкови

Киненова Скопје со порака - „За сè има првпат“


Мажите не плачат - филм на Ален Дрљевиќ
Мажите не плачат - филм на Ален Дрљевиќ

Со „Мажите не плачат“, дебитанското остварување на босанскиот режисер Ален Дрљевиќ, в петок, на 6 октомври во 20 часот, во киното „Милениум, свечено ќе биде отворено второто издание на „Киненова Скопје“.

Холандскиот „Квалитетно време“ на режисерот Дан Бакер, „Лето 1993“ на Карла Симон од Шпанија, „Семејство“ на Густаво Рондон Кордова од Венецуела, „Меда или не баш ведрата страна на нештата“ на романскиот режисер Емануел Парву, „Спокојна ноќ, спокојна светлина“ на Софи Гојет од Канада...се само некои од 10 филмови во официјалната конкуренција на второто издание на „Киненова Скопје“, фестивалот на дебитански и втори филмови, што од 6 до 11 октомври, под мотото „За сè има првпат“ ќе се одржи во неколку киносали во градот.

Идејата на фестивалот е да открие, промовира и афирмира свежи филмски приказни на нови автори кои се се уште недоволно истакнати во светската филмска јавност, давајќи им шанса на почетокот од нивните филмски кариери.

Марина Костова, филмска критичарка и селектор на Главната програма, вели дека годинава се одбрани „10 одлични филмови од исто толку нови авторски гласови кои допрва ќе се слушаат“.

„Јас не сум љубител на тематски селекции, меѓутоа откако ја склопив програмата забележав дека има една нишка која се провлекува низ сите филмови што сум ги одбрала, а тоа е дека на некој начин се занимаваат со некаква посттрауматска состојба, што мислам дека сосема солидно резонира на нашава актуелна ситуација. Тоа се би рекла навистина 10 силни гласови и верувам дека за тие автори допрва ќе слушаме, а целта на „Киненова“ е да има оригинална селекција токму од први и втори филмови на режисерите, затоа што мислиме дека и во регионов, и воопшто во Европа, има многу малку фестивали коишто отвораат простор за ваква селекција“, вели Костова.

Костова притоа како посебности, кои длабоко резонираат со нашата стварност, со Скопје, ги издвојува делата како „Колумбус“ на Кононада, сторија за истоименото американско гратче во кое е сместена најголемата збирка на згради, примероци на светската модерна и „каде архитектурата е лик во филмот што носи утеха“, и анимираниот документарец „Кула“ на Кит Мејтланд, „всушност реконструкција на еден настан со масовно пукање на Универзитетот во Хјустон во 1965 година кога еден снајперист убива 15 луѓе“.

Покрај долгометражните, официјалната селекција ќе понуди и кусометражни филмови, во кои спаѓаат професионални и студентски филмови од цел свет.

Од друга страна не помалку возбудливи се и дополнителните, ревијални програми на фестивалот како „Панорама на светската незавизна филмска продукција“, „Кино Балкан“, „Фокус на...“ и „Македонски кратки“, а посебно за издвојување е нововостановената програма „0% Цензурирано“, за која организаторите сметаат дека ќе биде голема провокација за посетителите на „Киненова“. Станува збор за селекција во која ќе има четири филма. Два се документаци од кои едниот е за легендарната порно ѕвезда Роко Зифреди, а другиот италијанско остварување во кое се говори за егзорцизмот. Тука е и филмот кој се однесува на ЛГБТ заедницата.

„Ова 0 % Цензурирано звучи доста драматично, меѓутоа целата идеја е да се проговори за тие теми на еден недраматичен начин и тоа како го прават овие автори е она што всушност треба да се види во кино“, смета Костова.

Инаку, ексклузивен гостин на „Киненова“ годинава ќе биде српскиот актер Жарко Лаушевиќ, кому ќе му биде доделено Специјалното признание за особен придонес во филмската уметност. Кон ова уште информациите дека филмовите во конкуренција за награди ќе бидат оценувани од стручно жири во кое се Горан Марковиќ режисер од соседна Србија како претседател, Хулија Учансу професорка и поранешна директорка на Филмскиот фестивал во Истанбул, нашата глумечка гордост Синоличка Трпкова и актерот Игор Гало од Хрватска. Згора на тоа планирано е да биде сторена и скопската премиера на краткиот експериментален петминутен филм „Крајот на времето“ на Милчо Манчевски, а во рамките на „Киненова Скопје“ ќе има и работилница за развој на сценарија за кратки филмови за македонските млади сценаристи, а ментор ќе биде Џон Стивенс.

„Ни претставува вистинско задоволство што ќе имаме можност втора година по ред да се дружиме со нашата публика која покажа голем интерес за минатото издание на „Киненова“. За годинава можеме само да им ветиме уште подобар избор на филмови во поголем број кои длабоко ќе ги размрдаат нивните чувства. Се потрудивме програмата да биде разновидна и да го разбуди љубопитството на филмските сладокусци. Па така програмата не е тематска, туку се водевме според квалитетот на филмовите и авторскиот пристап кон темите, а размислувавме и на разноликоста на самите теми кои варираат од сурово егзистенцијални, па поствоени приказни, до исконско човечки како и теми кои сеуште предизвикуваат силни контроверзии во нашето општество како хомосексуалноста. Програмата изобилува со филмови со свеж и иновативен пристап во филмската нарација“, ќе рече во пресрет на фестивалот Небојша Јовановиќ, режисер, продуцент и директор на манифестацијата.

Кон ова само уште дека кино проекциите ќе се одвиваат во Синеплекс, Кино Култура, Кинотека на Македонија и Кино Милениум, а влезниците се со популарна цена од 100 и 150 денари.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG