Достапни линкови

Андреевски – Македонија е казнива кон своите вистински синови


Андреевски - Сакам да се мерам со светот, оти таму натпреварот е посилен
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:29 0:00

Андреевски - Сакам да се мерам со светот, оти таму натпреварот е посилен

Македонија особено е казнива кон вистинските свои синови. Ако погледнеме назад во историјата како да се казнети сите нејзини синови што направиле големи дела. Само некогаш нешто ќе ги спомнат. Нема вистинска грижа од државата, вели во неделното интервју за Радио Слободна Европа ликовниот уметник Сергеј Андреевски.

Сергеј Андреевски е ликовен уметник со неисцрпна творечка енергија и немирен потез. Еден од оние во чии жили пулсира битот на Македонецот. За неговото сликарство може да се каже дека пулсира со непарните македонски ритми и дека ги содржи боите и топлината на тлото на коешто растел. Тој самиот за себе знае да каже дека е сликар-номад и дека каде и да оди со себе го носи ателјето. Но секогаш трга некаде на пат, за да се врати посилен. Поисправен во делото. Со единствена мисла дека овде му е огништето. Овде му е споменот и делото на неговите мајка и татко - Светлана Христова Јоциќ и Петре М. Андреевски, литературните големини со кои треба да се гордее секој еден народ. Овде му е реалноста и уште повеќе иднината. А, со него, за сè и сешто и најмногу за уметноста, човек може да зборува до немајкаде и назад.

Андреевски, неодамна со вашите „Кучињата лаат“, патем инспирирани од вашиот имењак Сергеј Есенин, имавте изложба во Германија. Со какви впечатоци се враќате од таму и колку оваа поставка во низата зачната одамна оди во прилог на вашиот стамен од на интернационалната ликовна сцена?

Јас бев првиот уметник којшто отиде на уметничка размена во Нирнберг, во Германија. Како што знаеме Нирнберг и Скопје се збратимени градови. Тоа беше многу одамна, такашто таа релација до ден денеска одлично функционира. Се обидувам сите мои културни точки, а таа е една од моите значајни точки во светот, да ги потхранувам со мои претставувања, односно изложби. Изложбата насловена „Кучињата лаат“ беше првин претставена во Москва, во Интернационалната библиотека, и наеднаш тие фотографии од поставката, благодарение на електронските медиуми, се раширија по светот. Тие ги испровоцираа организаторите во Нирнберг и најнапред бев поканет на дводневна изложба, а сега ме покани една помала галерија, но галерија со веќе изграден критериум која се вика Уметничка точка и изложбата таму ќе трае до крајот на септември.

Според Вас, освен талентот и изградениот творечки ракопис, што е битно да се поседува за да се надмине локалното? Да се воспостави поинаква размена на творештво и енергија со светот?

Отсекогаш бев посветен на афирмирање на моето творештво надвор од нашата земја. Тогаш Југославија, сега Македонија. Секогаш ми беше поважно да се измерам со светот заради критериумите. Светот има многу повисоки критериуми и натпреварот е посилен. И во еден таков силен натпревар вие давате повеќе енергија во своето творештво и резултатот е подобар. Вашите слики се посилни. Тоа е суштината на моите патувања. Патувањата возбудуваат. Јас често сум изјавувал дека сум сликар – номад. Дека ателјето го носам со мене. Дека светот ми е ателје. Не е само ова овде каде што снимаме, во Ѓорче Петров, во Скопје. Тоа е и во Вилмингтон, Северна Каролина, во САД, тоа е и во Нирнберг. Тоа се тие уметнички точки кадешто сум бил доста активен. Згора постојано се обидувам да пронајдам некои нови затоа што кога одите да изложувате на исто место постои опасност да се олабавите. Да ви се намали онаа творечка енергија што ја имате. Може да се случи кај вас мотивот да биде помал. А кога одите на ново место вие се обидувате да покажете. Кај мене со тие нови творечки пориви се случувало да дојдат и промени во изразот, во самото творештво. И во самите фази. Музиката, поезијата и сликарството, независно како ќе ги наредите, се најсилните македонски оружја. Бидејќи тука е нашиот бит, нашиот код. Еве во моите слики го има ритамот, ја има музиката во тие тонови. Или во тоновите има боја такашто сето тоа се испреплетува, а боја има и во поезијата. Мислам дека тука сме ние најсилни. И не знам зошто нашите уметници и покрај тој квалитет што го има, а кај нас има прекрасни творци, стари, млади, разни генерации, не се толку упорни да изложуваат надвор. Тоа бара малку повеќе енергија. Државата не секогаш стои зад такви поставки, но вие ќе мора да бидете доволно силни и сами да го направите тоа. Сите знаеме дека сме таква држава каква што сме и дека често уметниците не можат да си дозволат излез, но факт е и тоа дека упорноста недостига. Недостига упорноста да се оди надвор од границите.

Пред вас се подготовките за 12 издание на манифестацијата „Славење на Пирејот“ кое вообичаено се одржува во родната куќа на вашиот татко Петре М. Андреевски и во демирхисарска Слоештица за празникот Голема Богородица. Со каква програма ќе биде чествуван ликот и делото на великанот и конечно ќе ја препознае ли државата потребата онака како што треба да ги слави своите културни херои?

Годинава ние планираме да објавиме книга во која на едно место ќе се најде сето она што е направено, со фотографии и документи, за ликот и делото на Петре М. Андреевски. Сè уште не сме сигурни дали сето тоа ќе се случува на Голема Богородица, на 28 август, или можеби ќе биде поместено „Славењето на Пирејот“ бидејќи за прв пат и Општината Демир Хисар многу силно се вклучи во реализација на манифестацијата. Да не се разбереме погрешно, таа и досега беше присутна, но овој пат силно се заложи за едно поинакво одбележување. Општината сака конкретно една просторија во Домот во Слоештица да ослободи и да направи Спомен соба посветена на татко ми. Нам, тоа ни е и крајната идеја. Не ние како семејство да организираме, туку да си има кустос кој ќе се грижи за таа Спомен соба. Ние особено имавме идеја таа да говори и за тоа што му се случува на еден автор по неговата смрт. Дали тој живее? Дали живее со неговото творештво? Татко ми толку многу се преведе. Неговото дело доживеа успех. Еве „Пиреј“ е преведен неодамна на германски.

Во нашата држава недостигаат многу суштински работи. Таа дури особено е казнива кон вистинските свои синови. Ако погледнеме назад во историјата, како да се казнети сите нејзини синови што направиле големи дела. Само некогаш нешто ќе ги спомнат. Нема вистинска грижа од државата. Не треба тоа којзнае колку. Што значи една спомен соба да направи оваа држава? Ништо. Тоа можевме и ние да го организираме. Не е во ред ние како семејство да се плеткаме, затоа што тој е повеќе од нашето семејство. Татко ми не веруваше дека неговото име и дело е толку силно во интернационални рамки, меѓутоа од година во година тој е сè повеќе преведуван и баран во странство.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG