Достапни линкови

Единаесеттото „Славење на пирејот“ во потрага по заедничките европски вредности


Традиционално, в понеделник на 28 август, на празникот Голема Богородица, во демирхисарското село Слоештица, со умно одбрани перформативни и изложбени активности, ќе биде одржано 11-то издание на манифестацијата „Славењето на пирејот“ со која се чествува ликот и делото на великанот Петре М. Андреевски. Државата и овојпат само делумно застана зад случувањето, а за завршувањето на спомен собата ќе ја чекаме наредната година.

Едновремено локално и универзално, творештвото на овој наш писател се впишува не само во високите дострели на македонската литература, туку го наоѓа патот да ги истакне своите уметнички вредности во други јазици и во други национални средини...Сликата на Слоештица, сликата на нејзините предели и луѓе, на нејзината природа и на нејзините духовни блага, преку зборот на Петре Андреевски, го почнува својот пат низ светот, станува дел од заедничките европски вредности.

Ова, меѓу другото, ќе го напише академик Влада Урошевиќ во беседата насловена „Слоештица – име за цел еден свет“ за 11-тото по ред чествување на бардот на македонската литература Петре М. Андреевски и вековитоста на македонскиот народ.

Акцент на годинешнава манифестација е промоцијата на германското издание на романот „Пиреј“ („Quecke“), кое е тукушто отпечатено од страна на реномираната издавачка куќа GUGGOLZ VERLAG од Берлин. Организаторите Арт поинт гумно, истакнуваат дека преведувачот, Бенџамин Лангер, со извонредна посветеност успеал да ја пренесе автентичноста и моќта на зборот на Андреевски до германските читатели.

Во родната куќа на бардот, во рамките на програмската целина насловена „Пирејот кај нас и во светот“, фрагменти од капиталното дело ќе читаат Симон и Гудрун Цимерман и Меглен Андреевски.

Темата „ПИРЕЈ“ дополнително ќе биде збогатена и со изведбата на монодрамата „Велика“ во интерпретација на познатата актерка од Битолскиот народен театар - Катерина Аневска Дранговска на селските гробишта, а целиот настан ќе биде обоен и од изворниот звук на кавалот и гајдата на виртуозот Гоце Димовски, член на македонските музички амбасадори - етно групата СИНТЕЗИС.

Освен традиционалната изложба на дела од годинешните гости на уметничката резиденција на „Арт Поинт – Гумно, творците Мејси Ларгадо – Ротман од Филипини, Кристијан Ротман од Германија и Ева Мајер и Арон Мајорош од Унгарија“, на средсело ќе биде поставен и проектот „Дали се сеќаваш?“, всушност изложба на рециклирани слики и фото-разгледници, што ја подготвија актерките Наташа Петровиќ и Слаѓана Вујошевиќ и ликовната уметница Воскресија Андреевска.

„Наша идеја беше да се види што се случува по смртта на еден автор и како продолжува да живее неговото дело. Мислам дека интересно е во случајот на татко ми што како ретко кој автор, македонски или балкански, или можеби и светски, како годините минуваат се повеќе до значење доаѓа тежината на она што тој го создал“, вели Сергеј Андреевски.

Инаку, и годинава „Славењето на пирејот“ како манифестација е само делумно поддржана од Министерството за култура на Република Македонија, а на завршувањето на спомен собата на Петре М. Андреевски во месното училиште, што патем беше основната идеја водилка на неговите наследници при промовирањето на манифестацијата, изгледа дека ќе треба да почекаме до наредната година.

Сергеј Андреевски истакнува дека тие не губат надеж во најскоро време спомен-собата да биде завршена и дека дури тогаш ќе може да ја посетуваат сите љубители на убавиот збор, почитувачи на творештвото на големиот поет и раскажувач. Дополнува дека ако Македонија во онаа фигуративна творешка симболика ја замислиме како куќа, тогаш „Блаже Коневски веројатно би бил нејзиниот кров, а неговиот татко Петре М. Андреевски - темелите, ѕидините“. Згора на тоа ќе рече дека досега сите власти и сите политички гарнитури, иако често за свои потреби го цитирале Андреевски, посегале по „Пиреј“, никоја од нив пресекла и не решила со минимални средства, онака како што доликува, да го помогне завршувањето на спомен собата. Тој оди до таму што потсетува дека ние имаме бројни имиња, како Гане Тодоровски, Анте Поповски...што треба да добијат свои паметници.

„Без тие имиња незнам дали нашата национална култура ќе зрачи. Тие мора еднаш и засекогаш да бидат поставени на вистинското место. Место кое, ќе речам, ќе биде достоинствено и со тоа нашата нација, со такви гордости и такви вредности, ќе може да биде истопорена и да се натпреварува со светската култура“, потенцира уметникот.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG