„Велестово е чардак на небото. Или барем најблиску до него. Велестово е најсветла ѕвезда во нашето големо соѕвездие. Зашто таму седи Создателот и Содржателот на сè: на земјата и на водата, на радоста и на раѓањето, на вечната и непроменлива вистина. Велестово е, всушност, еден облик на поетско вдахновение и една свечена илуминација што грее и најдалеку. Можеби и затоа ПОЕТСКАТА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО е единствена со толку многу светлина.“
Ова се зборовите на големиот Петре М. Андреевски, на еден од плејадата македонски поети чии камерни портрети биле сторени на Чешма во рамките на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово. На истата онаа каде во изминативе безмалку три децении поминале и Анте Поповски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Јован Котевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов...Каде потем дојдоа Венко Андоновски, Кристина Николовска, Елизабета Шелева ...и оние од новата генерација меѓу кои Ѓоко Здравески, Марта Марковска, Жарко Кујунџиски, Славица Гаџова, Ненад Јолдески, Снежана Стојчевска...и така со ред.
Згора на тоа, следствено органската потреба за ликовни атракции, овде биле претставувани и делата на нашите врвни уметници како Вангел Наумовски, Владимир Георгиевски, Родољуб Анастасов, Боро Митриќевски, Мирослав Масин...
А, со идеја за натамошни културни вишнеења и ваквите заложби да стигнат до поширок круг на љубители на убавиот збор и другите авторски проблесоци, и годинава во „флексибилниот термин“ на манифестацијата, од 21 до 23 јули, редица настани кои ја прават Поетската ноќ во Велестово поинаква. Засебна. Неодминлива.
Случувањата ќе започнат в петок, во 21 часот, со џез концерт на дружината КАРАВАНИЈА. Потем е предвиден поетскиот портрет на академик Ристо Василевски.
Роден 1943 година во преспанското село Наколец, Василевски пишува песни, есеи, книжевни критики, романи...Автор е на дела за деца и возрасни и досега има објавено над 100 наслови. Тој е сопственик на издавачката куќа „Арка“ од Смедерево и составувач на бројни антологии на македонски и српски јазик. Преведуван е на сите позначајни јазици и добитник на повеќе од 50 значајни награди и признанија од кои последно е неодамнешното „Книжевна далга“ што се доделува во рамки на Струшките книжевни средби.
Член е на МАНУ, на Славјанската академија за книжевност и уметност во Варна (Бугарија), на Меѓународното здружение на писатели и публицисти во Рига (Латвија), на Друштвото на писателите на Македонија, на Здружението на писателите на Србија и на Здружението на преведувачите на оваа соседна земја. Основач е на поетскиот фестивал „Смедеревска песничка јесен“ и уредник на списанијата „Видело“, „Монс Ауреус“ и „Книжевне новине“.
И, по тој чин, по чествувањето на моќта и убавината на зборот, предвидено е отворање на изложбата на академскиот сликар Емил Шулајковски.
Шулајковски во Велестово се претставува со седум дела од актуелниот циклус „Огнена земја“ и со три слики специјално создадени за оваа пригода.
„Самиот наслов на циклусот е поетски. „Огнена земја“ е местото каде што секој би сакал да живее, или барем јас како уметник да живеам и творам. Тоа е едно магично место каде што се среќаваат љубовта, тагата, магијата, радоста на живеењето...Сето тоа се надополнува со три нови дела како мој показ за следниот исчекор. Јас на секоја изложба оставам простор за нова врата, нови димензии и ова ќе биде убав показ та отворањето на нови патишта. Тие се прилог кон „Огнена земја“, но навестуваат и нови фасцинации кои се спојуваат со духовноста на манифестацијата, со светлините на Велестово“, вели Шулајковски.
Наредниот ден е планирано обистинувањето на една долгогодишна идеја на организаторите на Поетска ноќ Велестово и нивните ликовни сомисленици. Имено манифестацијата ќе биде гостин на Отвореното студио во Арт поинт Гумно во Слоештица каде е предвидено поетско читање во амбиентот во кој творат уметниците гости на колонијата, за да веќе наредниот ден се случи промоција на книгата „16 бугарски поети“ со настап на гостите од Република Бугарија – творци како Владимир Левчев, Аксинија Михајлова, Роман Кисјов, Ани Илков и Поли Муканова.
„Основната идеја на манифестацијата е содржана во првата вечер. Тоа е претставување или ако сакате портрет на еден поет Македонец, како и ликовната изложба на еден значаен творец од оваа област и тука манифестацијата не излегува од своите рамки, а во однос на преостанатите денови ние постојано се трудиме да ја освежуваме со најразлични содржини со кои сакаме да го анимираме вниманието на што поширок круг на проследувачи и љубители на културните настани“, истакнува иницијаторот и првиот човек на Поетска ноќ во Велестово – поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
И кон ова само уште информациите дека во рамки на манифестацијата, а во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации и МАНУ, на 28 јули ќе се одржи и промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски.
Исто така во текот на летото во Охрид ќе бидат организирани и прoмоциите на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Задачите се зададени“ од Зоран Јакимоски, обете изданија на ПНВ Публикации.