Достапни линкови

Поетска ноќ во Велестово 2014 посветена на Катица Ќулавкова


Од 15 до 18 август, во Велестово и во Охрид, ќе се одржи 26-то издание на традиционалната интернационална поетска манифестација „Поетска ноќ“. Ова несекојдневно културно случување овој пат му е посветено на творечкиот опус на авторката, академик Катица Ќулавкова, а меѓу гостите ќе бидат Барбара Погачник од Словенија, Тања Бакиќ од Црна Гора и Ирецот Патрик Котер.

На Велестово, на Охрид и воопшто на македонската култура, од 15 до 18 август, ќе им се случи 26-то издание на манифестацијата „Поетска ноќ“, која през годините израсна во препознатливо случување кое далеку отскокнува од обичноста на сличните во опкружувањето.

Традиционално на оваа манифестација веќе 25 години наназад се претставува поетски портрет на еден македонски поет со неговото севкупно творештво.
Јулијана Величковска – Димоска, директорка на ПНВ публикации.

Овој пат, според изворната идеја во чии рамки се претставувани автори како Анте Поповски, Гане Тодоровски, Патре М. Андреевски, Матеја Матевски, Богомил Ѓузел, Радован Павловски или претставниците на помладата генерација Никола Маџиров, Владимир Мартиновски и други, тоа му е посветено на творештвото на академик Катица Ќулавкова.

Барбара Погачник, поетеса.
Барбара Погачник, поетеса.

Оваа година ќе се претстават шест млади творци, членови на Центарот за културен проток АРТерија од Охрид.
Јулијана Величковска – Димоска, директорка на ПНВ публикации.

„Традиционално на оваа манифестација веќе 25 години наназад се претставува поетски портрет на еден македонски поет со неговото севкупно творештво. Годинешната 26-та „Поетска ноќ во Велстово“ е посветена на творештвото на академик Катица Ќулавкова. За нејзиното творештво ќе беседи професор д-р Владимир Мартиновски, а одбрани стихови ќе читаат членовите на Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид“, вели во пресрет на случувањето Јулијана Величковска – Димоска, директорка на ПНВ публикации.

Патрик Котер, поет.
Патрик Котер, поет.

Разбирливо, во дослух со традицијата на манифестацијата која подразбира дека досега во Велестово излагале уметници како Вангел Наумовски, Боро Митриќески, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Сергеј Андреевски, Газанфер Бајрам, Славчо Упевче и други, и овој пат е предвидено одржување на ликовна изложба.

„Оваа година ќе се претстават шест млади творци, членови на Центарот за културен проток АРТерија од Охрид. Тоа се Димитрие Ристески, Ели Аиноска, Стевчо Наумовски, Билјана Ангелеска, Ивана Групче и Зорица Азеска Спасеска. Тие ќе понудат слики и скулптури во Изложбениот простор на старото основно училиште во Велестово, додека, пак, поетското читање, како што е редот, и овој пат ќе биде сретсело, на Чешма“, дополнува Величковска – Димоска.

Наредниот ден, в сабота, во просториите на Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид, со почеток од 21 часот, е предвидено да се одржи интернационалното поетско читање во чии рамки ќе настапат поетите Патрик Котер од Ирска, Тања Бакиќ од Црна Гора, Барбара Погачник од Словенија и нашиот Зоран Јакимовски.

Интернационалната вечер се одржува од 2008 година и на неа во изминатиот период биле претставувани поети од Сирија, Франција, Италија, Турција, Норвешка, Бугарија , Албанија и од други земји во светот.

Конечно, во соработка со издавачката куќа ПНВ Публикации од Скопје, за 18 август, е планирано одржување на промоција на три стихозбирки од поетите учесници на манифестацијата. Ќе бидат претставени „Никој не знае“ од Котер, „Семе и други песни“ од Бакиќ и „Ништо не е недостижно“ од охриѓанецот Јакимовски. Промотори ќе бидат м-р Славица Гаџова, Тоде Илиевски и Славе Ѓорѓо Димоски, поет и идеен творец и осмислувач на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“.

Тој, пак, иако длабоко свесен за растот на ова културно случување, кое поради оригиналноста и автентичноста ужива сè поголем углед, знае да каже дека нивниот ентузијазам полека е поткопуван од сè поскромната поддршка. Од таму, во годинава кога манифестацијата ја реализираат со најмалку средства (помогнати се од Министерството за култура на Република Македонија, општина Охрид, Комерцијална банка...) , смета дека тие како организатори се исправени пред дилемата дали да се збогуваа со нејзината интернационална нитка или едноставно ќе бидат принудени да ја згаснат „Поетската ноќ во Велестово“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG