Достапни линкови

Багески: Гитар арт фестивал е сон на секој гитарист


Гитаристот Дарко Багески.
Гитаристот Дарко Багески.

Македонскиот гитарист Дарко Багески со два настапи на претстојниот 18-ти белградски Гитар арт фестивал, еден од десетте глобално најзначајни. Најнапред, в среда, на 22 март ќе одржи солистички концерт во големата сала на Домот на младите, а два дена подоцна, како еден од шесте одбрани балкански инструменталисти, ќе свири и на светската премиера на проектот „Гитарски интеграции“ од познатиот Карло Доменикони.

Дарко Багески е истакнат македонски солист по класична гитара, кој настапува низ светот повеќе од 20 години. Музичката критика, како и публиката, ја оценуваат интерпретацијата на овој гитарист како особено впечатлива од причини што тој со својата вдахновеност и емоционалното доживување и претставување на делата, успева да допре до секој слушател. Токму од овие причини, Багески во своите концертни програми избира композиции, кои и кога само ги пее, во него будат колоритни емоции, возбуда, задоволство и уживање.

Белградската публика ќе има привилегија да го запознае и како човек преку комплексната концертна програма, која во себе содржи повеќе различни емоции – смеа, плач, тага, меланхолија, гордост, носталгија и вљубеност. Овој уметник на своите концертни настапи со публиката комуницира со универзалниот јазик на музиката.

Ова, меѓу другото, ќе биде забележано во најавата за солистичкиот концерт на Дарко Багески на претстојниот 18-ти белградски Гитар арт фестивал, една од бележитите вакви глобални манифестации.

А, во Големата сала на Домот на младите во српската метропола, в среда, на 22 март, македонскиот инструменталист во првиот дел ќе се претстави со дела на унгарскиот композитор Јохан Каспер Мерц, парагвајскиот романтичар Аугустин Бариос Мангоре ( „гитарскиот Шопен“) и ќе ја изведе „Росинијана“ на Мауро Џулијани, композиција на „гитарскиот Моцарт“ како што го нарекуваат, креирана на музиката од оперите на Росини.

Во вториот дел, пак, тој планира да посегне по композициите на бразилскиот композитор Диљермандо Реисе, а концертот ќе го заврши со неговата импровизација на народната песна „Јовано, Јованке“ и со „Македонска рапсодија“, класичното дело на големиот Јован Јовичиќ.

Говорејќи за својот солистички настап на манифестацијата, Багески знае да каже дека ова е нешто што го посакувал долги години. Дека Гитар арт фестивал е сон за секој класичен гитарист, иако притоа, а како што вели, Фестивалот си има и свој комерцијален карактер бидејќи на него свиреле и ѕвезди од калибар на еден Пако де Лусија, па преку РОЗЕНБЕРГ ТРИО до едн Томи Емануел – годинава.

„Најтешко е да се свири пред гитарска публика. На овој фестивал секоја година доаѓаат преку 30 - 40 светски уметници којшто се учесници на самиот настан. Тие со себе носат еден голем број на новинари, еден голем број на студенти кои се натпреваруваат на тој престижен натпревар. Доаѓаат колеги и педагози од цел свет. Од Балканот сите се таму. Така да ако салата собира 1.000 посетители, повеќе од половината се професионални гитаристи. Значи, покрај мотивацијата, огромна е одговорноста да се свири на Фестивалот“, вели Дарко.

Само два дена подоцна Багески, како еден од шесте одбрани гитаристи од државите од поранешна Југославија, ќе свири и на светската премиера на проектот „Гитарски интеграции“.

„Специјално за нас е пишувано дело за шест гитари од познатиот италијански композитор Карло Доменикони. Светската премиера на делото ќе биде на завршната вечер на Фестивалот на која концерт ќе одржи и самиот композитор којшто и самиот е доајен на гитарата. Тој е на залезот на својата кариера, меѓутоа како инструменталист и како композитор има значаен придонес во минатото и развојот на класичната гитара“, појаснува гитаристот.

Тој дополнува дека настапот на Гитар арт фестивал дополнително отвора некои патишта за пробив на интернационалната сцена, но дека уште поголемо е неговото значење во однос на тоа дека самите уметници ги тера да го извлечат најдоброто од себе. Да појдат што подалеку во изведбата.

„Ова е голем предизвик за секој инструменталист. Убава можност да се надградиме повеќе. Да бидеме на едно друго ниво коешто се очекува за едноставно да влезеш во тие води кои е веќе кремот на класичната гитара.“

Од друга страна, македонскиот уметник потенцира дека тука и не завршуваат неговите сништа. Напротив. Тој истакнува дека ова е период во кој тој го надградува својот концертен репертоар со надополнување на нови дела во програмата и дека му претстојат бројни учества на вакви и слични случувања. На дел од нив ќе има соло перформанси, на друг ќе води работилници, на трет ќе биде член на интернационалните жирија, а честопати ќе се појавува и во тројна улога.

Во април ќе биде учесник на гитарскиот фестивал во Долни Милановац, повторно во Србија, летово ќе патува во Италија, а во октомври годинава ќе свири во Германија и во САД.

А, кога сме веќе кај ваквата негова концертна агенда, да спомнеме и тоа дека тој на еминентниот Гитар арт фестивал стигнал по исклучително успешниот настап на минатогодишниот летен Интернационален гитарски фестивал во Херцег Нови, во Црна Гора, зад кој генерално стојат истите организатори. Нешто потоа, подготвувајќи ја својата програма за Гитар арт фестивал, свирел и на хуманитарните концерти во Стокхолм и во Малме во Шведска, потоа и на Интернационалниот фестивал на гитара во Плевен, Бугарија, па на Академијата во Суботица, и конечно пред повлекувањето во осамата на своето прибежиште во селото со најубав поглед на Охридското езеро - Велестово, со своите изведби ги израдувал и љубителите на музиката во Штип и во Тетово.

„Секој уметник си има свој начин на подготовка на програмата и генерално за еден ваков Фестивал и ваква сцена потребна е не само свирачка туку и психофизичка подготвеност. Јас на некој начин сум во некој позитивен карантин. Гледам здраво да се хранам, здраво да живеам, да вежбам и секако што повеќе да бидам на сцена.“

Роден 1981 година Дарко Багески е вонреден професор по гитара на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Музичкото образование го почнал во родниот град, матурирал во Средно музичко училиште во Загреб, а дипломирал на Високата школа за музика „Франц Лист“ во Вајмар, Германија. Магистрирал на Државниот конзерваториум за музика во Солун, а се едуцирал кај еминентни професори по класична гитара како: Џевдет Сахатџија, Герхард Рајхенбах, Јурген Рост, Костас Коциолис...

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG