Достапни линкови

Гитаристот Багески со солистички концерт во Света Софија во Охрид


Со програма составена од дела на славните Мерц, Џулијани, Бариос, Реис, Диенс и Јовичиќ, овој вторник, на 5 август, од 21 часот, во црквата „Света Софија“, во рамките на актуелното Охридско лето 2014, солистички концерт ќе одржи македонскиот гитарист Дарко Багески. Овој настап е остварување на неговиот детски сон и е продолжување на успешната серија претставувања во која се вклучени перформансите во САД, Шведска, турнејата во соседна Бугарија и неодамнешното учество на фестивалот „ГитарИстра“, во Врсар – Хрватска.

Фестивалот „Охридско лето“ е убав дел од моето детство. Секогаш се трудев да ги следам концертите на многу еминентни музичари, пред сè виолинистите и пијанистите, но најмногу гитаристите кои што настапуваа во „Света Софија“. Уживав во изведбите и мечтаев еден ден и јас да застанам на тој подиум. Еве ми оствари и тој сон.

Концертот во Врсар помина одлично. Имаше блескава реакција на, би рекол - македонските дела, на „Македонска рапсодија“ од Јован Јовичиќ и Калајџиското оро, а на бис на публиката ѝ ги дарив „Јовано, Јованке“ и „Елено, ќерко Елено“.
Дарко Багески, гитарист.

Вака македонскиот гитарист Дарко Багески ќе го започне своето кажување во пресрет на неговиот вторничен солистички рецитал во црквата „Света Софија“, во рамките на годинешното 54-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Тој на овој концерт ќе се претстави со атрактивна и разновидна програма во која се дела од Јохан Каспар Мерц, Мауро Џулијани, Агустин Бариос, Дилермандо Реис, Роланд Диен и Јован Јовичиќ.

„Програмата беше изведувана на повеќе концерти во Република Македонија и на турнејата по Бугарија, дел беше и настапите во Њујорк и во Малме – Шведска, но во неа внесов и мали новитети – две-три композиции коишто се специјално спремани за „Охридско лето“ и за коишто мислам дека посебно ќе ѝ се допаднат на публиката оти во нив има мотиви токму од Охрид и од некои познати охридски песни“, вели гитаристот.

По секој отсвирен концерт согледувам нови потреби и по секој достигнат врв пред мене се исправа нов кон кој јас се стремам. Никогаш не сум комплетно задоволен од она што сум го дал.
Дарко Багески, гитарист.

Овој настап, на Багески му се случува нецела недела по успешното претставување на фестивалот „ГитарИстра“, кој во текот на летните месеци, во организација на познатиот хрватски гитарист Саша Дејановиќ, се одржува во Врсар на Истра.

„Концертот во Врсар помина одлично. Имаше блескава реакција на, би рекол - македонските дела, на „Македонска рапсодија“ од Јован Јовичиќ и Калајџиското оро, а на бис на публиката ѝ ги дарив „Јовано, Јованке“ и „Елено, ќерко Елено“. Инаку, целовечерниот рецитал беше сочинет со дела од повеќе епохи. Имаше романтична музика од Мерц, класична музика – варијации за гитара и оркестар од Марио Џулијани, јужно-американска музика“, вели Багески.

Видно задоволен од досегашниот развој на неговата интернационална кариера, Дарко Багески знае да каже дека наспроти формалното образование кое е камен темелникот, она што може да се научи на сцена е вистинскиот благодет за секој музичар. Вели дека токму преку учествата на фестивалите, сопствените концерти и следењето на настапите на големите светски гитаристи, всушност се проверува самиот до каде стигнал со откривањето на тајните на инструментот.

„По секој отсвирен концерт согледувам нови потреби и по секој достигнат врв пред мене се исправа нов кон кој јас се стремам. Никогаш не сум комплетно задоволен од она што сум го дал. Секогаш сакам да напредувам и да се усовршувам. Сметам дека човек само со многу работа, посветеност и одделување на доволно време за инструментот може да дојде до она ниво кое другите коишто се компетентни за таа музика и нивото на квалитет тоа ќе го вреднуваат на вистинскиот начин“, вели гитаристот.

Инаку, Дарко Багески е еден од најпознатите македонски музички уметници. Се школувал во Македонија, Хрватска, Германија и во Грција. Редовно настапува како солист во повеќе земји во светот како Грција, Германија, Шведска, САД и други. Своето знаење постојано го продлабочува со учество на меѓународни стручни семинари и мајсторски курсеви кај еминентни професори и педагози по класична гитара.

Покрај изведувачката дејност, Багески се јавува и како претседател на здружението на класични гитаристи на Република Македонија, член на повеќе интернационални жири комисии, а значајна е и неговата улога во основањето на меѓународниот фестивал „Гитар Фест - Тремоло“. Своето богато искуство тој им го пренесува на помладите генерации со наставната работа како професор на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Кон ова само уште информацијата дека, непосредно по концертот на „Охридско лето 2014“, Багески влегува во студио за да го сними својот прв солистички албум на кој ќе биде забележана, како што вели, „програмата која класичната гитара од Македонија по прв пат ја претстави вон нејзините граници, а тој како инструменталист ја имал можноста на ваков начин да ја афирмира и промовира својата земја“.

Инаку, ова нему, по заедничкиот проект со виолинистот Аспарух Чортошев, ќе му биде втор носач на звук во досегашната кариера.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG