Достапни линкови

Денови на македонска музика


Со концертот на биг бендот на Штефан Шулце од Германија, во салонот на Македонската опера и балет, започнува 33-то издание на Денови на македонската музика. На манифестацијата која ќе трае до 31 март, а чиј организатор е Сојузот на композиторите на Македонија, ќе бидат одржани бројни програми чија основна цел е афирмација на современото домашно творештво.

Отворањето на 33 Денови на македонската музика во знакот на домашните автори и гостите од Германија. Во салонот на Македонската опера и балет ќе настапи Биг бендот на Штефан Шулце, а на програмата ќе бидат дела од Кире Костов, Живојин Глишиќ, Илија и Александар Пејовски и Владимир Николов. Причината за ваквиот потег на организаторот на манифестацијата Сојузот на композиторите на Македонија е повеќе од прозаична – во нашава држава веќе не постои ансамбл од ваков тип. Единствениот кој со децении беше привилегија на Македонската радио телевизија и во најубаво светло ја претставуваше нашата современа оркестарска џез музика, раководството на националниот програмски сервис во справувањето со кризата некако со леснотија го испрати во историјата.
Без постоење на соодветен ансамбл значи дека и тоа творештво ќе замира или што е исто така жално ќе се одивива некаде на друго место.
Од таму, сосема разбирливо е кога Јана Андреевска, уметничкиот раководител и селектор на Денови на македонска музика, ќе забележи дека на овој начин тие се обидуваат и натаму стимулативно да делуваат кај авторите.

„Без постоење на соодветен ансамбл значи дека и тоа творештво ќе замира или што е исто така жално ќе се одивива некаде на друго место.“

Таа дополнува дека на овој концерт премирно ќе бидат изведени композиции на младите Пејовски и Николов кои досега на неколку пати освојувале значајни награди на фестивалите во странство и заклучува дека:

,,Не смееме да дозволиме тоа да оди во таа насока, нешто мора да промениме.“

На годинешното издание на Денови на македонска музика, до 31 март, на неколку сцени во градот, концерти ќе одржат ансамблот АРЧАЕУС од Романија, Македонската филхармонија со солистот на гитара Дарко Багески, гудачкиот квартет ЕКВИЛИБРИУМ, Новиот лондонски камерен хор од Велика Британија со кој ќе диригира Џејмс Викс, Никола Димушевски со солистката на виолончело Тамара Савиќ од соседна Србија ќе го претстави својот аудио-визуелен концепт БОИ И БОИ, наедно ќе има и бројни други настапи на младите уметници, ќе се случуваат работилници и промоции на нови изданија, а ќе биде одржана и научната трибина на која главна тема ќе биде Заштитата на музичкото културно наследство во Македонија. На овој начин, во практика, ќе биде спроведена идејата на селекторката и асоцијацијата на композиторите современата македонска музичка мисла да биде изведувана од странски уметници и ставена во контекст на актуелното творештво во светот. Инаку, кон ова само уште информацијата дека композиторот, пијанистот, диригентот и водач на ансамбл Штефан Шулце е добитник на бројни интернационални награди, а настапувал и на светски познатиот џез фестивал во Монтре, Швајцарија, во њујошкиот Карнеги хол и на меѓународниот фестивал во Лима, во Перу.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG