Достапни линкови

Летен Културен Бран


Со отворањето на изложбата на Македонска современа уметност во Велес, онаа на графики на ликовниот уметник Владимир Темков во Кочани и концертот на Берхан Ахмети, Бертан Аслани и Леонора Пољоска во скопската општина Чаир, вечерва од 21 часот, ќе започне второто издание на манифестацијата Топол културен бран што ја потпишуваат Министерството за култура и ЗЕЛС и кое ќе трае до 31 август годинава.

Штип, Пробиштип, Богданци, Елчево, Берово, Вевчани,Струга, Неготино, Ресен, Виница, Кавадарци, Свети Николе...се само некои од 40-те градови во земјава во кои од 20 јули до 31 август ќе се случува второто издание на манифестацијата Летен културен бран зад чија организација и овојпат стојат Министерството за култура и Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Македонија. Целта на ова случување во кое активно учество ќе земат бројни музичари, театарски дејци, ликовни уметници, играорци и диџеи е квалитетниот културен живот да се доближи до сите граѓани во земјава, да се поттикне локалниот културен развој, да се зајакне соработката на општините со националните културни институции и уметниците и посетителите на овие културни збиднувања да се потсетат на традиционалните и националните вредности.

Инаку, ако во минатата година во рамките на оваа манифестација настапија Македонската опера и балет, Националниот ансамбл за народни песни и игри ТАНЕЦ, групите ФОЛТИН, СТРИНГ ФОРСИС, БЕИ Д ФИШ и други, а беа одиграни и театарските претстави Народен пратеник на МНТ, Сон на летната ноќ на Драмски театар и други, за ова второ издание на Топол културен бран меѓу другите се планирани и изведбите на Македонската филхармонија, Театарот за деца и младинци, евергрините од фестивалот Златно славејче, хорот Света Злата Мегленска, Гудачкиот квартет МАРИЈА, културно уметничките друштва Емин Дураку и Бајрам Шабани, ансамблот Бели мугри, легендарната македонска певица Вања Лазарова, џез гитаристот Тони Китановски и неговите ЧЕРКЕЗИ ОРКЕСТАР, МОНИСТРА, битолските ПАРКЕТИ и култниот состав МИЗАР.

„Во рамките на Топлиот културен бран ќе настапиме со нашиот квартет Марија. Целта на проектот е да се приближи класичната музика до слушателот, до оние кои немаат можност да присуствуваат на концерти на класична музика. Дотолку повеќе што ова не е класичен концерт на гудачки квартет, туку преработка на дела од класичната музика, во техно, поп, рок, транс и стилови поблиски до публиката. Ова е првенец во оваа област во Македонија,“

вели Лада Петровска, членка на гудачкиот квартет МАРИЈА. Притоа интересно е што сите уметници – учесници во програмата на манифестацијата Летен културен бран 2009 се откажале од своите хонорари и ќе настапат бесплатно во интерес на збогатувањето на културната понуда за граѓаните во Македонија.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG