Достапни линкови

„Лицето на зборовите“ - песна водилка за „Славење на пирејот“


Со светска промоција на модна ревија на престилки од германската уметница Герлинде Пистнер, музички перформанс на Ева Горднон и со театарската претстава „Слојчки сказанија“, в недела, во селото Слоештица ќе се одржи 10-то јубилејно издание на манифестацијата „Славење на пирејот“ со кое ќе биде одбележана првата декада од смртта на великанот Петре М. Андреевски.

Кога ја прашав баба ми

како да го запаметам

лицето на зборовите,

таа како да се врати

некаде оддалеку, ме

гушна и ми рече:

Нивното лице не е едно,

како и нашата мака што

не е само една и не е само за еден.

Така, во скутот на баба ми, на

нејзината шарена скутина,

ја запознав мојата татковина.

Ова се стиховите на песната „Лицето на зборовите“ на великанот Петре М. Андреевски, кои организаторите, Меѓународниот центар за уметност и одржлив развој „Арт Поинт - Гумно“ и продукциската куќа „ЕНОХ“, ги зеле како програмска водилка за јубилејното 10-то „Славење на пирејот“, манифестацијата што на 28 август, на Голема Богородица, се одржува во демирхисарското село Слоештица. Токму таа песна била и централна тема и на докторскиот труд на професор Весна Мојсова–Чепишевска, којашто годинава ќе ја одржи воведната беседа за големиот македонски поет.

„Можеби во овие, да речам, деструктивни времиња најмногу се потребни стиховите на татко ми или неговата проза, неговите реченици за нашите поделби, за нашите самоуништувања, за кои сè уште мислам дека силно татнат во моите уши“, вели Сергеј Андреевски.

Уметникот дополнува дека тие како организатори на чествувањето на делото на бардот на македонската поезија Петре М. Андреевски се единствено среќни што народот не го заборави и што позасилено е присуството на неговото вечно почивалиште.

„Сè она што тој го има напишано, нашиот народ го памети и уште го копка и се надевам дека ќе почнеме да размислуваме да си помогнеме себе си, односно да одиме онаму каде што е вистината, каде што е честа, каде што е татковината, каде што се боите на скутината“, вели тој.

Во контекст на неговата изјава, треба да се спомне дека 10-то „Славење на пирејот“ и ќе започне токму со боите на скутината. Имено, во галеријата на „Арт Поинт – Гумно“, публиката ќе има ексклузивна можност да ја проследи Светската промоција на модната ревија на престилки дизајнирани од германската уметница Герлинде Пистнер.

Пистнер во Слоештица доаѓа како дел од проектот „Уметничка резиденција 2016“, а освен со сликарство, се занимава и со мултимедијални проекти и дизајн. Со своите ревии со рециклирани материјали, се има претставувано во Бразил, Германија, САД, Полска, Русија и во други земји.

Модната ревија на скутини, по официјалното деби во Слоештица, во декември годинава, ќе биде претставена и на прочуениот саем за дизајн „Augenschmaus“ во Мајнхајм, Германија.

Отворањето на постановката ќе биде следено од музички перформанс на младата вокалистка со уметничко име Ева Гордон, којашто по текнува од Демир Хисар и до неодамна беше дел од проектот ПЕРИЈА. Таа верува дека традиционалната македонска песна, „со сета емоција која ја носи во себе, ја има силата да го најде патот до сечие срце, вистински, длабоко и сосема чисто и наивно, без граници“.

Конечно 10-то јубилејно „Славење на пирејот“ ќе биде крунисано со претставата „Слојчки сказанија“, во режија на Андреј Цветановски, инаку работена според приказните на дедо Илија Кочовски (демирхисарскиот Марко Цепенков). Оваа премиера воедно го означува и отворањето на „Народен театар Слојштица“, бидејќи скоро сите учесници потекнуваат од селото.

Цветановски, во пресрет на праизведбата, ќе рече дека за прв пат во животот имал еден ваков процес на подготовка на некое дело. Дека со луѓето со кои соработува цел еден месец живееле заедно, твореле заедно и дека за целото тоа време, освен основниот материјал, односно приказните на дедо Илија Кочовски, преку работилници се обиделе на разни начини да се надградат и да се образуваат себе си. И, конечно, вели дека создале една претстава којашто зборува за ова место, за овој крај и воопшто за нашата традиција.

„Основата на претставата се народните приказни, а приказните се образованието на нашите претци. Искуството што го предава еден народ од колено на колено. Традиција која станува генетско богатство на луѓето кои живеат во еден простор. А раскажувачите се учителите, даскалите, медиумите, театарот, уметноста, оние кои успеваат да ги зачудат, привлечат, заинтересираат, забавуваат, да ги придобијат слушачите. Оние кои од ученици подоцна ќе станат учители. Еден од тие учители е дедо Илија Кочовски чии приказни беа материјал за создавање на претставата „Слојчки сказанија“, вели тој.

Кон ова само уште информацијата дека и оваа година, манифестацијата е делумно поддржана од страна на Министерството за култура на Република Македонија и од Општина Демир Хисар.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG