...Кај Петре М. Андреевски љубовта кон родната земја и националната културна традиција природно се кондензира, во облик на исконска, искрена емоција, достојна за најголемите и највисоките креативни предизвици. Таа лојалност и љубов спрема татковината не е плод на бесрамна кокетерија, реторичка поза, ниту конформистичко додворување кон моменталните „авторитети“ на власта. Во таа смисла, Петре останува неумоливо остар и критичен, како и секој вистински, непоткуплив автор, кој достоинствено држел пред сè до својот личен интегритет и чест – знаејќи, дека, како „човек на зборот“- тоа е сè што има, а лесно може да го загуби, доколку би ги изневерил сопствените строги, артистички принципи и личната непоткупливост.
Утрешното деветто по ред „Славење на пирејот“, со кое што се чествува делото на Петре М. Андреевски, мојот татко, суштински е посветено на вековитоста на македонскиот народ. Значи симболично на пирејот, на она треба која е неуништива, вечна. Тоа ни е суштината, особено во овие времиња кога токму таа вековитост му е најпотребна на овој народ.Сергеј Андревски, сликар.
Ова, меѓу другото, ќе го запише професор Елизабета Шелева во својата беседа со која, овој петок, на 28-ми август, во Слоештица, родното село и вечното почивалиште на Петре М. Андреевски, ќе започне годинешното „Славење на пирејот“.
Деветтото чествување на бардот на македонската литература ќе продолжи на уметничкото гумно, кадешто ќе биде отворена изложба на делата создадени за време на меѓународната уметничка резиденција на Арт Поинт - Гумно 2015 како и на портрет-фотографии на уметниците од Сашо Н. Алушевски.
„Утрешното деветто по ред „Славење на пирејот“, со кое што се чествува делото на Петре М. Андреевски, мојот татко, суштински е посветено на вековитоста на македонскиот народ. Значи симболично на пирејот, на она треба која е неуништива, вечна. Тоа ни е суштината, особено во овие времиња кога токму таа вековитост му е најпотребна на овој народ“, вели во предвечерието на манифестацијата сликарот Сергеј Андревски.
На Гумно ќе бидат промовирани и резултатите од проектот „Поздравете ги птиците од Илинска и Плакенска Планина“ што организаторите го спроведуваат со поддршка од Македонското еколошко друштво и Еуронатур од Германија. Сепак, посебен белег на програмата овојпат ќе и дадат оригиналниот сценски перформанс: „Слојчки приказни кажани од Дедо Илија Кочовски“ во изведба на тројцата млади актери Сергеј Димовски, Дамјан Цветановски и Тони Денковски, инаку сите со потекло од селото Слоештица, во режија на Андреј Цветановски.
Тој истакнува дека целта на нивниот перформанс е всушност славење на нивните предци, во случајов дедо Илија, неговиот прадедо, најдобриот народен раскажувач во село Слоештица, човекот чии приказни се снимени и објавени како книги, и дека тоа во некоја рака може да се смета за основање на некаков „Слојчки театар“.
„Ќе пробаме одново да ги раскажеме приказните што ги раскажува народниот раскажувач, ги слушнал од негде и потоа тој ги пренесува. Се обидуваме да разбереме што тој мислел и потоа да додадеме нешто наше, всушност да ја збогатиме приказната. Да го сториме она што мнозина го правеле пред нас, да ги збогатиме приказните со додавање или одземање на детали од нас новите раскажувачи или перформери.“
Андреј наедно е и автор на документарниот филм „Животиште‟, посветен на неговиот починат татко - режисерот Владо Цветановски, и во кој, како што вели, тој се бавел со начинот на кој што работел, но повеќе од сè каков човек бил. Документарецот, како заокружување на еднодневните случувања во рамките на деветтите „Славења на пирејот“, премиерно ќе биде прикажан на сцената - мост Бела Река.
Инаку, годинава, манифестацијата е делумно поддржана од страна на Министерството за култура и Љупчо Блажевски, градоначалник на Општина Демир Хисар, а Сергеј Андреевски верува дека конечно ќе бидат исполнети ветувањата и дека на следното јубилејно чествување на делото на бардот на македонската литература, конечно во Слоештица ќе биде отворена спомен собата на Петре М. Андреевски која во изминатава безмалку цела една декада беше само пуста желба на почитувачите и организаторите на ова културно случување.