Во 1968 година кога Петре М. Андреевски ја создава „Дениција“ светската историја е во голема криза. Истата година во светот на театарската режија, големиот хрватски режисер Дино Радојевиќ (1927 – 1986) го даде следниот одговор на прашањето:Што е денес театарот? „Значи, изгледа дека денес единствениот можен дијалог со општеството е да се кршат прозорци!...Што се случува денес со театарот? И мене лично ме интересира...Одговорот на прашањето – што може и треба театарот да направи денес во ова наше општество. Дали да престанам да бидам режисер и да се учам да правам молотови коктели или се уште можам да бидам режисер?“
Истото прашање може да се постави и денес на крајот на 2016 година и си го поставуваат многу уметници во светот. Еден од моите ментори, пријателот на Самуел Бекет, Питер Шуман, основач на театарот „Bread and Puppet“ од Њујорк, одговори на ова прашање на свој начин. Во третиот дел на неговата „Божествена комедија“ од Данте - „Пеколот“, зборува за затвореник од Гвантанамо кој пишува љубовни поеми а неговите убијци се претставуваат како спасители на светот!
Затоа денес одлучив за 10-годишнината од смртта на Петре М. Андреевски театарски да ја отсонувам поемата „Дениција“ во вид на молотов коктел на љубовта – единствениот клуч на сите револуции.
Ова ќе го забележи режисерот Константин Плевнеш во своето писание „Дениција сега и овде“ публикувано на 4 декември минатата 2016 година, во пресрет на праизведбата на неговиот двегодишен поетско-театарски сон.
Нецели два месеца од тогаш, овој четврток, на 19 јануари во 20 часот, во Центарот за култура Охрид, ќе се одржи премиера на токму на оваа драмска презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски.
Во овој несекојдневен театарски потфат, каде Константин наедно е и автор на оригиналната музика, ликот на Дениција го отелотворува младата актерка Димитрина Мицкоска, божицата Талија е балерината и коерографка Саша Ефтимова од МОБ, а Рубенс Муратовски, актер и првенец на Драмски театар, ја имаше честа и обврската на сцена да го исправи великанот - Петре М. Андреевски.
„Искрено, не познавам толку многу зборови со кои би ја опишал моќта и силината на зборот на Петре. Моќта и силината на „Дениција“. Колку длабоко треба да копаш по дамарите на твојата душа за да создадеш дело како „Дениција“? И не само тоа, туку треба да бидеш допрен од Бога, како што впрочем беше и Петре М. Андреевски.“
Дополнува дека во годината кога се случува Дениција, на светот му се случуваат навистина неверојатни и важни работи. Одекнуваше „Јас имам Сон!“ на Мартин Лутер Кинг по неговото убиство, БИТЛСИ го издадоа „Белиот албум“, се случи Прашката пролет, студентските немири, Хендрикс ја пееше „Вуду дете“..., а еден човек, во една земја, мала по територија голема по душа...пишуваше за љубов.
„Пишува на начин кој е неповторлив. Божествен. Единствениот недостаток на Петре е што сето тоа го напишал на јазик кој го говорат мал број на луѓе. Верувам дека ние Mакедонците никогаш нема вистински да ја разбереме големината на Петревиот збор и наследство. Искрено сум бескрајно среќен што имам можност гласно, на сцена, да ги говорам неповторливите букви испишани од великанот“, вели Муратовски.
Сценографијата за проектот е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, видео-артот е дело на Милчо Узунов, додека уметнички советник е Французинот Флориан Габер.
Во рамките на претставата користени се и пет слики на уметникот Сергеј Андреевски. Говорејќи за нив, за нивното присуство во претставата што Константин Плевнеш ја посветува на творештвото на неговиот татко, тој истакнува дека тематски се врзани за љубовта, за разделбата...
„Тие мои создавања се поврзани со енергијата на бојата, а таа енергија на боја...црвената, зелената...тие меѓусебни релации на тие бои, всушност најсилно ја претставуваат љубовта. Често фигуратиката е второстепена. Таа е повеќе чисто да направи ритам или да направи некоја целина во сликата. Меѓутоа боите се моето најсилно оружје и мислам дека со нив јас ја покажувам таа енергија и таа зависност на љубов, на разделба, на бакнежи...и слично“, вели Сергеј Андреевски.
Конечно, претставата е во копродукција на Народниот театар од Охрид и парискиот „Ici et la“, а со оглед на фактот што поезијата на Петре М. Андреевски е преведена на француски, во периодов што следува предвидено е и нејзино прикажување во повеќе европски метрополи.