Достапни линкови

Андреевска - Со „Лица“ ја напуштам конвенционалноста


Воскресија Андреевска на изложбата „Лица“
Воскресија Андреевска на изложбата „Лица“

Осумдесеттина слики и цртежи кои се одраз на нејзината желба „да го сподели и овековечи креативниот порив инспириран од потребата да ги промени конвенционалните идеи и правила за тоа како се создава и пред сѐ како се восприема уметноста во нашата средина“ ја чинат првата самостојна изложба „Лица“ на младата Воскресија Андреевска, што од 1 до 14 ноември се одржува во Музеј на град Скопје.

Воскресија Андреевска, сега откако на виделина го извади својот циклус „Лица“, е побогата за едно животно и творечко искуство. Младата уметница, како што вели, по отворањето на нејзината прва самостојна изложба во Музеј на град Скопје „се збогувала со големата трема и аксиозноста што претходно ја чувствувала“. Истакнува дека таа не го направила тоа за себе туку за сите. Вели дека уметноста треба да се дели и од таму драго и е што примила искрени комплименти и честитки од луѓето кои не случајно се нашле на отворањето на нејзината поставка. Така заклучила дека го сторила првиот чекор на ликовната сцена и дека сега со право мнозина ќе очекуваат од неа да се покаже со нешто поразлично.

„Јас сум спремна за тоа. За тоа ја направив и изложбата и сакам да правам нешто поразлично. Сакам да сменам нешто зошто премногу имаме нешто што не е уметност. За жал. И многу сме долу ние како земја и затоа целам да покажам нешто поразлично од досега виденото“, вели Андреевска.

Во пресрет на настанот уметницата канејќи ја публиката да присуствува на отворањето во својата порака ќе напише: „Се чувствувам како дете кое за прв пат фатило четка во раката и заборавило каде се границите на листот на којшто создав. Она што го создавам е одраз на моите емоции, импулсот што ме води, мисли кои сакам да ги овековечам. Кога творам, ги откривам скриените делови на мојот дух, се ослободувам и живеам во својата реалност...“

Појаснува дека тоа било „едно неконвенционално претставување како се гледа кон нешто убаво или кон уметност, зошто кај нас кога ќе речат уметност секогаш мислат дека станува збор за нешто што треба да биде декорација во домот, а според неа, тоа нималку не е така“.

„Јас ги правев овие „Лица“ коие се нешто многу блиску до мене. Многу се ближни. На факултет тоа не го учевме. Многу работи кои ги научив таму едноставно не помагаат. Не функционираат, дури одмагаат. Едноставно те водат на некои патишта што за тебе можат да бидат како лавиринт. Искрено сега зборувам од мое искуство а тоа е овде од Македонија, од Факултетот за ликовни уметности. Тоа за мене е лошо искуство. Не можам да говорам за сите, не можам да спомнувам ниту имиња, ниту оддели, но факт е дека нам ни се пренесуваат многу лоши теории и исто таква практика. Јас со оваа изложба пробав да излезам од тие работи. Да ја напуштам конвенционалноста и да заборавам на она што се учи дека треба да се прави“, вели Андреевска.​

Прашана, пак, дали како на уметница која допрва треба да се развива ќе и „тежи“ презимето што го носи и успехот и популарноста на нејзиниот татко и докажан ликовен творец Сергеј Андреевски, Воскресија истакнува дека тоа „едноставно не го гледа така“.

„Не го гледам тоа како товар што го носам. Го гледам како нешто убаво и ќе се трудам некако да го доразубавам. Едноставно сакам да го величам тоа име со убави нешта,со позитивни работи, со добри изложби...со плодотворни проекти. Ова не е ништо. Ова за мене е првиот исчекор, ама мора од некаде да се почне“, смета таа.

Дополнува дека е природно што Сергеј, како и секој татко, понекогаш се обидува да и наметне некои негови размисли и ставови, но дека на крајот се си доаѓа на свое место. Вели дека тој си има свои гледишта, свој творечки ракопис, но дека сите сме различни и „дека кога сугерираме тогаш кажуваме нешто што самите би го направиле, а не го гледаме она што другиот би го сторил“. Затоа несомнено таа не бега од забелешките на некој кој веќе има успешна кариера, но сепак милува сама да си го изоди својот пат во уметноста.

Од таму, не чуди кога Воскресија вели дека сега има желба што повеќе да ја „прошета“ изложбата во и надвор од земјава, дополнувајќи дека во меѓувреме и се родиле и нови идеи.

„Имам веќе идеја и за следниот циклус. Ќе видиме како ќе излезе бидејќи некои работи што ги мислиш однапред многу поразлично на крајот. Но тоа е идејата, да излезам надвор и да шетам колку што можам, колку што можам да примам поголеми знаења, да се дружам, да навлезам многу повеќе во светот на уметноста“, вели уметницата.

Инаку, освен со сликарство, Андреевска се занимава и со графички дизајн (вработена е во маркетинг агенција) и досега, има добиено неколку признанија од оваа област.

„Дизајнот има многу голема врска со ова што јас го работам – сликарството. Тоа е се уметност. Најдобрите графички дизајни што јас ги имам видено се од полските уметници. Кога ги гледаш постерите тоа изгледа како една слика. Се е разиграно, има доста бои, слободни се и тоа е многу важно во графичкиот дизајн. Треба да знаеш кога да застанеш, дали да продолжиш, ништо не е пречка зошто се е всушност надградба. Ќе ми помогне многу и во тоа што го работам и како сликарка и како авторка на графички дизајн. Секоја од двете дисциплини си има правила, свои принципи...но сепак тоа мене ми е многу интересно“, смета Воскресија.

Кон ова само уште и информацијата дека „Лица“ е прво самостојно претставување на Андреевска во Македонија. Нејзината прва самостојна изложба се одржа во Лексингтон, Северна Каролина, САД (уште за време на студиите на ФЛУ Скопје), кадешто во рамките на нејзиниот престој во фондацијата АСОЛАРЕ (ASOLARE Fine Arts Foundation) самостојно изработила и мурал од осум метра квадратни во Градскиот колеџ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG