Достапни линкови

Ѓорѓиев - Имам боја за милион светови


Симболично, 30 дела големи формати, масло на платно, се изложени на јубилејната изложба посветена на трите декади ликовно творештво на македонскиот уметник Горјан Ѓорѓиев, што од 19 до 30 октомври, се одржува во изложбените салони – Империјал 1 и 2 на Културно-информативниот центар во Скопје.

„Пред сè, имам огромна потреба во живо да прикажам слики кои се моменти на едно дневно или неделно опседнување со пријатна размисла во моето себство... Чувствувам дека со луѓето кои ги сакаат и поседуваат моите дела имаме слична животна фрекфенција и дека живееме за љубовта, радоста и креацијата во сите области.“

Ова ќе го напише во својата медиумска порака до љубителите на ликовната уметност и посебно до почитувачите на своето дело македонскиот сликар Горјан Ѓорѓиев. Пораката ќе биде публикувана во пресрет на неговата јубилејна изложба за трите децении творештво, која од 19 до 30 октомври, се одржува во изложбените салони – Империјал 1 и 2 на Културно-информативниот центар во Скопје и на која тој се претставува со 30 дела, големи формати, масло на платно, слики настанати главно во последнава година.

Говорејќи за себе и за сопственото творештво во времето наназад, Ѓорѓиев знае да каже дека сега се чувствува како да е на својот почеток. Дека „почетокот е ист“ и „Како да си направил една слика и се уште ја работиш“.

„Си почнал малку несигурно, сега демек се чувствуваш многу сигурен, многу си моќен и таа слика е всушност една. Како триесет години да сликаш една слика. Доколку се држиш на континуитетот на првичната замисла, јас отсекогаш сум бил контра матрицата. Ако сите оделе нагоре јас сум одел надолу...или обратно. Контра политика, секогаш во опозиција. Ама таа „контра“ не е негативна, „хејтерска“, туку баш онака позитивна, релаксирачка. Некој тип на хипи размисла, иако самиот не сум „хипик“. Така некако. И сега сите тие слики се некој весел момент и наопаку од моментот на сликањето. Триесет години и се уште останува така. Се уште сум кај таа размисла на некаков бунт...всушност да бидеш надвор од тоа што некој ти го наметнува“, вели уметникот.

Горјан појаснува дека не милува да го ставаат во некаков калап – религиски, партиски, општествен и дека сето тоа многу му смета како на творец.

„Како човек во ова социјално-општествено милје не можеш да живееш во изолација. И затоа како единка ти мора да влезеш во таа вода, во една голема бара на размисли и мора во една мимикрија да се направиш – демек и ти си тој. А во суштина и не си. Во принцип мојата уметност и јас како човек на тоа се сведуваме“, вели Горјан Ѓорѓиев.

Од друга страна, уметникот знае да каже дека ако подвлече линија под сопственото творештво во изминатиов период „ се чувствува дека се збогатил себе си со внатрешниот свет што може да го извади во одреден момент“.

„Се чувствувам страшно богат со нешто што можам да дадам. И сега во овие години, кога ќе заокружиш три децении творештво, ја добиваш таа слобода на егзистенција и е не се грижиш за тоа што ќе ти каже некој и на кој начин ќе го стори тоа. Едноставно ти си го имаш својот свет и тој е огромен. Што се вели – јас сега имам боја за милион светови. И како времето поминува чувствувам дека уште повеќе би сакал да живеам во тоа опкружување затоа што тој свет е многу убав“, вели тој.

Ѓорѓиев дополнува дека сега го има чувството дека потегот му е посигурен, дека се чувстува моќен. Дека ја нема некогашната потреба со нанесувањето на бојата на сликата да му се додворува некому, да претстави некое „шеќерче“ кое би и се допаднало на некоја група луѓе. Арно ама, за жал, како што потенцира, во едни вакви услови „и самиот мора да влезе во една бара, бидејќи како човек кој ја има потребата да биде изолиран, излегува дека никој не го прифаќа“.

„Од една страна сакаш да си свој и надвор од таа бара, а од друга гледаш дека никој не те констатира. Не те констатираат кадешто треба затоа што ти не си дел од ништо. И сега како една ваква изложба да ја поставиш? Министерство не ти дава пари. Немам каталог. Сега нешто правам, изведувам...Овде не говорам политички, туку за тие луѓе таму. Тие се индеферентни на луѓе што си ја бркаат работата. Не гледаат на пример „квалитет“. Со него не сме пиеле кафе, ракија...Двојка. Маркетингшки да не зборуваме. Медиумиве се катастрофа. Нив ништо не ги интересира. Не ги прават професионално работите. Историчарите на уметност...тоа е страшно нешто. Јас разбирам дека не се платени луѓето...ама барем малку повеќе етички да обрнат внимание на изложбите. Нема шанси тебе историчар на уметност да ти дојде на изложба, освен ако не ти е пријател или сака да се реализира преку твоето творештво“, вели Ѓорѓиев.

Конечно, Горјан Ѓорѓиев знае да каже дека „е неподносливо она што го има, го носи во себе...дали ќе стигне да го извади на виделина“.

„Постојано сум во боја. Постојано сум во слика и гледам да го извадам она што го имам во себе си. Таа радост на постоењето. Таа радост на тој свет што го имам во себе. Од друга страна се радувам и на моментот кога луѓето ги сакаат сликите што си ги создал. Тие сродни души што ќе ги земат, купат...Тие преку парите ти го плаќаат времето во кое си ги создавал и се среќни што ќе поседуваат дел од твојата уметност. Затоа јас живеам со тој набој, со стравот дали сето она што го имам во себе ќе успеам да го извадам.“

Инаку, роден 1965 година во Скопје, Горјан Ѓорѓиев студирал во класите на Симон Шемов, Петар Мазев и Родољуб Анастасов. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности на отсекот за сликарство во 1987 година, и член е на ДЛУМ од наредната 1988. Зад себе има 17 самостојни изложби и многу групни постановки и ликовни колонии во земјава и во странство, а живее и твори и натаму во родниот град.

Летово се претстави во Ница, во Франција ( „...надвор никој не те знае дека си изолиран од општеството и таму поминувам убаво, таму си го полнам егото...“), а неодамна добил покана да изложува во Хановер, Германија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG