Достапни линкови

Бајковитите приказни на Наумовска во Галеријата МКЦ


Избор од 40 дела во комбинирана техника и со различни димензии, настанати во последниве две години, ќе бидат претставени на изложбата на Касиопеја Наумовска, што од петок, 3 јуни, ќе се одржи во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. За творештвото на уметницата се вели дека извира од нејзината „богатата уметничка имагинација, од длабоки и интимни сфери на потсвеста“.

По две години од претставувањето на селекцијата од циклусите „Раце и лице“ и „Барајќи одговор“ во Македонскиот културен центар во Софија, потем и претставувањето во Штип, па и низата попатни присуства на групните постановки од кои последното беше пред само неколку дена во Кинотека на Македонија, Касиопеја Наумовска, една од највпечатливите уметници од поновата генерација, еве ја со нова изложба. Овојпат ненасловена и со 40 дела во комбинирана техника, масло и акрил на платно, настанати во изминатиот релативно краток временски период.

Преовладува повеќе колорит. Делата не се веќе толку монохромни. Се појавуваат и елементи коишто се поврзани повеќе со флора и фауна како дополнување на една бајковите приказна којашто најверојатно и ми била цел да ја прикажам. На свој начин да ја раскажам.
Касиопеја Наумовска, сликарка

Во овој циклус на понови творби, како што вели, таа и натаму се задржува на фигурацијата и најчестите емоции кај човекот што нејзе ја инспирираат и окупираат за да може да ги претстави со ликовен јазик, со таа разлика што веќе е бележит одреден исчекор во однос на темите и боите.

„Преовладува повеќе колорит. Делата не се веќе толку монохромни. Се појавуваат и елементи коишто се поврзани повеќе со флора и фауна како дополнување на една бајковите приказна којашто најверојатно и ми била цел да ја прикажам. На свој начин да ја раскажам“, вели таа.

Знаејќи го ова нималку не чуди кога во текстот за каталогот за изложбата, нејзиниот колега и раководител на Галеријата - Горјан Ѓорѓиев ќе забележи: Јасно е дека креативноста на Касиопеја произлегува од богатата уметничка имагинација, од длабоки и интимни сфери на потсвеста. Со право може да се зборува за високо ниво на истакнати фантастики на состојба во имагинарните фази, сцени, што секако се реални состојби на нејзината душа. Тој дополнува дека „за време на креацијата таа користи регресија во служба на ЈАС, каде што целта е остварување на инфантилната сексуалност преку фикција, инстинктивно енергијата се канализира преку примарниот процес; фантазии и мечти проткаени во процеси коишто водат кон егото (перцепција, размислување, адаптација), и преку нив се комуницира со реалноста“.

На ова Наумовска возвраќа дека секако мора да постои некаква мотивација или внатрешен порив кој ќе биде главниот елемент или носечкиот столб во создавањето на делото. Појаснува дека создавањето на платната, барем во нејзиниот случај, не е однапред смислен чин или акт. Вели дека во текот на размислувањето и создавањето ја водат некои фантазии, случени, неслучени или измислени настани, тајни, желби...

Се обидувам преку движењето на потегот на четката, со вибрирањето на линијата, со колорот ...или едноставно со поставувањето на фигурите во еден одреден врамен простор, да го кажам, да го постигнам токму тоа доживување. Да може гледачот да ги почувствува со ист интензитет, или можеби да ги насети, да го насети интензитетот на чувствата. Сега, дали тоа ќе биде сексуалност, дали ќе биде тајна, желба, пожуда, самотија...сепак сето тоа се поврзува со емоциите што ние ги чувствуваме.

Прашана за тоа колку, пак, реалноста, она што нам ни се случува овде и сега, може да влијае врз нејзиното творештво Касиопеја истакнува дека и за многу други сега веќе докажани, историски уметници периодот во кој што твореле и создавале не бил нешто пријатен. Како примери ги наведува Гоја, Пикасо...и потенцира дека и ликовните автори денес не можат да бидат индиферентни спрема моментот, времето во кое создаваат и творат. Дека едноставно не може да кренеш раце од сè и да кажеш „е мене не ми одговара овој период и јас нема да создавам, нема да творам, немам инспирација“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG