По само неколку месеци од учеството на 10-то издание на Интернационалниот фестивал на современа уметност „Паратисима - Торино“, Маја Кировска, како добитничка на наградата на Галерија Флукс еве ја со самостојна изложба во овој главноградски изложбен простор. Насловот на постановката, патем составена од повеќе дела кои прават една интегрална целина, дигитални принтови, цртежи и перформанс само на отворањето на 10 мај, во 20 часот, е „Револуција на розови пижами“.
Станува збор всушност за реализација на првата етапа од заедничкиот уметнички проект што уметницата го започна во соработка со Ницан Хамерман од Израел и за еден вид експеримент и повик за акција до сите сонувачи и креативни умови да ги вклучат до максимум своите способности за да нема повеќе војни.
Јас носам розови пижами. Тие сами по себе се смешни, но и симпатични. Тие се предмет што немаат политичка, национална и верска конотација и веројатноста дека идејата ќе наиде на свои непријатели е мала. Тоа е еден вид на гаранција дека нема да се јават пречки во ширење на оваа идеја. Да носиш розови пижами не може некому да нанесе никакво зло.Маја Кировска, уметница.
Појаснувајќи ја генезата на проектот, Кироска вели дека поттикот за размислување за овој проект насловен „Револуција на розовите пижами“ произлегол од неможноста да се најде некое практично или остварливо, всушност возможно решение за проблемите коишто го зафаќаат денешното општество. Односно за глобалната криза која што го има зафатено општеството денес и за која кога човек пробува да најде некое логично решение гледа дека тоа практично е невозможно.
Таа дополнува дека за време на нејзиниот престој во Малта каде учествувала на уметничкиот камп организиран од УНЕСКО, на собирот каде што се говорело за светскиот мир, за постигнување на дијалог меѓу земјите, за доаѓање до некое решение... постојано се повторувала фразата „мир во светот“. Истакнува дека речиси никој и да немал некој конкретен став во врска со тоа како би се постигнал дијалогот и конечно како тој би се спровел во пракса. Испровоцирани од тоа , со неколку колеги, почнале да дискутираат на оваа тема и хипотетички, преку разни примери од литературата, од теоријата...дошле до заклучок дека е потребна еден вид на револуција. Односно до драстична промена која би се спровела во сите делови од земјината топка и зад која би застанале сите луѓе наеднаш.
„Ова беше еден вид дадаистичка игра. Всушност во неможноста да се најде вистинско решение – од една страна иронија, а од друга провокација за размислување. На крајот реков зошто тоа да не биде носење на розови пижами? Јас носам розови пижами. Тие сами по себе се смешни, но и симпатични. Тие се предмет што немаат политичка, национална и верска конотација и веројатноста дека идејата ќе наиде на свои непријатели е мала. Тоа е еден вид на гаранција дека нема да се јават пречки во ширење на оваа идеја. Да носиш розови пижами не може некому да нанесе никакво зло. Реков повеќе на шега дека светот би бил многу поубав кога сите луѓе би носеле розови пижами. И колегата Ницан Хамерман само дофрли: Е, тоа можеби е и вистинската револуција! Револуцијата на розовите пижами“,вели Кировска.
Минатиот месец дел од овој проект, како еден вид провокација, како експеримент да се видат ефектите кои што би ги предизвикал, коментарите, реакциите и слично, беше претставен на една групна изложба во Националната галерија на Македонија – Чифте амам. Потоа Кировска фотографиите од постановката ги објавила на социјалните мрежи, по што уследила лавина од коментари на нејзините пријатели, пред сè уметници или луѓе кои се занимаваат со хуманитарна работа. Повеќето од нив искоментирале дека имаат розови пижами, некои забележале дека имаат исти такви само со точки...Некој и напишал дека розовата боја е црвена, ама не сосема. За уметницата тоа било еден навистина добар знак.
„Зошто розови пижами? Розовите пижами ја имаат привлечноста на леснотијата на поп културата, но истовремено покажуваат ироничен став. Тие се симбол на мирниот сон од кој се раѓаат нови идеи и креативни решенија за иднината. Тие се униформа на сонувачите. И не е важно дали се со точки, срциња или цветчиња, едноставно треба да претставуваат поттик. Многумина сметаат дека уметноста нема поголемо општествено влијание и способност да направи поголеми промени како политичките движења, но сепак, иманентно својство на уметноста е слободата да прави обиди, експерименти, да провоцира, да биде смешна, лажна или да биде игра. Од оваа слобода, специфичното поле и принципи на функционирање, произлегува и нејзината моќ на делување. “
Инаку, постановката во галерија Флукс е првата етапа од развивањето на овој уметнички концепт на Кировска и Израелецот Хамерман. Наредната година тој во својата татковина ќе ги изложи делата настанати од нивната интеракција и честа интернет преписка, за да конечно третата фаза биде претставена во некоја од европските земји.
Она што е основно во нивните потраги е сознанието дека поголем дел од светската популација не живее во благосостојба и дека многу брзо животната средина ќе стане неподносливо место за живеење доколку продолжиме со ова уништувачко темпо. Тоа е причината за нивниот ангажман во потрагата по креативни решенија за иднината. Свесни дека во моментов можеби и ги немаат одговорите, тие не се откажуваат од идејата за акција која провоцира размислување. Од таму сево ова, во случајов насловено како „Револуција на розовите пижами“, е само повик до сите сонувачи и креативни умови да ги вклучат до максимум своите способности да нема повеќе војни.