Достапни линкови

Наивецот Ристовски со 25 масла на стакло во галеријата МКЦ


Слика на македонскиот сликар наивец Васко Ристовски.
Слика на македонскиот сликар наивец Васко Ристовски.

Дваесет и пет слики, масло на стакло, од македонскиот наивец Васко Ристовски, ќе бидат претставени на изложбата што овој петок, 28 март, во 20 часот, ќе биде отворена во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Ова е негова шеста самостојна поставка, а во јуни делата на овој наш уметник ќе се најдат на Светската изложба на наива во Катовице, Полска.

По три години од постановката во Националната галерија на Македонија – објект Чифте амам, Васко Ристовски еден од ретките домашни сликари на наивата кој твори во континуитет, наново ќе ѝ го претстави своето творештво на ликовната публика. Овојпат средбата ќе се случи на изложбата во Галерија МКЦ, каде е планирано да се најдат 25 слики, масло на стакло, настанати од 2011 година наваму.
Наивата како стил и натаму е присутна кај мене. Стаклото ми е единствениот медиум и не помислувам да се префрлам на платно.
Васко Ристовски, сликар наивец.


Говорејќи за актуелниот циклус, Ристовски вели дека и натаму негова преокупација се Македонија, етнографијата, селскиот живот поврзан со социјалата, всушност сето она што постоело во некои дамнешни времиња. Тој дополнува дека мотивот е ист, но дека она што е променето кај него како творец во изминативе две-три години е изразувањето.
Јас се навраќам на она што кај нас е одамна изгубено – селото, етнографијата, моменти кои денес веќе тешко се наоѓаат и можете единствено да ги видите или во Музејот во Стара чаршија или тука-таму во некоја публикација.
Васко Ристовски, сликар наивец.

„Наивата како стил и натаму е присутна кај мене. Стаклото ми е единствениот медиум и не помислувам да се префрлам на платно, меѓутоа во една фаза експериментирав доста со бои, има доста жарки, доста јаки бои, чисти, дури и на моменти некои дела делуваат малку експресионистички затоа што имаат јак колорит, за да потоа навлезам во друга фаза каде што она што е прикажано на сликите е практично со еден извор на светлина. Значи, на темно светло, во стилот на барокното сликарство“, вели Ристовски.
Македонскиот сликар наивец Васко Ристовски.
Македонскиот сликар наивец Васко Ристовски.

Уметникот дополнува дека добра половина од изложените слики се работени на тој начин и смета дека тоа едно светло, од свеќа или лампа, во таа игра на сенки, му дава сила и енергија на делото, а дека останатите каде се прикажани зими, лета, портрети, се многу посветли, поколоритни и смета дека, за ова кратко време, успеал да дојде до попрочистен израз.

„Едноставно, тоа ми беше идејата, така чувствував и мислам дека донекаде сум успеал, но останува тоа да го кажат критиката и публиката“, вели уметникот.

Роден 1967 година во Скопје, Васко Ристовски дипломирал на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Со сликарство се занимава од 1995 година и досега има одржано пет самостојни изложби од кои четири во Скопје (Националната галерија на Македонија во објект Чифте амам - 2011, Галерија „Оливер“ - 2008, Музеј на град Скопје - 2004 и Галерија КО-РА во 2002) и една во Белград (Галерија „Никола Пашиќ“ - 2001), соседна Србија.

За неговите дела Горјан Ѓорѓиев забележува дека „имаат извонредна количина на ликовен израз и енергија за да се остварат сите моменти на внатрешната визија на авторот“, а Маја Чанкуловска-Михајловска, во текстот за изложбата, пишува дека „во секоја од сликите на Васко Ристовски, како дел од неговото хуманистичко творештво, секогаш се чувствува присуството на човекот, дури и кога тој не е претставен. Таа нагласува дека тие функционираат како одвоен лирски меланхоличен микросвет со сопствена приказна чие комплетно исчитување бара сериозно задлабочување во слоевите на она што е видливо (личности, предмети, ситуации, природа...), но и навестено“.

Како инженер-агроном по професија и вљубеник во селото и селската идила, уметникот вели дека ако треба да се бара основата за неговото бавење со сликарството е неговата склоност и љубов кон ренесансното и ранобарокното сликарство, кои всушност биле и основа за настанокот на наивата во поранешна Југославија.

„Јас се навраќам на она што кај нас е одамна изгубено – селото, етнографијата, моменти кои денес веќе тешко се наоѓаат и можете единствено да ги видите или во Музејот во Стара чаршија или тука-таму во некоја публикација, книга или на фотографија од типот на Благој Дрнков. До душа македонската етнографија е доста богата. Од село до село, од регион до регион, постои навистина едно изобилие на форми, на бои, така што јас тука се обидувам веќе да генерализирам. Не се врзувам за региони и создавам еден свој типичен свет поврзан со етнографијата кој би бил препознатлив за мене. Значи, дефинитивно не се врзувам за типичните нешта за одредени региони од земјава, ниту за одредено време“, вели уметникот.

Од друга страна, она што е особено важно е што Ристовски, во јуни годинава, како прв претставник од Македонија, ќе учествува на Светската изложба на наива во Катовице, Полска, која овојпат ќе биде посветена на Балканското наивно сликарство.

„Освен најголемите уметници на наива од целиот свет, таму ќе бидат присутни и најпознатите колекционери, галеристи, односно се она што е поврзано со оваа уметност на глобално ниво. Едноставно луѓето ќе имаат можност, од 12 јуни и во наредните два месеци да уживаат и да воспостават контакти и да купуваат дела бидејќи изложбата ќе биде продажна. Јас лично ќе бидам првиот Македонец кој досега учествувал на овој собир и се надевам дека ќе бидам во можност на вистински начин да го претставам моето сликарство“, вели Ристовски.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG