Достапни линкови

Изложба со прашања за опсесивноста во современото живеење


„Опсесија“ е насловен меѓународниот колаборативен проект на групата АУТСАЈТ од Австрија и нашите Ана Лазаревска и Нита Чаволи, што од 5 до 14 март ќе се одржи во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица во Скопје. Преку перформанси, видеа, фотографии и инсталации, уметниците ги отвораат кревките прашања врзани со опсесивноста во современото живеење.

Што претставува „опседнатоста“ денес? Како се манифестира опсесивно однесување во однос на националниот идентитет, социјалниот живот, културата?
Ова е една голема парадигма и промена во целото општество и со оваа тема мислам дека се занимаваат сите структури во мислењето и во школите на мислење.
Нита Чаволи, уметница.

Ваквите прашања не се скорешни, но карактерот и видовите на опсесии со развојот на технологијата и новите медиуми се изменети. Перцепцијата, пак, за себството, со актуализацијата на социјалните медиуми добива сосема нова димензија.

Оттука, проектот развива три нивоа на репрезентација - културната разноликост во односот со меморијата, националните конструкции и идентитетот; перцепцијата на поединецот во релација со себе и останатите; ефектите кои социјалните медиумите ги имаат во однос на идентитетските одредници.

Јас претпоставувам дека секое современо човечко суштество, ако не размислува, тогаш барем ја чувствува оваа сериозна огромна промена во социјалните аспекти на човештвото.
Нита Чаволи, уметница.

Наместо да се негува претстава за идентитетот како фиксна одредница, на него треба да се гледа како на никогаш комплетен и завршен процес, а секогаш конституиран во рамки на репрезентацијата. Ова гледиште воедно и ја проблематизира авторитативноста и автентичноста за она што е културен и национален идентитет.

Ова ќе го запише кураторката Јованка Попова во текстот посветен на меѓународниот колаборативен проект на групата АУТСАЈТ од Австрија во која се Лена Виолета Јаитнер и Стефи Хојхубер и нашите уметници Ана Лазаревска и Нита Чаволи, што од 5(отворањето на изложбата е во 19.30 часот) до 14 март ќе се случува во Националната галерија на Македонија – објект Мала станица во Скопје.

„Ова е една голема парадигма и промена во целото општество и со оваа тема мислам дека се занимаваат сите структури во мислењето и во школите на мислење. Самото негово делување, тој социјален живот на интернет, сите тие промени кои што се случуваат и на личноста и на идентитетот преку тоа се исклучително важни за тоа како се менува поимот на идентитетот на личноста во овој век во кој ние живееме. Јас претпоставувам дека секое современо човечко суштество, ако не размислува, тогаш барем ја чувствува оваа сериозна огромна промена во социјалните аспекти на човештвото“, истакнува Нита Чаволи.

Таа дополнува дека иако опсесивноста е широк термин, сепак би можела да ги покрие сите нив како концепт кој присуствува во секое од нивните дела – и заедничките и индивидуалните.

„Нашата опседнатост со решавањето на идентитетските прашања, нашата опседнатост со перцепцијата на себството, на нашето и туѓите и нивните релации помеѓу, нашата опседнатост со женскоста и неговата манифестација во општеството и згора на тоа секој од овие концепти сам по себе повлекува многу потконцепти, нас не наведе едноставно да чувствуваме дека треба да се делува на таа тема“, вели Чаволи.

Она што е особено важно, пак, е тоа што за целото времетраење на изложбата во Мала станица уметниците ќе живеат во галерискиот простор и ќе бидат отворени за соработка со публиката. Од таму сосема разбирливо е што плодовите од таквата нивна взаемна интеракција и од комуникацијата со посетителите ќе бидат претставени како условно посебна целина на денот на завршувањето на оваа фаза од проектот.

„Возбудливиот дел на сево ова е што е сè променливо и под вечна истрага од наша страна“, потенцира Нита Чаволи.

По оваа изложба заедничкиот ангажман на уметниците продолжува и во периодот што следува, па така кон крајот на годината е предвидено уште едно претставување на „Опсесија“, но овојпат во Виена, во Австрија.

Инаку, идејата за заедничка колаборација и размена на уметности помеѓу групата АУТСАЈТ и Ана Лазаревска е резултат на една студентска размена од пред неколку години, а Чаволи во проектот влегла неодамна на покана на својата колешка.

„Австриските уметници веќе имаа развиено еден концепт кој го работат подолго време, а тоа е себерепрезентација во онлајн медиуми и низ тој нивни израз излезе една прилично општа тема а тоа е опседнатоста која ние четири како индивидуи прилично различно ја имаме изразено во рамките на оваа конкретна изложба“, објаснува таа.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG