Достапни линкови

Мартин Георгиевски – Не сакам граничници во творештвото


„Искривена перспектива“ (FALSE PERSPECTIVE) е насловена првата самостојна изложба на фотографии со вклучена аудио-визуелна инсталација на младиот уметник Мартин Георгиевски (или Amplidyne Effect), чие отворање е закажано за овој петок, 28 февруари, во 20 часот, во Галеријата на Автономно културно социјален центар во Скопје.

Мартин Георгиевски (или Amplidyne Effect) е млад урбан човек и артист кој подолго време е присутен на македонската субкултурна сцена. Тој е уметник и музичар кој во сопственото творештво милува да комбинира различни современи техники и пристапи за да ја добие пожелуваната мултимедијална комбинација.
Искрено не сакам воопшто да работам тематски бидејќи тоа те обврзува да сликаш некоја тема што ти самиот си ја смислил. Никогаш не сум работел така – да си ставам некои граничници во творештвото.
Мартин Георгиевски, уметник.

„Искривена перспектива“ (FALSE PERSPECTIVE) е неговата прва самостојна изложба на фотографии, во која ведно е инкорпорирана и аудио-визуелна инсталација.
Во дигиталново време можеме да правиме што сакаме со фотографиите или со музиката. Да ги манипулираме и на друг начин да се добие една сосема поинаква перспектива на тој звук или медиум.
Мартин Георгиевски, уметник.

Во неговата работа, како што забележува кураторот на настанот Тони Димитров, евидентен е современиот пристап, кој аналогното го комбинира со дигиталното. Фотографиите се дигитално обработени до степен на непрепознатливост, добивајќи визуелен идентитет и едноставност блиски до плакатот. Векторизирани се на ниво на графички дизајн, со тоа губејќи ја својата примарна фотографска поента и естетика. Всушност, како што дополнува Димитров, постановката е форматирана во вид на фото-дневник од патувањата на авторот на различни локации низ светот, прикажувајќи сегменти од урбаниот пејзаж на големиот град или микро-моменти од технолошките придобивки на современото општество; амбиентални структури или визуелни отсечоци од локациите каде тој бил, престојувал или само поминал. Тоа се слики на задоцнет остаток од попатен поглед, движење или само отпечаток од скенирана површина, прикажувајќи ја нејзината детална текстура. Делови од мостови, метро станици, ескалатори, екрани, исечоци од архитектонски објекти или само парче градско небо, се само дел од предметите на овие фиксирани погледи и движења. Замрзнатите кадри ја оддаваат и нескриената критичка димензија, претставувајќи ги преку нив резултатите на глобализираното општество и неговите дистописки карактеристики. Критичката димензија се потенцира и преку игнорирањето на правилата и техничкиот квалитет на фотографијата, а Георгиевски не води сметка ниту за перформансите на опремата која ја користи, со тоа избегнувајќи го пуристичкиот и елитистички момент на класичната фотографија, но добивајќи на динамика, преку потенцираните дигитални грешки и шум.
Во последно време многу работам со дизајн. Две-три години сум преокупиран со тоа и едноставно сакам да видам кои ми се можностите во тоа експериментирање со фотографијата и звукот.
Мартин Георгиевски, уметник.

„Искрено не сакам воопшто да работам тематски бидејќи тоа те обврзува да сликаш некоја тема што ти самиот си ја смислил. Никогаш не сум работел така – да си ставам некои граничници во творештвото. Дури и не сум очекувал дека ќе бидам некој фотограф. Сакав повеќе да направам нешта што јас сум ги доживеал како фотографии или дизајн“, ќе рече авторот на изложбата.

Георгиевски потенцира дека не е само една перспектива она што ние го гледаме и дека притоа тоа што го имаме како слика може да биде во еден или друг спектар на бои, да биде нешто поапстрактно од она што ние едноставно сме го изградиле како род.

Говорејќи, пак, за самиот наслов на изложбата истакнува дека сè започнало со неговите интервенции врз одредени музички материјали забележани на албумот „Oldcast #50 Blossom“ од каде и произлегла идејата за него.

„Во дигиталново време можеме да правиме што сакаме со фотографиите или со музиката. Да ги манипулираме и на друг начин да се добие една сосема поинаква перспектива на тој звук или медиум“, вели Георгиевски.

Конечно, изложбата „Искривена перспектива“, како што пишува кураторот, е придружена и со аудио/визуелна инсталација, „чија lo-fi естетика ја надополнува целината на фотографските дела и дава нов впечаток и доживување преку играта на светло и звук. Дрон музиката која се емитира во заднината, дополнително ја засилува дистописката претстава на урбаниот пејзаж, но и ја дообликува целината на естетската слика“.

„Во последно време многу работам со дизајн. Две-три години сум преокупиран со тоа и едноставно сакам да видам кои ми се можностите во тоа експериментирање со фотографијата и звукот. Дури ќе кажам дека следува и едно ново издание со еден артист од Англија – Сајмон Џонс со артистичко име Хот Хеил (работи инсталации е експерименти албуми), кое што е резултат исклучиво на нашата интернет комуникација и кое ќе биде објавено за некоја од домашните или странските издавачки етикети“, вели Георгиевски.

Фотографиите од оваа изложба, во комбинација со неколку други, се поместени и во експерименталниот фото албум/каталог насловен како Amplidyne Effect: Photography and Glitch + Drones (овде се спојуваат различни експериментални техники на печатење и различни типови хартија на која се печатени фотографиите) што ќе им биде делен на посетителите во галеријата на АКСЦ.

Кон ова уште информацијата дека Amplidyne Effect е мултимедијален проект на Мартин Георгиевски кој експериментира со гитара, сајзери и ефекти, создавајќи комбинации и споеви кој варираат од амбиент, дрон и експериментална електроника, сè до пост-рок и ноиз-рок. Постои од 2009 година и досега има работено на бројни импровизациски сесии и концерти со артисти од Македонија, Швајцарија, Аргентина, Америка и од Велика Британија. Згора на тоа, Георгиевски е еден од тројцата артисти во амбиенталниот проект ПОСТ ГЛОБАЛ ТРИО, а едно време се појавуваше како гостин на перформансите на Васко Серафимов.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG