Достапни линкови

Триесеттата Поетска ноќ во Велестово „заборавена“ од државата


Со програма посветена на најновата македонска поезија, уметнички перформанси, изложба и промоции, на 20 и 21 јули, ќе се одржи јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово, втората најстара книжевна манифестација во Македонија за која Министерството за култура годинава во својот Годишен конкурс за програми од национален интерес не одвои ни денар.

Под падините на Галичица, онаму каде што е најубавиот поглед на Езерото, во Велестово, по 30-пат ќе се чита поезија. На Чешма, средсело. Меѓу две неба како што за Велестово и за неговата, нашата Поетска ноќ запишал Богумил Ѓузел.

Ќе се чествува уметноста во нејзината суштествена форма. Онака како што тоа се правело во изминативе децении и трпеливо бегувајќи ги вистинските вредности се градел имиџот на оваа несомнено врвна манифестација која поодамна со стамен од зачекори на интернационалната сцена.

А, јубилејната 30-та Поетска ноќ во Велестово ќе биде посветено на најновата македонска поезија. Така в петок, на 20 јули, следени од жуборот на водата, своите песни ќе ги читаат Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски, Елизабета Баковска, Николина Андова Шопова, Ѓоко Здравески и Исток Улчар.

Истата вечер, во тремот на црквата „Успение на Света Богородица“ ќе биде отворена изложбата „15 години - Арт Поинт - Гумно“ на која ќе биде претставен изборот на дела инспирирани од доживувањата на руралните простори на горен Демир Хисар од уметниците од светот кои досега престојувале во селото Слоештица и чии домаќини биле Ирена и Сергеј Андреевски.

Два настани се предвидени и за наредниот ден. Во сабота, на 21 јули, најнапред во просториите на МАНУ (куќа „Уранија“) во Охрид, со почеток во 20 часот, во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“ ќе биде претставен романот „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година. Нешто потоа, е закажано одржувањето на новото, четврто по ред издание на поетскиот настан „Имам нешто да ти кажам“, на кое покрај гостите Ивановски, Јанчовски, Баковска, Андова Шопова, Здравески и Улчар, своја поезија во многу поопуштена атмосфера ќе понудат и неколкумина млади охридски творци.

Кон ова не смееме да заборавиме и тоа дека на Чешма на отворањето на манифестацијата свој рецитал ќе има саксофонистот Горан Папаз чии корени се од Велестово, а во рамките на она што е именувано како оф-програма, во недела, на 22-ри јули од 19 часот, ќе биде промовиран и препевот на стиховите на Руми којшто Тихомир Јанчовски ги собра во книгата насловена „Два света“.

Инаку, во рамки на јубилејот, во соработка со ПНВ Публикации, ќе биде објавена книгата „Гласови на новиот век – панорама на поновата македонска поезија“, во која се застапени 32 современи македонски поети, како и јубилејното гласило на манифестацијата, а во подготовка е и монографијата „30 години Поетска ноќ во Велестово“ која ќе биде промовирана следниот месец.

„Ова е книга којашто сакавме да обедини поети од повеќе генерации, но сепак тоа се автори кои почнале да творат и се појавиле на книжевната сцена од 2000 година наваму и чија што поезија сметаме дека е маркантна и дека заслужува посебно внимание“, вели Јулијана Величковска од ПНВ Публикации.

И кога ова е веќе познато, мнозина ќе забележат дека и покрај напорите на организаторите и нивните помагатели и пријатели, та и покровителството на Општина Охрид, на 30-то јубилејно издание на Поетска ноќ Велестово ќе изостане меѓународната програма, на која овојпат требаше да биде претставена најновата хрватска поезија. Ова подразбира дека во Охрид и на манифестацијата нема да дојдат петтемина хрватски поети и дека нема да биде објавена книгата посветена на современата хрватска поезија. Згора тргната на страна е и Ноќта посветена на македонската хаику поезија, ќе ги нема и организаторите од сродните европски манифестации, ниту пак очекуваниот настап на претходните учесници за јубилејот на Поетска ноќ Велестово.

Објаснувањето за ова е повеќе од едноставно. За втората најстара книжевна манифестација во Македонија, Министерството за култура на Република Македонија годинава во својот Годишен конкурс за програми од национален интерес не одвои ни денар.

„Министерството за култура оваа година не ја поддржа манифестацијата иако министерот на прес конференцијата рече дека ќе вложи силни заложби за децентрализација на културата и дека предност ќе имаат манифестациите со подолгогодишна традиција. Ние имаме 30-годишна традиција зад нас, квалитетна програма со многубројни учесници којшто стојат зад тоа и се надеваме дека во иднина Министерството за култура и државните институции ќе застанат зад манифестации како нашата и ќе имаат малку повеќе визија. Дека на некој начин ќе ја поддржуваат вистинската култура и вистинските вредности во Македонија“, смета Величковска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG