Грчките уметници Ангелос Скуртис, Антигони Каввата, Ели Гравалу, Корнилиос Граменос, Марк Хаѕипатерас и Харалабос Кацацидис, како и нашите Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Шќипе Мехмети, Исмет Рамиќевиќ и Натали Николовска, од 30 јуни до 5 јули, беа учесници на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“ што се одржа во Струга.
Тие заедно со уште тројца млади уметници од градот домаќин цели шест дена твореа и другаруваа, а плодовите од сето тоа ликовната публика и воопшто домашната културна јавност ќе има можност да ги види на изложбата, што како круна на настанот, од 6 јули се одржува во Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам во Скопје.
Со овој проект Здружението на граѓани „Концепт“ од Скопје, како негов иницијатор, дава свој конкретен придонес во заложбите за добрососедство, пријателство, соработка и комуникација меѓу уметниците на двете држави, со што истовремено се развиваат и продлабочуваат и културните односи меѓу Република Македонија и Република Грција.
По завршувањето на колонијата Сергеј Андреевски знае да каже дека во Струга заедно работеле со една „делегација“ на уметници од соседна Грција и дека за тоа време повеќе дискутирале за уметноста, за животот, за глобалното затоплување, за светската политика... отколку за проблемите помеѓу нашите две земји. Вели дека едноставно човечки и творечки се запознавале, се дружеле, размениле адреси и дошле до заеднички заклучок и натаму да го негуваат стекнатото пријателство.
- Мислам дека тоа се тие убави средби кадешто со уметноста се решаваат проблемите поедноставно отколку со било кое политичко средство. Јас во изминатава недела запознав навистина прекрасни луѓе...дури прекрасни не е вистинскиот збор за да се опише она што го чувствувам, вели Андреевски.
Неговиот колега Корнилиос Граменос истакнува дека „уметноста со векови не ги решава проблемите на општеството и на човекот, но прави нешто многу поважно од проблемите што ги решаваат политичарите или војните“.
- Уметноста со векови не ги решава проблемите на општеството и на човекот, но прави нешто многу поважно од проблемите што ги решаваат политичарите или војните“.. Уметноста ни помага. Правење уметност и вклученоста во уметноста ја проширува нашата свест. А проширувањето на свеста ни овозможува да ги разбереме најзначајните аспекти на една ситуација, без разлика дали е реална или духовна. Така, способни сме да се соочиме со тешките ситуации на креативен начин. Денес најтешко е да ги соочуваме проблемите со трезвена глава и да носиме одлуки за значајни ситуации кои се случуваат секојдневно. Уметноста е начин да одговориме правилно на ситуациите кои доаѓаат кон нас. Преку оваа колонија, луѓето од Македонија и луѓето од Грција, кои беа заедно 7 дена, работеа, јадеа и пиеја заедно, разговараа, другаруваа деноноќно ... на наједноставен даваат одличен пример како да продолжиме, како да ги надминеме проблемите што реално постојат, вели Корнилиос.
Шќипе Мехмети, пак, појаснува дека ова нејзе и е прва колонија на која учествува со грчки уметници. Вели дека колонијата „Културен мост“ доаѓа во вистинско време. Во период по потпишување на договорот помеѓу двете земји, кога страстите особено кај неговите противници се распламтени, и кога е дојдено времето за зближување. Таа потенцира дека недостига подобра информираност на приликите во обете земји, дека треба да се работи на взаемно запознавање и дека токму преку уметноста луѓето најлесно се зближуваат.
- Мора да градиме мостови на пријателство на овој начин. Со вакви проекти несомнено е дека ќе успееме тоа да го направиме. Само преку размена на уметничките дострели и културата воопшто ќе ги надминеме предрасудите и конфликтите, смета Мехмети.
Инаку, на 4 јули, на летната сцена во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, истакнатиот македонски уметник Исмет Рамиќевиќ, во рамките на првата македонско-грчка ликовна колонија „Културен мост“, го изведе својот перформанс насловен „Змија“. Со тоа тој ја продолжи серијата во која се и досега изведените перформанси „Ритам“, „Ѓуле“ и „Шмирглање“, а за да проектот биде комплетиран останува во периодов што следува Рамичевиќ да ги претстави уште „Сечење“ и „Бушење“.