Фамата против сајтовите за лажни вести од Велес ја дигнаа американските мејнстрим медиуми кои изгубија голем дел од публиката и влијанието поради напливот на конзервативни сајтови на социјалните мрежи, вели македонскиот адвокат Трајче Арсов во разговор за Радио Слободна Европа. Го контактиравме Арсов, откако од Истражувачката мрежа за организиран криминал и корупција беше посочен како човекот кој ги „измисли“ велешките сајтови кои ја потресоа американска политичка и медиумска сцена. Тој вели дека мотивите за отворањето на сајтовите биле строго деловни, приказните за некакво руско влијание се чиста манипулација, а извор на лажните вести кои ги ширеа сега затворените велешки сајтови всушност се американски конзервативни интернет страници кои сè уште постојат, вели тој.
Истражувачката мрежа за организиран криминал и корупција(ОЦЦРП), Базфид и Истражувачка репортерска лабораторија Македонија го идентификуваа Арсов, адвокат од Скопје по потекло од Велес, како сопственик на првиот „велешки“ сајт за американска политика - USAPoliticsToday.com. Арсов е познат во новинарските кругови затоа што често застапува новинари во случаите за навреда и клевета, но и во случаите за авторски права. Тој се идентификува како либертаријанец, чии политички идоли се американските републикански сенатори Ренд Пол и Тед Круз. Арсов смета дека мејнстрим медиумите како Си-Ен-Ен, Ем-Ес-Ен-Би-Си, Њујорк Тајмс или Еј-Би-Си се пристрасни за американските демократи.
Во разговор за Радио Слободна Европа, тој уверува дека неговиот сајт работел професионално и не се занимавал со лажни вести, туку објавувал авторски содржини на англиски јазик и токму поради тоа вработувал новинари од САД и од Велика Британија, а дел од содржините биле преземени од други американски конзервативни сајтови. Сепак, истражувањето на ОЦЦРП во архивата на неговиот веќе непостоечки сајт покажува дека и таму се објавувале теории на заговор. Арсов вели дека не верува дека велешките сајтови влијаеле на исходот од претседателските избори во САД во 2016 година, на кои победи Доналд Трамп, туку оти повеќе ја потресле американската медиумска сцена.
Противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон, ги обвини велешките сајтови за лажни вести за изборниот пораз. Таа алудира дека зад сајтовите стои Русија. ОЦЦРП објави дека се води истрага за случајот, но оти засега не се откриени докази за руска поврзаност со сајтовите. Дел од сопствениците на вакви сајтови уште пред две години за Радио Слободна Европа сведочеа дека немаат никаква политичка позадина, туку го работат тоа затоа што им носи пари.
Политиката поинтересна од текстовите за здрава храна
Во Велес имаше неколку стотини интернет сајтови кои пласираа вести на англиски јазик, пред сè за здрава храна, спорт, автомобили и мотори, кои заработуваа преку сервисите за онлајн рекламирање. Откако се покажува дека про-Трамп сајтовите се доходовни, и други велешани отвораат такви интернет страници. Арсов вели дека сајтовите ги отворале деца со речиси никаков интерес за американска политика и скромни познавања на англискиот јазик и затоа и не биле автори на објавените содржини, туку само ги копирале од веќе постојните американски десничарски сајтови. Најчесто копирале вести од медиуми како Брајтбарт, Фокс Њуз, Вашингтон егзаминер, Хил, Дејли колaр, но и од заговорничките Инфоворс и други американски сајтови кои шират теории на заговор.
„Се рашири лажна фама дека во Велес се креираат лажни вести, што не е точно. Во Велес се крадеа вести од американски сајтови. Значи правеа копи-пејст на тие вести и ги претставуваат како свои“, вели Арсов за Радио Слободна Европа.
Тој посочува дека „велешките деца“ не ни размислувале дали вестите се лажни или не, туку копирале кога некој наслов ќе им се видел интересен. Арсов вели дека отворањето на вакви сајтови било финансиски примамливо во сиромашни земји како Македонија, каде што може да се заработат по неколку илјади евра месечно, но во САД тоа е потпросечна плата па затоа и нема голем интерес. Токму затоа и ударот беше против велешките сајтови, а не против американските, вели тој.
Најголемиот дел од сајтовите сега се затворени откако беа тргнати од АдСенс и им беа избришани Фејсбук страниците, со што изгубија и можност за заработка. Освен политичките, настрадаа и сајтовите од Велес кои се занимаваа со други теми, вели Арсов.