Велес уште еднаш се најде на страниците на познатите светски медиуми и повторно за истата тема. По Гардијан овој пат на неколку денови пред претседателските избори во САД и Базфид пишува за феноменот на отворање страници кои го фаворизираат републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Како прва вест на еден од сајтовите е дека Трамп ќе поднесе обвинение против демократскиот кандидат Хилари Клинтон. Во текстот се коментира дека најверојатно тој ќе биде наредниот претседател на земјата. Целиот текст, како што е наведено на страната е преземен од друг сајт. Еден од основачите на таков сајт, кој не сакаше да зборува јавно, туку под услов да биде анонимен, ни кажа целта му била да заработи пари за време на студиите.
„Решив сајтот да го отворам, затоа што немав работа и беше лесно, бидејќи работев од дома. Зошто Трамп? Затоа што е најчитан и има најголем интерес за него. Заработката варираше од месец во месец, но е доволна за еден студент.“
Тој додава дека прекинал да го работи сајтот во август, бидејќи нашол постојана работа со стабилен прилив на пари, а дополнителна причина било тоа што почнале да се отвараат многу сајтови и паднала заработката. Улога одиграла и, како што наведува, паранојата, откако во јавноста се дознало за таквите сајтови. За вестите, посочува не внимавале премногу да бидат веродостојни, ако информацијата била интригантна ја објавувал, но не и ако било очигледно дека е лажна.
Уредникот на информатичкиот портал it.mk, Виктор Дано не верува дека се работи за политички интереси, туку причината е интернет идеологијата дека ако отвориш веб сајт веднаш ќе имаш многу реклами и ќе заработиш пари, а го користат сензационализмот и Трамп за да привлечат голема публика.
„Но тоа што тие го работат е криминално и сигурно е измама, бидејќи прво крадат содржина од други, прават плагијат вести и претставуваат лажни информации. Тоа се апсулутно лажни вести. Не се ни во рамките на пародија, туку комплетно намената им е да шират теорија на заговор“.
Дано додава дека тоа го прават за пари иако, според него, бизнисот не е одржлив.
„Така да се работи за урбани митови и американскиот сон да бидеш богат за многу брзо време преку интернет. Ако сте ги виделе оние реклами на интернет „кликни тука за да научиш како ќе правиш илјадиници евра од реклами на Гугл“ е еквивалентно на тоа кога ќе ти стигне писмо од нигериски принц дека ќе ти даде два милиона евра на твојата сметка. Значи тоа се лаги и измами за да те навлечат“.
Според Дано не е актуелен само Трамп, туку има сајтови од овој тип и за други теми, како здрава храна, фитнес или спорт, односно содржини кои лесно се крадат.