Достапни линкови

Трамп сугерира дека нема да го прифати изборниот резултат


Трамп и Клинтон во најжесток дуел досега
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:41 0:00

Трамп и Клинтон во најжесток дуел досега

Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп сугерира дека би можел да го отфрли резултатот од претседателските избори на 8 ноември доколку загуби. Ваквата можност неговиот демократски ривал Хилари Клинтон ја нарече „ужасна“. Двајцата кандидати се судрија и околу Русија.

Нивната трета и последна претседателска дебата која повторно ја започнаа без да се ракуваат беше обележана со низа прекини во пожестока политичка пресметка од претходните соочувања.

Трамп влезе во дебатата со надеж дека ќе го сврти во своја корист моментот кога изборните анкети покажуваат дека полека го губи рејтингот.

Претседателските кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон за време на дулет Лас Вегас 19.10.2016,
Претседателските кандидати Доналд Трамп и Хилари Клинтон за време на дулет Лас Вегас 19.10.2016,

70 годишниот бизнисмен ја искажа и својата загриженост со тврдењето дека изборите биле лажирани против него и ги повика своите приврзаници да патролираат на избирачките места во градовите во внатрешноста за да спречат евентуални измами.

68 годишната Клинтон, поранешен државен секретар, сенатор и прва дама води во националните анкети во поголемиот дел од државите кои се решавачки за конечниот резултат од изборите.

За време на дебатата Трамп изјави дека најпрвин ќе почека за да види дали резултатот ќе биде легитимен.

„Ќе погледнам на тоа кога ќе дојде време. Јас не гледам ништо сега. Ќе погледнам на тоа кога ќе дојде време. Она што сум го видел е многу лошо, најпрвин медиумите се нечесни и корумпирани што е неверојатно. „Она што сакам да го кажам е дека јас ќе ви го кажам тогаш, јас ќе ве држам во неизвесност“, дополни Трамп.

Клинтон од своја страна рече дека била згрозена од ставот на нејзиниот ривал.

„Да бидеме јасни во врска со она што го кажува и она што тоа значи. Тој ја оцрнува, тој зборува против нашата демократија и јас сум вџашена дека некој кој е кандидат на една од нашите две главни партии ќе заземе таква позиција“.

Клинтон потсети дека Трамп, поранешна телевизиска ѕвезда и во минатото се жалел дека неговото шоу неправедно не ја доби наградата „Еми“, на што Трамп одговри дека ја има.

Во текот на дебатата двајцата кандидати остро се судрија и околу влијанието на рускиот претседател Владимир Путин при што Клинтон го нарече Трамп за „руска претседателска кукла“.

Таа директно го обвини Путин за сајбернападите во САД, наведувајќи дека последното „протекување“ мејлови од американски групи и поединци било наредено од „самиот Путин“ со цел да му помогне на Трамп.

Трамп ја отфрли идејата дека бил близок со Путин, но сугерира дека ќе имал подобри односи со Русија отколку Клинтон за која, како што рече, Путин не ја почитувал.

Трамп додаде дека нема да ја обвинува Русија или која и да било друга страна за сајбернападите.

Во текот на дебатата двајцата кандидати се судрија и за други прашања, како решавањето на миграцијата, ситуацијата во Сирија, вработувањата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG