Достапни линкови

Повлечен написот со извинувањето на Трамп


Написот во „Недељник“, измама
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:48 0:00

Повлечен написот со извинувањето на Трамп за бомбардирањето врз Србија

Српскиот магазин „Недељник“ го повлече написот во кој се вели дека републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп се извинил за американската улога во бомбардирањето на екс Југославија во 1999 година. Весникот наведува дека најверојатно бил „насамарен“ при објавувањето на сега дискредитираното интервју.

Во наводното интервју Доналд Трамп ветува нова политика спрема Балканот доколку биде избран за претседател.

НАТО бомбрадирањето врз Југославија го заузда тогашниот претседател Слободан Милошевиќ и доведе до крај на војната на Косово.

Во тоа време претседател на Соединетите држави беше Бил Клинтон, сопруг на сегашниот демократски претседателски кандидат Хилари Клинтон.

Во изјавата на изборниот штаб на Трамп се оценува дека интервјуто во кое тој се извинува за бомбардирањето било измама, можност што ја призна магазинот откако Трамп го отфрли првичниот сензационален напис кој нашироко беше пренесен од американските медиуми кои ја покриваат претседателската кампања.

„Господин Трамп никогаш не му дал интервју на српскиот магазин „Недељник“ како што погрешно пренесе дискредитираниот „Њузвик“, ниту такво интервју некогаш било направено преку нашата постара советничка за комуникации Сузан Рајдер Јаворовски. Ова е измама и очекуваме официјално извинување од сите инволвирани“, изјави Џејсон Милер, советник за комуникации во изборниот штаб на Доналд Трамп.

Неколка часа потоа магазинот објави извинување на насловната страница, признавајќи дека бил насамарен, по што го повлече написот.

Во соопштението се додава дека магазинот над една година се обидува да добие интервју со Трамп, но бидејќи не успел преку официјален пат, тоа било направено преку, како што се прецизира. „лични врски“.

Неделникот исто така признава дека „наводното интервју“ било преку имејл и со помош на посредник и оти воопшто не била направена проверка на веродостојноста на одговорите на прашањата што ги испрати преку електронска пошта до изборниот штаб на Трамп.

Весникот прецизира дека прашањата му биле предадени на Владимир Рајчиќ, актер кој живее во Чикаго и кој рекол дека помагал во кампањата на републиканскиот претседтелски кандидат Трамп.

Неколку недели потоа, како што изјави уредникот на „Недељник“ Марко Прелевиќ, биле добиени одговори за кои се верувало дека биле преку Сузан Јаворовски.

Во вчерашното соопштение Јаворовски наведува дека воопшто не била дел од вакво имејл интервју.

„Написот е лажен, никогаш на никој не сум дала интервју со Трамп“, вели таа, додавајќи дека никогаш не овозможила ниту едно интервју со новинар од Србија.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG