Го реобјавуваме пресекот на најважните светски настани од минатата година првично објавен на 30 декември 2017
Новата 2017 започна со крвопролевање од терористички напад кое за жал продолжи низ целата година. Новогодишната прослава беше кобна за четириесетина луѓе кои загинаа откако узбекот Абдулкадир Машарипов отвори оган во еден ноќен клуб во Истанбул. Тој беше уапсен, а одговорноста за нападот ја презедоа милитантите на Исламската држава.
Трамп 45 претседател на САД
На 20 јануари Доналд Трамп беше инаугуриран за 45 претседател на Соединетите Држави кој најави дека ќе го претресе естаблишментот во Вашингтон. Церемонијата се одржа пред Капитол, додека во исто време низ улиците на градот полицијата се судри со демонстрантите кои протестираа против новиот американски претседател.
Ракетните проби на Северна Кореја
Кон средината на февруари севернокорејската државна телевизија прикажа видео за кое беше наведено дека претставува успешно лансирање на ракета од долг дострел која може да носи нуклеарна боева глава. Тоа предизвика загриженост и осуда во светот, но блокадите не ја спречија Северна Кореја да продолжи со ракетните проби.
Терористичките напади стана секојдневие
На 22 март човек со автомобил удри во пешаци на мостот кај Вестминистер во Лондон при што уби четири лица. Потоа со нож уби полицаец по што беше застрелан од безбедносните служби. И за овој напад одговорноста ја презеде ИД. Низ целата година слични такви напади имаше и во неколку други градови.
Во почетокот на април во хемиски напад врз градот Кан Шејкун под контрола на сириските бунтовници загинаа десетици луѓе, меѓу кои и деца. Американската влада соопшти дека нападот бил извршен со отровниот гас сарин. Сирискиот режим постојано ги отфрла обвинувањата дека користи хемиско оружје во неколкугодишниот конфликт во земјата.
Поголема моќ во рацете на Ердоган
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи победа на референдумот на 16 април со што доби поголеми овластувања. Турската опозиција и западните земји изразија загриженост дека со тоа се концетрира премногу моќ во рацете на Ердоган кој веднаш најави нов референдум за повторно воведување на смртната казна.
На 7 мај центристичкиот политичар Емануел Макрон беше избран за претседател на Франција со добиени над 66 насто од гласовите. Тој ја победи Марин Ле Пен од екстремната десница која ветуваше дека Франција ќе излезе од Европската унија.
Во почетокот на мај американскиот претседател Доналд Трамп го отпушти директорот на ФБИ Џејмс Коми кој ја водеше истрагата за тоа дали изборниот штаб на Трамп имал врски со Русија за да влијае врз претседателските избори. Критичарите на Трамп овој потег го оценија како уште еден доказ дека Белата куќа се обидува да ја попречи истрагата.
Ирак прогласи победа врз Исламската држава
Во јули ирачките и други сили поддржани од Западот влегоа во последното упориште на милитантите на Исламската држава во Мосул, три години откако го држеаа во нивни раце. Ирачкиот премиер Хајдар ал Абади веднаш прогласи победа врз Исламската држава.
Во средината на август стотици бели националисти демонстрираа во американската држава Вирџинија против планот за отстранување на статуа на еден херој на Конфедерацијата од Граѓанската војна во Америка. Тие се судрија со учесниците на контрапротестите при што имаше повеќемина ранети, додека една жена загина кога автомобил влета во толпата.
Во два терористички напада изведени со автомобили во Барселона и Камбрилс загинаа 16 луѓе додека над стотина беа ранети. Напаѓачите, како што покажа истрагата на шпанската полиција, имале намера да извршат и бомбашки напади во Барселона.
Во септември бегалци од Рохинџа муслиманите продолжија да бегаат во Бангладеш од Мјанмар, или Бурма, за да избегнат насилство врз нив во северниот дел на таа земја. Станува збор за стотици илјади луѓе, а Обединетите нации тоа го оценија како етничко чистење.
Меркел обезбеди четври мандат
На изборите на 24 септември германската канцеларка Ангела Меркел обезбеди уште еден, четврти мандат, но со ослабена коалиција. Во исто време екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија направи историски пробив. Таа стана прва партија на крајната десница која влезе во парламентот во изминатве 50 години.
На први октомври вооружен човек уби 59 луѓе, откако отвори оган од хотелска соба врз посетители на еден музички фестивал во Лас Вегас. Тоа беше најсмртоносниот таков настан во американската историја. Го изврши 64 годишниот Стивен Педок кој се самоуби. Се уште не се познати неговите мотиви.
Судири за независноста на Каталонија
Октомври го одбележа и референдумот за независност на Каталонија кој беше забранет од шпанските власти по што полицијата се обиде да го спречи гласањето. Притоа дојде до судири во кои беа повредени стотици граѓани. Мадрид ја распушти каталонската влада и закажа регионални избори.
На 22 ноември Хашкиот трибунал го осуди екс командантот на босанските срби Ратко Младиќ на доживотен затвор за геноцид и воени злосторства во конфликтот во Босна. Пред читањето на пресудата Младиќ поради излив на лутина беше отстранет од судницата.
Една недела потоа во судницата на Хашкиот трибунал екс командантот на босанските хрвати Слободан Праљак го шокираше светот, испивајќи отровна течност. Неколку мигови претходно му беше потврдена 20 годишната казна затвор за воени злосторства.
Крајот на ноември го одбележа уште еден смртоносен напад на милитантите. Тие со бомби и автоматски пушки нападнаа една џамија на полустровот Синај во Египет при што убија над 300 луѓе. Станува збор за најсмртоносен терористички напад во историјата на Египет. Властите во Каиро се борат против бунтовниците предводени од Исламската држава откако Муслиманското братство беше соборено од власт во 2013 година.
Трамп го призна Ерузалим за главен град на Израел
Во почетокот на декември американскиот претседател Доналд Трамп донесе одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел. Тоа предизвика осуда во меѓународната заедница и протести, како и повици за востание на палестинците. Беше оценето дека ваквиот едностран потег значи и крај на американската посредничка улога во израелско палестинскиот мировен процес.