Достапни линкови

Жерновски со „Отаде црнилото“ во Музејот на современа уметност


„Отаде црнилото“ е насловена самостојната изложба на ликовниот уметник Велимир Жерновски, што во периодот од 1 јуни до 1 јули, ќе се одржи во Музејот на современата уметност во Скопје. Проектот споделува загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор.

Не многу по ликовното претставување во рамките на „Сè што ни е заедничко“, групната изложба на 18 реномирани балкански уметници, и работата врз сценографијата за „Дух“, претставата што на текст на Дејан Дуковски во МНТ ја постави режисерот Срѓан Јаниќиевиќ, Велимир Жерновски еве го со новата самостојна поставка. Изложбата е насловена „Отаде црнилото“ и ќе се одржи во периодот од 1 јуни до 1 јули во Музејот на современата уметност во Скопје. Проектот споделува загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот.

Всушност, како што ќе биде забележано во текстот на ликовната критичарка Љиљана Неделковска, „изложбата алармира за неизвесноста на нашата иднина, за можноста неповратно да ја загубиме својата природна и симболичка средина и да се сведеме на празна обвивка, на тело без супстанцијална содржина. Неговата видео инсталација е визија на едно такво тело, тело редуцирано само на својата основна функција: дишењето“.

Згора на тоа во писанието се вели уште дека Жерновски во исто време си „поигрува“ и со научната претпоставка на Стивен Хокинг дека „црните дупки не се така црни“. Дека тие, и покрај тоа што создаваат огромна гравитација на којашто ништо не може да ѝ избега, па дури ни светлината, сепак, можат да послужат и како премин кон некој друг универзум. Дали е тоа случај и со капиталот? Дали капиталот е нашата црна дупка што во себе, од една страна, го впива и го уништува и најургентниот апел за зачувување на животот на Земјата, додека, од друга страна, отвора можности, преку енормните инвестиции во вселенската програма, човекот да се надева и да сонува за други светови?

Во дополна ќе биде забележано и тоа дека ова е прашање пред кое на еден луциден начин нè поставува изложбата „Отаде црнилото“, изложба што, освен од видео инсталации, се состои и од неколку скулптури со кои се претставени астронаути во различни позиции. Фигурите на астронаутите, изработени со 3Д печатење и обоени со златна боја, како да ја најавуваат нашата нова онтологија на иднината. Позадината на која тоа се случува е ликовна стилизација на позлатените хексагонални огледала на новиот вселенски телескоп Џејмс Веб, „најмоќниот времеплов“ што според НАСА, ќе може да погледне преку 13,5 милијарди години наназад и да ги види првите ѕвезди и галаксии формирани во раниот универзум.

Но, од него не се очекува само да го продлабочи нашето познавање на настанокот на вселената туку, според предвидувањата, тој би можел да биде и првиот телескоп што би „исцртал“ нови вселенски карти на кои би биле означени и сите планети кои еден ден, потенцијално, човекот би можел да ги насели. „Значи, како што вели Стивен Хокинг, ако мислиш дека си во црна дупка, не очајувај. Има излез“, констатира Неделковска.

Жерновски вели дека „проектот ја зема човековата љубопитност и знаењето за нашиот универзум како појдовна точка на наративното градење преку продукција на објекти и видео инсталации“. Истакнува дека „инспириран од популарните слики на НАСА/Националната астрономска и вселенска администрација и ЕСА/Европската вселенска агенција, контрастот се гради преку серија на видеопродукции од пејзажи на нашата планета и осамени астронаути во вселената со минималистички естетски пристап“.

„Овој проект го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата. Проектот споделува загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Како еден од видовите, ние сме повеќе од било кога љубопитни гледајќи назад во време - просторот низ разновидноста на нови теории и астрофизички експерименти трагајќи по нашите корени, а во исто време сме една од клучните причини за климатските промени на планетата Земја. Наша должност е, да го видиме човечкиот род како целина и да ја зачуваме деликатната биосфера на Земјата. Ние мора да се гледаме себе како важен дел од од многуте земјини текови и нејзината рамнотежа“, вели уметникот.

Роден во Скопје 1981 година, Велимир Жерновски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Работи цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација.

Зад себе има повеќе самостојни изложби во земјава, Европа и во САД, учествувал во повеќе меѓународни проекти и културни соработки, во 2009 година беше прогласен за најуспешен автор на осмото Биенале на млади уметници на Музејот на современа уметност од Скопје, а во 2016, пак, за истражувачкиот проект „Шарена револуција“ ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ што ја доделува Здружението на ликовни критичари AICA Македонија.

Од 2008 година Жерновски е коосновач и претседател на Ф.Р.И.К (Формација за развој на иницијативи во културата), програма што работи на мотивирање на социјално ангажирана културна продукција ослободена од секаков вид стереотипи и предрасуди.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG