Достапни линкови

Агресијата кај младите е научено однесување


Илустрација.
Илустрација.

По сликите на насилство меѓу ученици, кои ја загрижија јавноста, психолози и социјолози велат дека тоа е аларм за општеството. Тие велат дека одговорност треба да има и препорачуваат семјството и училиштето поактивно да се вклучат во воспитување на децата.

Стручните лица изразуваат загриженост во врска со способноста и заинтересираноста на државата да го постави прашањето околу сериозноста на концепт на образование и нa воспитување на децата во време кога насилството меѓу врсниците ја потресува јавноста.

Снимката која деновиве беше објавена и на која се гледа како две ученички тепаат и влечат за коса друга соученичка, додека останатите деца само немо набљудуваат без да превземат отвара многу прашања, вели социологот Ѓорги Тоновски.

„Се поставува покрупно прашање, како никој од соучениците не реагираше. Тоа е голем индикатор за состојбите меѓу младите, но и институциите не може да се изземат од одговорност. Очигледно е дека во училиштето се случува сè, само не работа со учениците, а и институциите немаат увид. Одговорност треба да има и да не се повторуваат вакви сцени, зашто не водат никаде, зашто тоа е во спротивност со намената на училиштата“, вели професор Тоновски.

Според него, во овој случај првенствено потфрлило семејството, а улога за пробламатичното однесување и воспитување има опкружувањето на децата. Тој нагласи дека последните случувања зборуваат дека и училиштата се занимаваат и со други нешта, но не и со воспитание и едукација. Дополни дека кога ќе се појават проблеми треба да има и одговорност, но и промена на раководството во одреденото училиште.

Паралелно со ова јавноста беше сведок и на непристојно однесување на ученици за време на екскурзија во Италија. Социолозите велат дека сето тоа е аларм за општеството.

„Овие последиците кои се уште ги чуваме од минатата деценија или од минатото време на некаква транзиција сега стануваат сè поголеми и побројни. Ова индицира дека треба да се преземаат големи активности. Треба да се разговара со тие деца и да им се каже дека дружењето е поголемо од насилството, а насилството остава црна дамка во нивната меморија во текот на живот. Не е допрено сознанието дека училиштето треба да се претвори во втор дома за децата“, вели професор Тоновски.

Психолозите тврдат дека агресијата кај младите луѓе се појавува многу рано, веќе на возраст од над 10 месеци и дека во позадина стојат внатрешни и социјални проблеми. Психологот Мирјана Јовановска – Стојановска, вели дека младите може да бидат хиперактивни, но оти агресијата кон другите напади и тепачки е научено однесување.

„Тоа треба да не потикне повеќе да размислуваме и за проблемите на децата. Возрасните имаат навика да речат деца сè ќе им помине. Тоа е алиби за запоставување. Одговорноста е и на родителите и на нас како луѓе во ова општество и на наставници и образовниот систем, зашто често пати начинот на однесување на младите е отсликување на она што ние го правиме. За да бидат агресивни, тоа е научено однесување“, вели психологот Мирјана Јовановска - Стојанова.

Таа дополнува дека кај децата има научено однесување и од медиумите и социјалните мрежи и постои проблем како да се разликуваат реалноста од фантазијата.

Дополнува дека училиштата како образовно-воспитни институции, треба да бидат места каде ќе има едукација и за превенцијата на менталното здравје.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG