Мора да започнеме од образованието, поради тоа што начинот на кој учиме, поставуваме прашања, ги примаме и анализираме информациите, нè има доведено до ова каде што сме денес. За нашето образование говорат меѓународните ПИСА тестови кои ги прават ученици на 15-годишна возраст. Од 540 илјади ученици од 72 земји, македонските ученици се четврти одназад.
Пострашно од лошите тестови е дека образовните институции не работат на нивно подобрување, па така самокритичноста и анализата се способности кои ги губиме пополека, но сигурно. Додека критичната мисла е основна клетка на демократско и транспарентно општество, ние градиме реторика на непријатели, сееме омраза, нетолеранција и лесно обвинување.
Правото и правдата нè научија дека за да изградиме став, треба да имаме докази, аргументи и факти, најбитно е непристрасно и објективно да судиме или избереме, но доколку нашето образованието не е соодветно, ние не можеме да направиме мудар избор. Оттука пропагандата која се рашири низ сите пори во општеството, полека ги одвои граѓаните, сегрегацијата никогаш не била поизразена додека правата на граѓаните никогаш не биле поизвесни.
Во оваа сушна доба за правото на глас и слободата на медиуми, политичките партии на власт изградија ѕид помеѓу своите права, слободи и пари и правата на граѓаните на Македонија, слободите и парите. Стана многу лесно, секој активист и борец за човекови права да биде обвинет за работење против националните интереси, против државата, работење за странски служби и притоа да зема дебели хонорари за тоа. Тоа обвинување се случуваше постепено, пополека, каде државните институции наместо професионално и одговорно да ги извршуваат своите задачи, работеа за политичките партии и копаа по приватните животи на чесните граѓани.
Па така се изградија најголемите непријатели на Македонија. Недопирливиот ѕид на оние кои се на власт најдобро се штити со измислени непријатели, со креирање на предавници, со нивно јавно срамење и оцрнување, додека корумпираноста, трошењето на парите на народот и користење на позициите на моќ за свои лични цели останаа неосудени.
Кога партиските интереси задираат длабоко во секоја пора на општеството, последиците од коруптивното владеење влијаат врз животот на секој поединец. Во тој круг на избрзани политики, несоодветно имплементирани со погрешни цели секоја критичка активност наиде на несоработка, закани и обвинувања. Најголемите редови на замислени непријатели на власта, ги заземаа активистите,младите и вработените во граѓанскиот сектор.
Активистите се луѓе кои се борат за социјална или политичка промена. Во Македонија тоа се луѓето кои се борат за почист воздух; за работнички права; за правата на жените; мајките; младите; луѓето кои се борат против насилство, за сексуално образование, за ЛГБТ права, за правата на животните, за правата на децата. Кога би ги анализирале активисти кои се борат за промена, би заклучиле дека дел од нив работат во граѓанскиот сектор, но има такви и кои се вработени во бизнис секторот, активисти кои скришно одат на протести скриени во некое ќоше поради тоа што работат во државна администрација, активисти кои се невработени, стечајци и слични.
Вработените во граѓанскиот сектор се луѓе со различно образование кои својот професионален ангажман го исполнуваат во одредено здружение на граѓани или фондација. Тоа е ангажман кој подразбира авторско дело или работно време, работни обврски и права за кои се плаќа данок исто како секој вработен во државна администрација или пак во бизнис секторот.
Во Македонија разликата е што чесно заработените пари во граѓанскиот сектор се најмногу озборувани, сензационално објавувани во провладините медиуми, каде што не само што се навредуваат и клеветат дека работат против националните интереси, на најсуров начин е нарушена нивната приватност. Додека се занимаваме со чесно заработените пари на вработените или ангажирани лица во граѓанскиот сектор, никој не ги брои парите на функционерите на власт, дотолку повеќе што институциите ги тргаат од официјалните веб страници, имотните листови на јавните функционери и политичари.
Дефинитивно прифаќање на вестите во медиумите корелира со образованието и начинот на кој расудуваме, за да го спречиме тоа мора да работиме на разоткривање на митовите кои се создадени преку училишните клупи. Промена на застарените пристапи, учебници, методологии, креирање на нов начин на учење, разбирање и креативност е еден од пристапите. Меѓународните тестирања треба да ги искористиме за да го имплементираме знаењето и методите на другите држави кои имаат подобри резултати. Анализирање на резултатите од ПИСА тестирањето да се искористат за да се создадат насоки,методологии и задачи со цел подобрување на образовниот систем, да се открие со кои категории на ученици треба да се работи повеќе, додека професорите да бидат мотивирани да инвестираат повеќе во своето образование.
Соодветните препоракитреба да бидат дадени од државните и образовни институции, а не да се чека од организациите кои работат на образование да излезат со анализи, додека нашите институции си ја префрлаат топката за одговорност и имплементација.Подобро образование на долг рок ќе биде бенефит за цело општество, граѓаните ќе бидат активни, ќе бараат одговорност од оние кои ги избираат и ќе сакаат да ја подобра својата заедница додека несоодветното образование и одговара само на коруптивна и недемократска власт.
Оттука, во недостаток на систем од државни институции кои функционираат, кои залудно го користат мандатот и финансиите дадени од граѓаните за да го подобрат ова општество или, пак, кои се заробени во канџите на партиите на власт и прават повеќе лошо отколку добро, замислете ја Македонија во следните години 10 години без граѓанскиот сектор.
Општеството ќе биде сегрегирано по различни основи, поради тоа што ќе ги нема невладините организации кои работат на интеграција да организираат средба, да посредуваат помеѓу различни засегнати страни. Ќе нема другарства помеѓу младите Македонци и Албанци, поради тоа што учат во различни смени, ходници или пак училишни објекти. Насилството ќе се зголеми, поради тоа што стравот од непознатото враќа со нетрпение и конфликт. Секоја жена жртва на насилство ќе биде оставена сама да се справува со хоророт, притоа немајќи можност за засолништво, поддршка од институциите или, пак, долгорочна заштита. Младите никогаш нема да волонтираат, да запознаат соученици надвор од нивното село, град држава. Младите ќе немаат можност да трагаат по вистината или да се сомневаат во одредена теза поради тоа што професорите ги учат на послушност и поданост, некритична мисла и го убиваат духот на борците за своите права. Работниците мизерно ќе работат за плата која ги става во категоријата на вработени сиромашни, без никој да се бори за нивните права, додека животните ќе умираат гладни и измрзнати под барокните згради.
Затоа пред да замислите дека не е страшно граѓанскиот сектор да биде на линч, запрашајте се што направил граѓанскиот сектор и каква ќе биде иднината без него.
Од друга страна, власт која преку своите поданици професори им затвараше врата на средношколци за да не излезат на протест, право кое им е загарантирано и со Конвенцијата на Обединети нации за заштита на правата на децата. Лепеше постери дека земаат 10.000 денари за секој протест, власт која ги остави на дожд да спијат пред Министерството за образование и наука и им остави трајни последици по нивниот психолошки развој, правејќи ги подложни на стресови и панични напади. Власт која даде наредба на ЕБР да тепа студенти и која проба да го сокрие убиството на Мартин Нешкоски, власт која дозволува децата да умираат од загадениот воздух е истата власт која за своите неуспеси и непријатели ги обвинува младите и активистите.