Достапни линкови

Бунтовноста не се (пот)купува


Александра Филипова, Координатор на Медиа-Арт клубови Скопје во Младински образоване форум (МОФ).
Александра Филипова, Координатор на Медиа-Арт клубови Скопје во Младински образоване форум (МОФ).

Единственото нешто што го бараме, да ги слушаат нашите критики и да ги задоволуваат нашите потреби, не го ветуваат. Додека во јавноста одекнуваат нивните бесплатни реформи, не прават ништо суштинско и планско пишува Александра Филипова од МОФ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Во мое време младите се забавуваа, одеа на фестивали, шетаа. Се почесто ја слушам оваа реченица. Ќе го правеше тоа и сегашната младина, да не е постојано на напад од куп лоши реформи, „решенија“ на проблеми, да не е еднаш годишно напаѓана од ЕБР, да не е трн во окото на власта.

Изминатиов период, ние младите стануваме сè погласни. Стануваме водачи на борбата за враќање на општеството, стануваме препрека на дрскиот обид за инфилтрирање на власта во сите пори на општеството. И не се плашиме, тоа го правиме сè посплотено, поорганизирано и поаргументирано. Почнувајќи од Студентскиот пленум во 2014 година, Средношколскиот пленум во 2015 година, Шарена револуција во 2016 година, ние покажуваме дека веќе ни е смачено да бидеме тивки послушници и дека сакаме суштински и стратешки испланирани промени. Но, уште поважно, барајќи промена, ние станавме промената што посакувавме да се случи.

Иако претрпевме многу, бевме тепани и апсени на 5-ти мај, спиевме пред МОН на дожд и ветар, бевме заклучувани по училишта, бевме тепани во библиотека, јадевме и ќотек од ЕБР пред СПУКМ, имаше и домашен притвор поради канцеларијата на претседателот, продолживме.

Во сите овие случки од последните две години, едно нешто е константно, мотивацијата. Со својата аргументираност и искреност, на себе си и на страната на своите движења придобивме еден куп страни. Соработувавме со сенаторите при УКИМ во борбата за СПУКМ, соработувавме со професорите и наставниците преку Пленумите. Успеавме да ги придобиеме граѓаните преку сè останато. Наеднаш, се смени перцепцијата за нас, станавме лакмусова хартија преку која која нашите сограѓани согледуваа дали реформите се добри или не се. Станавме искрата надеж која ги поттикна и останатите да се приклучат кон дејствувањето.

Затоа станавме трн во око на оние против кои зборуваме гласно. Бидејќи ниедна друга тактика не им успеа, годинава почнаа да применуваат нова, суптилно да не купат преку популистички мерки за млади. Ветуваат лифтови, фитнес центри, спортски сали, бесплатен превоз, реновирани студентски домови, намален праг за стипендии, бесплатни диоптерски леќи. Во принцип ветуваат сè, БЕСПЛАТНО.

Единственото нешто што го бараме, да ги слушаат нашите критики и да ги задоволуваат нашите потреби, не го ветуваат. Додека во јавноста одекнуваат нивните бесплатни реформи, не прават ништо суштинско и планско. На тој начин ги прикриваат лошите и нафланите работи за млади што ги прават. Тие го окупираат студентското организирање преку СПУКМ. Не дозволуваат младите на фер и транспарентен начин да си изберат младински претставник за регионалната канцеларија за млади – РИКО. Наместо да го зголемат квалитетот на образованието, отвараат два нови универзитети за кратко време, а притоа немаат пари да ги исплатат стипендиите за студирање во странство, па на студенти им проаѓа една година во чекање. Промовираат пуштени нови лифтови во студентските домови, а студентските домови остануваат во истите мизерни услови. Чиниш, студентите ќе јадат, спијат и учат во лифтовите.

Го прават токму она што две години наназад им покажуваме дека најмногу го мразиме, пробуваат да не купат. А самите тие не израснаа во искрени генерации кои не се борат за пари, моќ и власт, туку за сопственото образование, за сопствените права, за сопствената држава, СЕКОЈДНЕВНО. И токму таквите генерации, со тек на време ќе бидат целосната промена што ја сакаме.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG