Говорот на омрза во Македонија се шири по различни основи, како етничка припадност, социјално потекло, политичка припадност, личен или општествен статус, сексуална ориентација, родов идентитет и слично.
Иако говорот на омраза е кривично дело, тој е застапен насекаде во општеството, велат експерти наведувајќи дека тоа може да биде опасно од повеќе аспекти.
Според нив, причина за честите појави на говор на омраза е слабата посветеност на институциите кон негово сузбивање, како и несакционирањето на ваквите случаи.
Говорот на омраза е дефиниран како начин кој промовира омраза кон личните карактеристики или припадности на одредено лице. Познавачите велат дека говорот на омраза предизвикува вршење на кривични дела од омраза, посочувајќи дека нападите во автобусите меѓу млади од две различни етнички заедници во Македонија се само дел од случаите кои се последица на оваа појава.
Според статистиката на интернет платформата „govornaomraza.mk“ на Хелсиншкиот комитет за човекови права, за четири години регистрирани се над 300 случаи на говор на омраза, најчесто врз на основа на етничка припадност, но и врз основа на политичка припадност или сексуална ориентација.
Тоа најмногу се случува на социјалните мрежи, на интернет порталите, но и во традивионалните медиуми и во политичките говори.
„Кога еден говор на омраза е напишан на социјална мрежа, бројот на луѓе коишто имаат пристап до тој говор на омраза е далеку поголем и поштетен за општеството. Опасен е од неколку аспекти, прво за самите индивидуи коишто се жртви на говорот на омраза, бидејќи предизвикува психолошка траума, чувство на деградираност, пониженост, омаловажност, но опасно е и за самото општество, бидејќи самите основи на говорот на омраза се идентитетски карактеристики со кои се поистоветуваат поголеми групи“, вели Елена Брмбеска, магистер за човекови права од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Таа истакнува дека говорот на омраза често се меша со навредата и клеветата, објаснувајќи дека говорот на омраза навлегува во идентитетските карактеристики и достоинството на личноста, а навредата и клеветата во реномето и угледот.
Кон појавата на говорот на омраза, набљудуван од социолошки аспект, влијаат низа фактори, вели социологот Татјана Стојановска Иванова од Филозофскиот факултет во Скопје.
Таа посочува дека во македонското општество говорот на омраза доминира во семејството, во образовните институции, меѓу политичките противници, во медиумите и придонесува кон појава на агресија и фрустрација кај личностите кон којшто е насочен.
„Првенствено во рамките на семејството кое е клетка на секое општество, се помалку се воспитува во рамките на семејството од аспект на родителите во трката по работа. Транзицијата си го направи своето, а од друга страна децата секојдневно се изложени на говор којшто изобилува со вулгарни содржини, вербално насилство и омраза која е насочена кон којшто е различен по низа основи“, вели професор Стојановска Иванова.
Говорот на омраза и меѓуетничите односи
Меѓуетничките односи се чувствителна сфера во македонското општество, на нив говорот на омраза може големо влијание, вели Елена Брмбеска.
Таа посочува на бројни случаи на извршени кривични дела како резултат на говор на омраза, не само врз етничка припадност, туку и врз други основи, како политичката припадност или сексуалната ориентација.
„На пример, во текот на 2016 година во Крива Паланка имаше протест против исламизација на Крива Паланка, кога беше нападната просторијата за верски обреди на ромската заедница. Тука е измешано со религиското уверување како основ за говор на омраза, насилствата коишто се случија во Собранието во текот на минатата година исто така сметаме во голема мера дека се последица на целата пропаганда и говор коишто се употребуваше во јавноста од разни субјекти“, вели Брмбеска.
Во оваа насока, извршна директорка во Советот за етика во медиумите на Македонија, Марина Тунева, вели дека користењето на медиумите за да се направи генерализиран повик на демонизирање, стигматизирање или квалификување на етничка група, не е нов феномен.
„Злосторството од омраза и насилство може да биде последица од неказнувањето на говорот на омраза, како и самите повици на насилство кои се честа појава во медиумите и на социјалните мрежи. Неретко, јавниот простор, односно онлајн и офлајн медиумите се киднапираат од едно гласно малцинство на поединци кои промовираат етноцентрични идеи, а притоа таквите идеи ги аргументираат како издржани за мирот и благосостојбата на мнозинство граѓани“, вели Тунева.
Професот Стојановска Иванова објаснува оваа тема е многу суптилна, особено кога станува збор за етнички, религиски и културно мешани општества.
„Затоа тука треба многу да се внимава, бидејќи на тој начин ние само ја потхрануваме омразата и негативниот став кон другиот од нас. Наместо да почнеме да живееме во духот на интеркултурализмот, не едни покрај други, туку едни со други, ние се затвораме во сопствените енклави и немаме интеграција, ниту интеракција, напротив имаме дезинтеграција. Токму говорот на омраза е еден од факторите кои придонесуваат да се разделуваме, а не да се обединуваме“, вели Стојановска Иванова.
Катастрофални последици од говорот на омраза
Во време на социјални медиуми кога светот се претвори и буквално во едно големо село, изгледа дека токму она најниското и најдолното најмногу се продава и секако се купува. Навреди, изрази на омраза, повици на насилство, пцовки. Па, како да се спречи оваа појава, ако се знае до сè што може да доведе?
Гоце Атанасов
Во пожарот што може да го предизвика некоја мала безопасна искра или погрешен збор, жртви стануваат поединци, но и цели етникуми. Говорот на омраза знае да предизвика катастрофални последици.
Деновиве, Амнести интернејшнал оцени дека расните протести во САД лани, кризата во Мјанмар и масакрите врз Рохинџа муслиманите биле последица на едно општество, охрабрувано од неговите лидери, да мрази.
Оваа организација за човекови права во својот годишен извештај во кој се опфатени 159 земји наведува дека „реториката исполнета со омраза“, особено од лидерите, ја прави дискриминацијата, „нормална работа“.
„И она што го откриваме во 2017 година, во многу алармантна мера, за жал, е тоа што реториката на омраза премина во реална омраза“, вели генералниот секретар на Амнести интернешнал Салил Шети.
Тој додава дека ваквата клима на дозволивост на ксенофобијата и омразата произлегува од тоа што лидерите не ги осудуваат кога ќе забележат такви случаи.
„Лекцијата од 2017 година е дека стравот и омразата се рецепт за ништо друго, освен за насилство. Потребни ни се лидери кои не се плашат да се залагаат и да ги бранат вредностите на човековите права, достоинството и еднаквоста“, вели тој.
Ширењето на таа омраза најбрзо оди преку социјалните медиуми. Неодамна американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер ја критикуваше познатата медиумска и естрадна ѕвезда Опра Винфри оценувајќи ја како „многу несигурна“.
Тој притоа изрази надеж дека Винфри ќе се кандидира за претседател во 2020 година за да „може и таа да биде поразена како и сите други!“. Таа веднаш оцени дека на таков начин се ширело омраза за неа:
„Никој не сака да биде омразен на Твитер, особено од страна на претседателот“, рече таа.
Токму случаите на ширење омраза на социјалните мрежи ја зголеми потребата од нивна поголема контрола.
Главниот оперативец на Фејсбук, Шерил Сандерберг, неодамна во Брисел во врска со тоа изјави дека на социјалните мрежи не треба да има место за омраза, тероризам и насилство:
„Имаме одговорност, да го употребам зборот на комесарот Габриел, да го спречиме ширењето на говорот на омраза и тероризмот на интернет“, рече таа.
Интересен е и нејзиниот поглед во врска со лажните вести кои исто така шират омраза во јавноста.
„Луѓето мислат дека лажните вести честопати се политички мотивирани и тоа е така, но уште почесто тие се економски мотивирани. Луѓето ги пишуваат овие наслови за да добијат кликови, за да заработат пари“, вели таа.
Затоа, според неа, неопходно е на овие луѓе да им бидат одземени финансиските стимулации, односно да не бидат дел од рекламни мрежи на социјалните медиуми.
Политичарите да придонесат кон сузбивање на говорот на омраза
Политичарите можат многу да придонесат кон сузбивање на говорот на омраза, велат нашите соговорници.
Но, Марина Тунева вали дека за жал во Македонија има бројни случаи кога политичари се служат со спротивна реторика, стереотипизирање, именување врз основа на припадност на одредена група, што води до ситуации на поттикнување на одрдене групи на насилни напади врз поединци или заедници.
„Во јавниот дискурс преовладува таков вид на реторика, а самите политичари можат да го променат тоа со еден активен пристап и однесување што ќе значи дека има стратегија на настап којшто ќе значи смирување на масите, упатување на пораки кои ќе помогнат да се смират тензиите. Значи политичарите апсолутно имаат многу важна улога во овие процеси“, вели Тунева.
Професор Стојановска Иванова додава дека не се само политичарите кои употребуваат говор на омраза во Македонија, односно дека има примери и кога во дебата во медиумите универзитетски професори меѓусебно се навредуваат, но и новинари.
„Ако вие секојдневно слушате говор на омрза од тие луѓе, нивниот вокабулар е проеполн со негативни содржини и омаловажување на секој што е поинаков, тогаш вие може да сметае дека тоа е нешто што е можеби нормално, бидејќи тоа се јавни личности кои континуирано се присутни на масовните медиуми“, вели Стојановска Иванова.
Простор за подобрување на законските регулативи
Во Македонија од 2014 година ширењето на говор на омраза е кривично дело. Познавачите велат дека има простор за подобрување на законските одредби, особено поради тоа што практиката покажува дека одредбите се неприменлви, бидејќи недостасува концизен член кој ќе ја даде дефиницијата на говорот на омраза со што ќе се олесни постапувањето на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи околу неговото препознавање.
„Од досегашното искуство и целото следење на оваа ситуација е забележано дека тие законски одредби се нефукционални, во практиката се неприменливи. Прво, она што недостасува е еден концизен член за говор на омраза којшто ќе ја даде дефиницијата, па така јавните обвинителства или постапувањето на Министеството за внатрешни работи би било поолеснато во препознавањето на тоа што претставува говорот на омраза“, објаснува Брмбеска.
Таа сепак додава дека во Законот постојат членови кои им даваат можност на обвинителствата да го гонат говорот на омраза и оти во оваа насока многу е важно толкувањето на тие членови.
„Тука милсам дека недостасува знаењето на јавните обвинитлества или судивите“, вели таа.
Брмбеска смета дека во однос на казнената политика за говорот на омрза, добро е да се користат алтернативни мерки, како во некои европски земји, на пример општо корисна работа со ранливата група кон која бил насочен говорот на омраза.
Освен Јавното обвинителство, механизми за заштита од говор на омараза се Министерството за внатрешни работи, Комисија за заштита од дискриминација, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски сулуги, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите на Македонија.