Има политичка волја за реформи во медиумите, останува да се види дали таа волја ќе се претвори во акција, вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, откако Владата го објави планот за приближување до ЕУ. Планот предвидува ослободување на медиумскиот простор од какви било институционални или персонални влијанија, вклучително и финансиска зависност.
Селмани вели дека во планот се опфатени и барањата за итни реформи кои ЗНМ, заедно со уште неколку новинарски и медиумски организации ги упати до новата влада. Тој вели дека ако владата има сериозна намера да ги реализира тие ветувања, ЗНМ ќе ги поддржи и ќе бидат активни во правец на изнаоѓање решенија во интерес на сите.
Претседателот на ЗНМ, вели дека ургентно бараат да се реши прашањето околу безбедноста на новинарите и очекуваат новата власт да ја осуди појавата на насилство врз новинарите и медиумските работници.
„Тоа праќа силна порака до сите дека новата власт нема да дозволува такви напади врз новинари, затоа што тоа не е само напад врз еден граѓанин, туку напад врз слободата на изразување и мислам дека на овој начин новата власт може да направи разлика од претходната“, вели Селмани и додава дека очекуваат и брзо усвојување на законот за медиуми, којшто лани со помош на белгискиот експерт Питер Ванхауте беше изготвен.
„Секако дека ако е истиот текст, ние ќе го поддржиме. Ние сме уверени дека ако се направат овие чекори во оваа ургентна фаза, значајно ќе се подобри амбиентот во кој работат новинарите и ќе има позитивни ефекти врз слободата на говорот“, вели Селмани.
Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи најави и дека владата ќе запре со комерцијалното рекламирање, ќе работи на зајакнување на јавниот радиодифузен сектор и ќе ги отвори сите информации за јавноста, кои се од јавен карактер и интерес.
Владиното рекламирање во медиумите честопати беше посочувано како проблем и од домашните новинарски здруженија и од меѓународниот фактор.
Претседателот на ЗНМ вели дека забраната на владини рекламирање е позитивна одлука, затоа што претходната влада преку рекламите го нарушуваше пазарот и воспоставуваше клиентелистички однос со медиумите и како што вели, од една страна ја купуваше наклонетоста на медиумите, а од друга страна го убиваше критицизмот на медиумите и ги претвори во пропагандна машинерија.
„Укинувањето на рекламите ќе прати порака до сопствениците на медиумите и до менаџерите дека веќе не можат да очекуваат пари од јавни фондови за да служат за пропагандна машинерија, туку нивната иднина ќе треба да ја бараат во пазарот“, вели тој.
Пред неколку денови новинарски и медиумски организации до новата влада поднесоа барање за системски медиуми реформи. Во документот, меѓу другото бараат да се зголеми безбедноста на новинарите и медиумските екипи, да им се почитуваат работните и професионалните права, потоа бараат транспарентност на јавните институции и подобрување на условите за истражувачко новинарство. Едно од барањата е институционална автономија, уредувачката независност и финансирање на МРТ, понатаму спречување говор на омраза и поттикнување насилство во аудио-визуелните содржини, раскинување на клиентелистичките врски меѓу медиумските сопственици и власта и подобрување на условите за работа на приватните медиуми, промена во закон на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Во делот, пак, на владините реформи кои се однесуваат на изборите, се предвидува доколку во следниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот процес се констатира небланасирано известување, тоа да биде услов за разрешување на директорот на јавниот радиодифузен сервис.