Достапни линкови

Позитивни сигнали за реформирање на медиумската сфера


Илустрација - Македонски медиуми, микрофони поставени на прес конференција
Илустрација - Македонски медиуми, микрофони поставени на прес конференција

Усвојување на Законот за медиуми ќе биде позитивен развој за реформите во медиумите во Македонија, велат претставници на медиумските организации. Претставнците на власта наведуваат дека во тек е јавна дебата за медумските реформи кои се приоритетна обврска.

Владата за следната недела најавува дебата со медиумиските организации во насока на донесувањето на Законот за медиуми којшто минатата година беше доставен до Собранието, а не беше усвоен, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Насер Селмани. Тој посочува оти клучните решенија во законот нема да бидат сменети, дека постојат можности за некои технички измени.

„Ќе го видиме Законот дали е тој што ние го доставивме лани во Собранието, има можност за некакви технички дотерувања, меѓутоа мене ме радува фактот што министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека истиот закон ќе биде проследен до Собрание, а такви ветувања добивме и од премиерот Зоран Заев. Тоа е многу позитивен развој за медиумските реформи во Македонија“, вели Селмани.

Министерот без ресор задолжен за прашања за комуникација и транспарентност Роберт Поповски вели оти е во тек јавна дебата за донесување на Законот за реформи во медиумите и дека очекуваат тој да влезе во собраниска процедура како приоритетна обврска од најавениот реформски процес.

Поповски додава дека се очекуваат сугестиите од медиумските одганизации во однос на тоа дали ќе бидат имплементирани дополнителни измени во законот, за кој прво во 2015 година беше предложен концепт од страна на белгискиот експерт Питер Ван Хауте, а минатата година во Собранието го предложија медиумските организации ЗНМ, ССНМ, МИМ, ИКС и СЕМ.

Реформите во медиумите ги најави и премиерот Зоран Заев во експозето, истакнувајќи оти граѓаните имаат право на објективно информирање и дека за тоа ќе го земе предвид Предлогот за итни демократски реформи, таканаречениот „Блупринт“ создаден од граѓанските организации, додавајќи дека националниот сервис МРТВ ќе се реформира и ќе работи независно од политички и други влијанија.

Селмани вели дека охрабрувачки е фактот што Владата има намера да го пушти во собраниска процедура истиот Закон, без никакви интервенции, бидејќи според него со тоа покажува политичка волја за подготвените измени.

„Клучните измени во тој закон е реформата во МРТВ и во медиумскиот регулатор Агенцијата за медиуми. Мислам дека ако се усвојат овие измени коишто ги има во предлогот, јас сум убеден дека ќе се засили независноста на Македонската радио телевизија (МРТВ) и ќе се зајакне нејзината професионалност. Истото се однесува и за Агенцијата за медиуми. Во Законот е предвидено да се укине Членот 92 кој предвидува големи обврски за приватните национални телевизии“, вели Селмани.

Тој сепак наведува дека и покрај ветувањата од премиерот и министерот, здруженијата треба да видат дали ќе биде предложен истиот закон во Собранието и ако биде отстапено од овие решенија здруженијата ќе бидат против.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG