Достапни линкови

Прибе во втор обид за итни реформи во Македонија


Седница на Владата на Република Македонија
Седница на Владата на Република Македонија

Најавата дека група експерти предводена од Рајнхард Прибе ќе дојде во Македонија да работи заедно со владата во нејзините реформски напори го отвори прашањето што е тоа што би требало најпрвин да биде направено?

Во идната недела најверојатно ќе се знае колкава ќе биде експертската група што ќе дојде во Македонија под раководството на пензионираниот директор на Европската комисија Рајнхард Прибе, кој се ќе биде во неа и кога точно ќе пристигнат.

Во информацијата објавена од еврокомесарот Јоханес Хан се наведува дека тимот искусни независни експерти ќе дојдат скоро, ќе прават анализа на сегашната ситуација и ќе дадат препораки за тоа како понатаму да се решаваат работите во однос на владеењето на правото.

На доаѓањето на експертската група предводена од Прибе, Миша Поповиќ од Институтот за демократија, гледа како на добар чекор.

„Експертската група треба да види кој стои од другата страна сега, односно кој е капацитетот со кој новата власт располага за да ги спроведе и во кој временски рок тоа би можело да се случи“, вели Поповиќ.

Пред експертите да пристигнат во Скопје, премиерот Зоран Заев в понеделник во Брисел со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини и со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, ќе разговара за реформите поврзани со Унијата, спроведувањето на сите делови од договорот од Пржино и на Итните реформски приоритети.

Препораките, пак, во првиот извештај на групата што ја предводеше 68 годишниот Германец, имаа за цел да го олеснат спроведувањето на тие итни приоритети.

Тогаш наведоа и дека само неколку препораки се однесуваат на неопходните промени во законодавството, а повеќето од нив бараат постапки и избор во рамките на постојната уставна и законска рамка. Според Поповиќ, терминот итни се однесува на тоа дека реформите итно треба да се започнат, за дел од нив треба подолго време, а дел подразбираат постојано градење на капацитети на институциите.

„Некои од предлозите на Прибе може веднаш да се спроведат. Еден од нив е демонтирањето на директниот пристап на Управата за безбедност и контраразузнавање до телекомуникациската опрема за снимање. Еден таков пример за веднаш ставање во ефект на препораката беше укинувањето, на пример, на лустрациската комисија. Има работи кои можеме и треба да ги очекуваме брзо, меѓутоа има и работи за кои треба да се чека подолго за да го почувствуваме ефектот“, вели Поповиќ.

Инаку извештајот беше објавен пред две години на денешен датум, односно на 8 јуни 2015 година. Пролетта пред да го објават извештајот експертите во три наврати беа во неколкудневни посети на Македонија и зборуваа со претставници на власта, УБК, судовите, обвинителство, ДИК, парламентарци, на невладиниот сектор, новинари. Тие идентификуваа значајни недостатоци во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, избори и медиуми.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG