Штетно и трагично за државата е што СДСМ на своите први седници на Влада носи одлука за разрешување на републичкиот јавен обвинител, соопшти опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, откако Владата на вчерашната седница ја објави ваквата одлука, односно до Советот на јавни обвинители побара мислење и достави предлог за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски, како што е наведено, поради негово незаконско и ненавремено извршување на функцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека неговото разрешување е резултат на страв од кривична одговорност на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев кој, како што велат од партијата, бил исплашен од кривична одговорност и се надева дека преку најавите за смена на јавниот обвинител и реизборот на судии ќе ги исплаши оние кои треба да ја разгледуваат неговата вина.
Владејачката СДСМ излезе со реакција на ваквите тврдења. Од партијата наведуваат дека Зврлевски повеќе нема да ги штити криминалите на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи оти завршило неговото време во кое ја попречувал правдата, наместо да ја спроведува. Македонија ќе биде правна држава со еднакви шанси за успех на сите, велат од СДСМ.
Радио Слободна Европа побара став од јавниот обвинител Марко Зврлевски во однос на предлогот за негово разрешување од страна на Владата, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Универзитетскиот професор Осман Кадриу смета дека постојат неколку причини за барањето на Владата за разрешување на Зврлевски. Една од нив е фактот што во државата имало сериозна правна криза која довела да се формира Специјалното јавно обвинителство.
„Самиот факт што нашата држава се определи за специјално обвинителство укажуваше и упатуваше на заклучок дека функцијата на државниот обвинител не се остварува. Тоа значи дека имало конкретни оформени кривично правни предмети, процесите беа блокирани од страна на државното обвинителство и немаше краен епилог, како што нема ни денеска. Друга причина е што државниот обвинител беше предмет на прислушкуваните разговори и тука јасно се увиде неговата улога во конкретни предмети како да се постапи, односно како да не се постапи“, вели Кадриу.
Инаку според Законот за јавни обвинители, Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители може да поднесе предлог до Собранието за разрешување на јавниот обвинител.
Законот предвидува дека јавниот обвинител пред истекот на неговиот мандат може да биде разрешен од функцијата поради незаконско, ненавремено или недоволно стручно вршење на функцијата; доколку покажува дека не е способен за извршување на функцијата; ако не поднесува барање за покренување кривична постапка за случаи предвидени со закон или поради нарушување на угледот на функцијата.
Владата предлогот за разрешување на јавниот обвинител го доставува до Советот на јавни обвинители, кој е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот до Владата да достави позитивно или негативно образложение во пишана форма. Владата предлогот е должна да го достави до Собранието, а доколку Советот на јавни обвинители од оправдани причини не достави одговор до Владата во определениот рок, тогаш рокот се продолжува уште за 15 дена и доколку во овој рок Советот не достави мислење, се смета дека не го поддржува предлогот на Владата, се вели во Законот.
Инаку, денеска Советот на јавни обвинители одржа седница, но не расправаше за предлогот на Владата бидејќи, како што беше истакнато, предлогот се уште не пристигнал до Советот.