Етиката во македонските медиуми постои, но таа сè повеќе отсуствува во медиумското известување, оценуваат упатените во оваа област. Најголеми прекршувања на кодексот на новинарите и етичката рамка се забележани за време на предизборниот и изборниот период, но и во последните неколку месеци на политичката криза, велат од Советот за етика во медиумите.
„Медиумите сè повеќе го злоупотребуваат својот простор за да пласираат информации коишто служат за остварување на дадени идеолошки цели, меѓутоа не служат на јавниот интерес. Не велам дека сите медиуми се такви, меѓутоа има регистрирано доста тенденции кои се загрозувачки и значат отстапување од нормите на професионално и етичко известување“, вели Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите.
Од Советот сметаат дека концептот на саморегулација којшто го афирмираат е еден од најмоќните начини да се разрешат проблемите околу медиумскиот интегритет и непрофесионалноста во известувањето. Таквиот концепт подразбира прифаќање на механизмот на медијација како дел од процесот на решавање на жалбите, односно соработка од страна на медиумите кои ќе признаат дека згрешиле и на тој начин полесно ќе излезат во пресрет на јавноста.
„Она што го забележуваме во пракса како Совет е дека има тенденции на избегнување на саморегулацијата и игнорирање на истата, што значи дека медиумите може да се инволвираат во дискусија за овие прашања сè додека станува збор за некој друг медиум, но кога е засегнато нивното работење, тие како да ја подзабораваат саморегулацијата што навистина е проблем. Затоа ние апелираме дека саморегулацијата во овој амбиент не може да биде целосно успешна доколку нема соработка и од други институции, како што се Комисијата за заштита од дискриминација, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги или Јавното обвинителство,“ изјави Тунева.
Експертите велат дека различните видови влијанија и притисоци од економски и политички центри на моќ, е една од главните причини поради кои повеќето новинари и медиумски работници ја преминуваат границата на етичко известување.
Универзитетскиот професор по етика Дејан Донев истакнува дека кај нас најмногу треба да се зборува за медиумската етика, зошто праксата покажала дека на многу полиња таа исчезнува.
„Етиката секогаш се повикува кога ситуацијата не е добра. Таа е првата и најдобра шанса да го поправите проблемот, втората и последна шанса е правото - или ќе ве казни или ќе ви наложи. Етиката е прашање на слобода на волја. Може и кај нас да зборуваме за етика во смисла да ги подисправиме работите. Многу алатки за тоа има, само е прашање кај нас колку ние сме подготвени да сакаме тоа да го примениме“, вели професор Донев.
Од јануари 2015 година во Советот за етика добиени се околу 200 жалби, од кои најголемиот дел се однесуваат на случаи на еднострано информирање, дискриминација по различни основи, говор на омраза, неодвојување на факти од мислења и сл. проблеми во медиумското известување.