Достапни линкови

Медиумската пропаганда, по изборите, со полна пареа


Пред изборите, провладините медиуми привидно го нормализирале известувањето за политичките актери, но по изборите се вратија на старо, велат медиумските експерти.

Пропаганда на медиумите, во корист на одредени политички партии, имало и секогаш ќе има, велат упатените. Пропагандата особено доаѓа до израз за време на изборните кампањи. Според заклучоците од извештајот на МОДЕМ на Институтот за комуникациски студии, најчесто користени теми во изборната кампањата во провладините телевизии за негативно врамување на партијата СДСМ биле двојазичноста и федерализацијата.

Снежана Трпевска, која е дел од МОДЕМ, вели дека години наназад провладините телевизии известуваат и за време на избори и надвор од нив во корист на партијата на власт и на граѓаните им испорачуваат позитивна слика за нејзината работа. Пред изборите, провладините медиуми, како што посочува таа, привидно го нормализирале известувањето за политичките актери. Од извештајот, според неа, произлегуваат заклучоците дека за време на кампањата тие се вратиле на стариот начин на известување.

„Значи тој привид го тргнаа и повторно почнаа отворено да ја фаворизираат партијата на власт. Емитуваа многу прилози за проектите на власта за кои како промотор се јавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со што ја бришат границата меѓу државата и партијата и од друга страна за повторно да го демонизираат СДСМ“, вели таа.

Потоа, додава Трпевска, кај дел од критичките медиуми има само голо пренесување на пораките од политичките кампањи без отворање на теми кои ги засегаат граѓаните и без нивна анализа, а особено тоа е присутно на јавниот сервис кој немал неутрално, критичка позиција.

Мирче Адамчевски од Советот за етика вели дека на медиумите секогаш ќе биде присутна пропагандата.

„Човекот сега треба да е медиумски писмен, мислам гледачот или слушателот и читателот, за да може да разликува што е пропаганда, а што е вест и што е новинарска творба и вистина. Ние знаеме дека во разни центри на моќ, политички и партиски центри на моќ, се подготвуваат такви материјали и по потреба се исфрлаат и се спинува јавноста зависно за што станува збор за некое одредено прашање“, смета Адамчевски.

Трпевска истакнува дека луѓето сепак ги формираат своите ставови низ еден долг процес во кој влијаат голем број на фактори, како нивните политички определувања и ставови и припадноста на определени општествени групи.

„Луѓето селективно ги бираат оние медиуми кои ги поддржуваат нивните политички ставови. Потоа кога ги гледаат вестите постои феноменот на селективно перцепирање, ќе ги одвојам оние информации кои повторно во најголем дел ги поткрепуваат моите ставови. Третата појава е селективно помнење. Најмногу ќе ги запаметам оние информации кои повторно ќе ги потврдат моите ставови“, вели Трпевска.

Истражувањето на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги покажала дека 63 проценти од граѓаните се изјасниле дека медиумите различно информираат за сите настани, додека 75 отсто од анкетираните посочиле дека се информираат од повеќе извори.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG