Достапни линкови

Државните пари ги загадија медиумите


Нема добро платено новинарство во земја со лошо стопанство. Силниот продор на буџетски пари во медиумите придонесе до корумпирање на медиумските газди, уредниците и новинарите.

Медиумите во земјава го изгубија интегритетот, а добро платено новинарство не може да има во земја со лоши економски параметри, беше речено на денешниот форум „Интегритетот на медиумите и финансирањето, регионални искуства и домашни перспективи,“ организиран од Македонскиот институт за медиуми. Според главниот уредник на телевизија 24 вести, Младен Чадиковски, новинарството во земјава е до таа мера загадено колку што е деновиве високо аерозагадувањето. Според него постојат два фактори кои придонеле за ваквата ситуација.

„Една од главните причини се наоѓа во немањето политичка волја да имаме независно новинарство. Во еден систематски процес на уништување на медиумите во изминатите години ми се чини дека оваа влада успеа да искорени добар дел од стандардите на професионалното новинарство и да наметне поинакви стандарди кои не се за пофалба. Тоа се случи преку силен продор на буџетски пари во медиумите што пак придонесе до корумпирање на медиумските газди, уредниците и новинарите кои потклекнаа на овој притисок“, изјави Чадиковски.

Иако работите во моментот се променети на подобро, сепак македонскиот пазар е се уште далеку од тоа што треба да биде. За да се подобри состојбата потребно е раскинување на врската помеѓу државните пари и медиумите заклучи Чадиковски. Тој сепак е уверен дека медиумот може да биде успешен и без државни пари или средства од надвор, туку само со квалитет, почитување на новинарските стандарди и неправењето компромиси во новинарската професија.

Сопственикот и главен уредник на веб-платформата „Сакам да кажам“, Горан Михајловски, смета дека за да има пари во новинарството потребно е да се има добро стопанство. Во изминатите дваесет години цената на новинарството е значително падната, вели Михајловски и додава дека добро платен новинар е оној новинар кој добро го продал својот производ.

„Ако вие на новинарот не му обезбедите добра плата, ако не му обезбедите добри услови за работа или дневница кога оди на службен пат, ако го оставите со задоцнета или намалена плата, тогаш не можете да зборувате и да очекувате независно новинарство. Егзистенцијата е во прашање секаде. Тоа пак преминува од другата страна во еден вид рекетарство. Значи треба да ги разграничиме работите, добро платен новинар е новинар којшто добро го продал својот производ, не уценувал и не подмитувал“, рече Михајловски.

Колку е разочарувачка сликата во новинарската професија, Михајловски ја доловува со примерот кога на новинарите кои Владата ги носи на службено патување, таа им го плаќа кафето.

„Не можете да зборувате за новинар со интегритет, кога тој чека и кафето да му биде платено од владиниот портпарол“, заклучува Михајловски.

Она што исто така треба да биде предизвик на уредниците е да ги натераат читателите и гледачите да знаат да препознаат што е вистинска приказна, а што препишана, кој е веродостоен извор, а кој лажен, велат упатените.

Сликата кај локалните медиуми е уште полоша. Сопственикот на телевизија Коха од Тетово, Меваип Абдиу вели дека македонскиот пазар не може да поднесе толку многу електронски медиуми, особено пред секој изборен циклус. Медиумскиот плурализам постои само како географски сегмент, а квалитативно тој не е задоволувачки оти нема разновидност на содржините, вели Абдиу.

„Наместо пазарот да станува фин внатрешен механизам за регулација, моќта на националните телевизии постојано се зголемува и тие се претворија во своевидни феуди кои го делат профитот меѓу себе. За сметка на тоа јавниот радиодифузен сервис економски е девастиран, а регионалните и локалните медиуми останаа на маргините“, рече Абдиу.

На денешната трибина беа презентирани поенти од медиумските истражувања и мониторинг на Медиумската опсерваторија на Југоисточна Европа, која опфаќа активности за подобрување на информираноста и унапредување на медиумските реформи во земјите од регионот. Целта на проектот е да се посочат пречките во демократскиот развој на медиумските системи во земјите од Југоисточна Европа преку мапирање шеми на коруптивни односи и практики во развојот на медиумските политики и новинарството како професија.

Интересен податок кој зборува за еден доминантен тренд во регионот е тоа што едно од истражувањата покажало дека во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора единствени медиуми кои се покажале дека нудат квалитетни новинарски продукти во функција на интересот на граѓаните биле содржини објавени на непрофитните портали кои, пак, најчесто се финансирани од странски донации.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG