Достапни линкови

Напукна пропагандното огледало – власта се растрча да се брани


Прес-конференција на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Музејот на ВМРО.
Прес-конференција на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Музејот на ВМРО.

Поинаквиот пристап на медиумите кон обвиненијата на СЈО, наближувањето на изборите, но и влегувањето на обвинителството во УБК донесоа поинаква стратегија на ВМРО-ДПМНЕ, оценуваат аналитичарите.

ВМРО-ДПМНЕ поради повеќе причини очигледно ја смени стратегијата кон обвиненијата од Специјалното јавно обвинителство, оценуваат аналитичарите.

Час и половина по завршувањето на прес-конференција на СЈО за случајот „Тендери“ во кој беше спомената „првосомничената - раководно лице во Министерството за култура“, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Музејот на ВМРО со документи на новинарите им објаснуваше дека не е виновна.

Брза реакција имаше и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Во вториот случај на СЈО, „Топлик“, првоосомничениот, како што рекоа, бил раководно лице во ова министерство.

Реакциите сега се различни од оние за претходните случаи на СЈО, кога осомничените во истрагите се јавуваа со кратки соопштенија, обраќања во кои го обвинува СЈО за блискост со СДСМ или пак даваа писмени изјави за одредени медиуми.

„Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ е сменета затоа што нивното волшебно медиумско огледало е малку поткршено и се наѕира втората страна од приказните и од настаните што ни го одбележуваат секојдневието. Веќе не може ВМРО-ДПМНЕ да опстои во јавноста само со игнорирање на проблемот и само со оние флоскули дека некој е предавник, работи со странски сили или да се демонизира од опозицијата или граѓанските активисти“, вели Жанета Трајкоска од Високата школа за новинарство и односи со јавноста.

Според неа, поинаквата стратегија за односи со јавноста на владејачката партија може да се забележи и по зголемено присуство на нејзините функционери на телевизиските соочувања.

Тоа, пак, се должи на зголемениот притисок на меѓународната јавност, но и на продолжениот мониторинг на Агенцијата за медиуми во последниве неколку месеци, смета Трајкоска.

Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, сето ова го доведува во контекст и со влегувањето на СЈО во Управата за безбедност и контраразузнавање, со што, како што вели, се покажало дека досегашните опструкции на работата на обвинителство не го дале веројатно планираниот ефект.

„Самиот факт дека имаме и во судството судии кои професионално се однесуваат и му овозможуваат на СЈО да ја сработи својата работа е чинител кој на тие кои се чувствуваат дека ќе бидат цел на работата на СЈО не им генерира само непријатност, туку дефинитивно и страв и затоа мислам дека реакциите се такви“, вели Муслиу.

Обвинителството, кое, откако беше надминат проблемот со аболиција, работи со полна пареа во следниот период ќе излегува со се поподготвени случаи, смета Муслиу. Поради тоа ќе се смени и изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, па наместо позитивните проекти како што планираа ќе се насочат и кон напади на СЈО и опозицијата.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG