Се отвора информативен портал во странство за што потешко да се открие сопственикот и нарачателот на медиумот. Се објавуваат текстови без потпис на автор за да не сносат одговорност за напишаното. Најчесто се вработува еден, најмногу до двајца препишувачи на текстови во редакцијата. Потоа интернет страницата се зачинува со малку национализам, па малку вести од соседството каде се разбира е полошо од кај нас дома, па малку информации за лековитите дејства на сода бикарбона и ѓумбир за кои замислите пишуваат дека лечат рак или СИДА и се разбира за убиството на некоја си Јелена од Србија.
Клучната состојка е голем куп лаги слатко спакувани во духот на патриотизмот, а по вкус може да се додаде и малку говор на омраза, па сето тоа се пече едно два три дена и се сервира како ладно јадење на гладната публика на социјалните мрежи. И вирусот лажни вести почнува да се шири. Се споделува од еден на друг профил, незадоволството и загриженоста кај фејсбукџиите, твитерџиите и останатите корисници на социјални мрежи расте, а анонимниот сопственик заработува од реклами поради големата читаност или собира политички поени доколку порталот е отворен во ек на политичка кампања.
Ова не е само македонски рецепт за ширење на дезинформации, извртена вистина или пропаганда. Во изминатиов период, ова стана глобален тренд на кој и Македонија не е имуна.
До неодамна лажните вести најчесто се однесуваа на приказни за како да се излечи рак или некоја кожна болест во пет чекори или како преку ноќ да се ослободите од брчките на лицето користејќи краставица, поведени од тоа дека речиси сè може да помине на интернет. Но денеска лажните вести во медиумите станаа масовно политичко оружје кое се вперува во политичкиот опонент, првата жртва е јавниот интерес, а ранети се граѓаните кои ги впиваат такви лажните информации како насушна вистина.
Феномените како популизам и национализам сега се поврзуваат со лажни вести со што се создава плодна почва за слепа неразумност, велат комуниколозите. Главна цел им се помладите кои воглавно се информираат на интернет со помош на своите паметни телефони.
Неодамна информативниот портал НоваТВ откри интернет страници кои накратко за време на кампањата за парламентарните избори објавија лажни вести на македонски и албански јазик, а чии сопственици се функционери или блиски на владејачкото мнозинство.
„Заев договарал поделба на Македонија во Швајцарија“ е насловот на веста на српски и хрватски портали кои и го привлекле вниманието на долгогодишната новинарка Маја Јованоска.
„Веднаш ги проверив порталите и кога го проверив во хрватскиот регистар на домејни, хрватскиот портал нè врати назад во Македонија. Ја проверивме фирмата, зад фирмата стои лице од Берово и тој е маркетинг директор во провладиниот портал Пулс24, којшто е во сопственост на висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ и веднаш стана јасно од каде доаѓаат овие вести“, вели Јовановска.
Таа додава дека двата портали регистрирани во соседството „сазнајемо.рс“ во Србија и „Ало.ком.хр“ во Хрватска се регистрирани на 15 ноември и имаа објавено идентични три содржини за Заев, Сорос и Хилари Клинтон, а потоа наголемо нивните текстови ги споделуваа членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Таа додава дека откако НоваТВ ја објави сторијата, сајтовите за два часа беа згаснати.
„Не стигна демант до нашата редакција дека стои некој од ВМРО-ДПМНЕ зад оваа игра, но штетата беше направена. Оваа вест се шеруваше и натаму и после целата кампања на ВМРО-ДПМНЕ се базираше токму на федерализацијата, којашто нели ја договорил Заев. Дури и кога одевме на митинзи, кога анкетиравме членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, тоа беше цело време, дека тие се против Заев, затоа што тој ќе ја федерализира Македонија“, вели таа.
Во изминатиов месец во дел од медиумите на албански јазик се објавуваа шпекулации кои непроверено се нудеа како апсолутна вистина. На пример дека тројца пратеници од ДУИ ја напуштиле партијата или дека партиите и СЈО се пазарат за случајот Монструм. Ни македонските политичари не беа поштедени од лажните вести, имаше објави и за апсења на владини функционери кои подоцна се покажаа дека се неточни.
Стручњакот за дигитални медиуми Зоран Ричлиев, кој е дел од тимот на БИРН, вели дека лажните вести во изминативе години се катастрофа која чекаше да се случи. Тој објаснува дека денес може да отворите стотици интернет страници и на нив да поставите содржина, а при тоа да немате ниту редакција ниту новинар. Лесно се кријат трагите на сопствеништвото и затоа ова е една опасност која одамна постоеше, но сега доби на значење откако пукна политичкиот балон со лажни вести, односно лажни веб-страници зад кои стојат политички и економски моќни центри, објаснува Ричлиев.
Случувањата околу американската изборна кампања и лажните вести за кои дел од американските медиуми посочија дека се виновници за порастот на поддршката кон новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја подигна свесноста на глобално ниво за овој проблем, вели Ричлиев. Следуваа и чекори и од Фејсбук и Гугл за заштита од лажните вести.
„Тоа во исто време ја подигна свесност на публиката дека не сè што ќе прочита на интернет дека е точно, така што лажните вести, овој балон што пукна со нив, според мене, направи една позитивна промена затоа што ја покрена свесноста за потребата од медиумска писменост, потребата од проверка на изворот на информациите и потребата од постоење на вистински медиуми. Дојде време да се разделат лажните од важните“, вели Ричлиев.
Светскиот тренд на пласирање на лажни вести е поттикнат од идејата дека со самото отворање на интернет страница, рекламите веднаш си доаѓаат и се заработуваат повеќе пари, а по пат се користи сензационализмот за да се привлечат повеќе читатели, вели Виктор Дано, ко-основач на Стартап Македонија.
„Но, тоа што тие го работат е криминално и сигурно е измама, бидејќи прво крадат содржина од други, прават плагијат вести и претставуваат лажни информации. Тоа се апсолутно лажни вести. Не се ни во рамките на пародија, туку комплетно намената им е да шират теорија на заговор“, вели тој.
Алтернативните факти оддамна се дел од поголемиот дел од медиумскиот мејнстрим. Со години во земјава се гради розовата слика за огромните подвизи на Владата, за економскиот бум, за инфрастуктурна револуција, а ретко кој медиум ја проверил фактичката состојба на терен, велат луѓето од медиумската фела.
Постојат и позитивни примери во медиумската сфера кои се занимаваат со истражување и се издигнуваат над гнилата медиумска состојба. Тоа се медиумите кои во јавноста се етикетирани како непријатели на земјата, но нивните објавени информации се секогаш проверливи и докажани, а не се ни оспорени од владејачкото мнозинство.
Еден од начините за борба против ваквата негативна појава на пласирање лажни вести е обидот на професионалните новинари и медиуми да ги разобличат таквите сајтови, со помош на основните новинарски алатки, односно со консултирање на повеќе извори на информирање, прикажување на целосната слика и контекст како и проверка на фактите кои се наведуваат во новинарските текстови, вели Марина Тунева од Советот за етика во медиумите.
„Фалш вестите сè повеќе добиваат простор во медиумите, се шират како вирус, којшто е заразен и остава многу лоши последици. Последиците се и по работата на медиумот, работата на новинарите, нивниот кредибилитет, но исто така се многу големи и на страната на јавноста. Ако граѓаните во таа битка за да дојдат до вистинската информација мораат со мака да трагаат по информациите, по тоа што е вистината, каква е тогаш целта на медиумите?“, прашува Тунева.
Јовановска вели дека е потребно да се покрене свеста за интернет култура. Но, од друга страна, посочува дека многу колеги новинарскиот занает го сведоа на копи-пејст новинарство.
„Да не речам срамота е, на пример едно обично соопштение ќе излезе од некоја партија, дури ни насловот што го става партијата на соопштението не го менуваат. Значи новинарите мора од соопштението да ја извлечат веста. Отворете на тиме.мк ќе видите дека за едно соопштение од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ ќе видите дека насловот е ист, ништо не е сменето, нема додадено бекраунд, ниту некоја информација плус. Сè се базира на копи-пасте, за жал таква е ситуацијата сега. Се надевам дека мора да има некаква регулација, да се дистанцира кои се вести за забава, кои се информативни, за да имаме една рамноправна борба на пазарот“, објаснува Јовановска.
Ричлиев додава дека секоја вест зад која не стои релевантен извор е лажна вест на која не може да и се верува. Во Македонија е создадено едно правило во кое многу медиуми функционираат во форма на кластери, каде што еден медиум ќе објави вест истата ќе е објавена на ист начин на останатите, вели тој.
„Особено затоа што имаме слаби медиуми, кои се финансирани од политички партии, некои дирекно, некои индиректно, но постојат многу медиуми за кои е јасно дека не се финансираат од публиката, по комерцијални принципи, така што голем дел од нивната содржина ја сметам за лажна“, вели Ричлиев.
Тунева, пак, вели дека од друга страна е потребно да им се овозможи на граѓаните кои како публика ги консумираат информациите.
„На јавноста и е неопходно да и се помогне со создавање на еден конгнитивен репертоар на информации и сознанија кои ќе и помогнат да процени што е тоа што не чини во приказната“, вели Тунева.
Ричлиев, пак, вели дека еден дел од медиумската писменост подразбира публиката да знае што е медиум, кој стои зад тој медиум, односно да биде јавно достапно информацијата за сопствеништвото и авторите на текстовите.
Тунева додава дека една од негативните последици е контаминирањето на публиката со лажни информации кои подоцна на таа основа носат и одлуки кои се однесуваат на општеството.
Европските земји формираат центри за борба против дезинформации
Во светот се појави и тренд и дебата за тоа како треба да се справиме со овој проблем. На пример, чешката влада формираше нов центар за анализа и борба против дезинформации пред изборите во текот на оваа година. Но, тоа веднаш беше нападнато од шефот на државата Милош Земан како „цензорство“.
Гоце Атанасов
Бегалската криза била организирана од Соединетите Држави. И Титаник не удрил на ледена санта, туку тоа било голема осигурителна измама. Ова, според чешкото радио, се две од најпопуларните лажни вести во Чешката Република во 2016 година. Сега, во чешкото Министерство за внатрешни работи работи нова единица кој се бори против нив, која е наречена Центар против тероризам и хибридни закани. Ева Романцова е шеф на единицата.
„Нашата разузнавачка служба регистрира дека веќе неколку години најголемата закана доаѓа од Русија. Заканата се зголеми во последно време и на Русија се гледа како еден од најголемите агресори кои користат таканаречени хибридни кампањи“, вели таа.
Истакната либерална чешка тинк тенк организација „европски вредности“ соопшти дека десетина лажни вести ширеле екстремистички и лажни информации, повеќето од нив со мешање од Кремљ. Но, новиот центар веднаш дојде под удар на чешкиот претседател Милош Земан.
„Не ни треба цензорство. Не ни треба „цврста полиција“. Не ни треба нова канцеларија за печат и информирање ако продолжиме да живееме во слободно и демократско општество“, вели тој.
Портпаролот на претседателот го исмеја новиот центар нарекувајќи го „Орвелско министерство за вистина“ и оцени дека тоа е непријателски акт спрема новиот американски претседател Доналд Трамп.
Меѓутоа, Романцова вели дека нејзината единица се бори против она за што смета дека може да биде дезинформација.
„Сакаме да направиме информациите да и бидат достапни на јавноста, да го спречиме ширењето на дезинформациите, не преку цензорство, туку со презентирање контра информација“, вели таа.
Чешката контраразузнавачка служба предупреди дека Кремљ користи дезинформации за да ја поткопа довербата во НАТО и Европската унија и да ја зголеми поддршката на политичките екстремисти. Чесите во октомври ќе гласаат на општи избори и Романцова вели дека справувањето со надворешните влијанија врз кампањата е клучна задача на новиот Центар.
Од друга страна Фејсбук најави дека во следните неколку недели ќе направи платформа на социјалната мрежа во Германија со цел да го намали бројот на лажни вести. Германските политичари предупредуваат дека популистичките партии и странските земји може да ги употребуваат лажните вести како би влијаеле на исходот на изборите, кои треба да се одржат во септември или октоври годинава. Во Германија е забележан пораст на говор на омраза откако во земјата влегоа повеќе од милион мигранти, а токму лажните вести поврзани со мигранти можат да влијаат на јавното мислење.
Британската ББС формира тим за проверка на реалноста, а целта ќе биде проверка и откривање на стории кои се лажни или намерно наведуваат на погрешен заклучок, а се водат како вистински вести.
Двајца сенатори од Калифорнија предложија и закон за справување со лажните вести, кој опфаќа обука односно задолжителни часови во основните и средните училишта за медиумска писменост со цел развивање на критичко размислување за да можат младите да препознаат фабрикувани или неточни вести.