Со планот се предвидува социјалните мрежи да мораат да им го откријат на властите идентитетот на оние што стојат зад таквите постови. Германскиот министер за правда Хеико Мас вака го образложи предлогот:
„Провајдерите на социјалните платформи и мрежи се одговорни доколку нивните платформи се злоупотребени да шират кривични дела од омраза и лажни вести. Мора да се стесни просторот за предизвикувачите на социјалните мрежи како што е тоа и на улица. За да се постигне тоа, како и со цел соодветно да се применуваат постојните закони ние се решивме за овој закон. Исто така тоа им го должиме на жртвите на злосторства од омраза чиј број, за жал е во пораст.“
Министерот Мас додаде дека Берлин ќе инсистира вакви правила да бидат донесени и во рамките на Европската унија.
Германија и сега има една од најстрогите легислативи во светот што се однесува на говорот од омраза.
Во тоа се вклучени клеветата, јавното поттикнување на вршење кривични дела и закани, додека затворски казни се предвидени за негирање на Холокаустот или за иницирање омраза спрема малцинствата.
Прашањето доби во ургентност и поради загриженоста од ширење на лажни вести и на расистички содржини на социјалните медиуми.
Имено, германскиот политички естаблишмент е загрижен дека тоа може да има влијание врз јавното мислење во пресрет на годинашните парламентарни избори.
Според планот, на социјалните мрежи ќе им биде даден рок од 24 часа да ја избришат или блокираат содржината со јасен говор на омраза.
За оние кои не се толку експлицитни рокот на бришење е седум дена.
Социјалните мрежи исто така имаат обврска да дадат извештај за сите такви случаи.
Компанијата која нема да го спроведува законот што се очекува да биде донесен пред изборите во септември годинава, ќе биде казнета со 50 милиони евра, додека претставникот или шефот на таа компанија во Германија со парична казна од 5 милиони евра.