Изјавата на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во интервјуто за Радио Слободна Европа дека во Македонија ниту ќе се градат станови за бегалци и мигранти, ниту има предвидено буџет за таа намена и дека стратегијата за бегалци што ја донесе новата Влада е во голема мера продолжение на онаа изготвена од владата на ВМРО-ДПМНЕ, а сега истата партија зборува против неа, покажуваат колку нашите граѓани, всушност, се исплашени од последните терористички напади низ Европа, па се чини тој страв го преточуваат во недоверба кон работата на новата гарнитура на Илинденска бр. 2. Па во коментарите и постовите на нашата ФБ страница излеваат критики, честопати неосновани, дека новата влада лажела, дека државата била продадена, проследени дури и со говор на омраза.
Времето ни дозволува да претставиме само неколку постови, па Игор Јовановски напишал: „Излажаа за платформата од Тирана, за двојазичноста, за договорот со Бугарија, ги излажаа пензионерите, излажаа за мерцедесот дека ќе го продадат, излажаа за животот, нема живот, стопирани проекти, ја презадолжуваат државата, ќе излажат и за бегалците“.
Златко Кузмановски заклучува и ѝ се обраќа на Царовска: „Значи, ќе си ги прибереш кај тебе дома“, а Даут Јашари прашува зошто советниците по локалните самоуправи „бегаат од дебати и кога ќе дојде време за гласање ја напуштаат седницата“.
За тероризмот кој стана европско секојдневие и дека е потребна внимателност и во Македонија, исто така огромен број ваши постови. Али Мемети смета дека тука во Македонија немале интерес Израел и Америка кои плаќале и ги лажеле младите во Европа да ги мразат муслиманите и дека Германките, како што вели, „се мажат за муслимани и раѓаат по пет деца“.
Филип Спасовски се согласува со еден дел и постирал дека терористите „ги произведува Америка само за пари. Нив не им е гајле за религија или националност, свето им се само парите. Вакви затуцани има во секоја религија, немаат што да прават во животот, па ајде, ќе убиваат во божјо име“.
Разрешувањето на Зврлевски помина, но фановите на Радио Слободна Европа постираат и за тоа. Едни извикуваат да се престанело со „предавства и разнебитување на Македонија“, како Горан Мрки Стрезовски, кој прашува: „Нема ли некој да го крене народот во голема МАКЕДОНСКА РЕВОЛУЦИЈА и да се оди ДО КРАЈ!?!?“ Но, потпишан со Зено Зено порачува: „Барем вие од ВМРО немојте да зборите за прекршување на Уставот, милион пати сте го правеле тоа, имате право само на молчење!“